Насилното превртување на улогите во истражната постапка на министерот за внатрешни, речникот на премиерот кој говори дека ќе ги закопа политичките противници во овие мигови на седмодневна жалост ја прелева чашата полна солзи и ја прави – чаша на жолч
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Се наоѓаме среде уште една траурна атмосфера во земјава. Една од многуте. Само да се потсетиме дека имавме изгорени 46 граѓани, меѓу нив 7 деца во автобус на автопат во Бугарија (ноември 2021) и дали најдовме виновници? Колку долго се тегавеше целиот процес за да заврши без било каква одговорност на било кое ниво! Просто се пропушти одговорот зошто билетите за Истанбул и назад биле толку мали, симболични, како што јавно запраша еднаш порано почитуваниот професор Владимир Пивоваров? Дали зад тоа се крие друг бизнис – се запраша тој? Првичните истраги, оние на царината во Деве Баир покажаа дека тоа не е место каде се контролира економскиот и правниот систем на државата туку дека е една бизнис испостава каде веројатно, според оној виц, секој цариник се натпреварува со колегите што повеќе смени да има во месецот. Но, не се отиде понатаму и покрај фактот што изгледаше дека селаните од Батинци, од каде беа речиси сите жртви, беа решени да ја истераат правдата до крај. Дојдоа многу нови избори потоа и се втурна политиката со своите интереси во селото и бидна некакво затворање на случајот.
Да не говориме за страдањето на патниците од Ласкарци (февруари 2019), која е класичен пример на најпримитивна политикантска корупција на сите нивоа на власта, што делумно се откри во истрагата а за честите промени во истражните тимови да не говориме. Имаше 16 жртви, 30 повредени а процесот се влечеше 5 години, при што целиот товар падна на возачот кој доби 16 години затвор а сите други, виновни по хортизонтала и вертикала, добиваа по тројно помали казни. Починатите беа главно луѓе кои постојано патуваат секое попладне назад во својот роден град, по завршувањето на работното време во Скопје, некакви гастарбајтери на куси патеки кои едно поладне еднопставно – не се вратија дома. Имаше тука веднаш големи ујдурми, пред се околу возачот а јас пишував на Фејсбук веднаш по несреќата околу моите сомнежи дека големите газди и по правило финансиери на големите партии нему ќе му ја натоварат вината, заобиколувајќи ја вината на другите, порелеватни фактори. Гостивар очекувано бргу ја заборави својата тага а никој на политички план не беше казнет, иако сите во градот знаат „за кого дише“ газдата на фирмата, кој спокојно си продолжи да фунцкионира. Како и оној газда поврзан со несреќата во Бугарија, иако тогашната јавна обвинителка дојдена на лице место на автопатот пред камерите – наши и на бугарските тв куќи – му закануваше на сопственикот дека, така да речам, во нејзин стил „ќе го истресе сосе гаќи“.
И ете не сега на нов старт на оплакување на, овој пат најголем број жртви во земјава после скопскиот земјотрес од 1963 година! Црниот биланс од несреќата во Кочани е 59 згаснати млади животи, како и 155 лица кои се повредени во стравотниот пожар што во неделата наутро избувна во дискотеката „Пулс“ во овој град.
Па да цитирам еден наш колега кој во Слободен печат ќе напише:
„Во Македонија животот се сведе на живот меѓу две катастрофи, а оваа несреќа е резултат на целосната затаеност на системот. Мислев дека по несреќата во Тетово (септември 2021 г. – н.з.) кога гореа живи луѓе, дека нешто ќе смени во Макеоднија, односно дека нема да случи ништо слично во иднина. Сепак, како што имавме две трагични авионски несреќи, две трагични автобуски несреќи со многу жртви и повредени, така и по втор пат ни се случува пожар на место со многу луѓе. Објектот во кој бил одржан концертот видовме дека личи на кокошарник, а дискотеката работела со фалсификувана лиценца. Сепак, на тоа место претпоставувам редовно се одржувале забави на кои присуствувале и малолетни лица. Ова е огромна трагедија за Македонија и се надевам дека конечно ќе бидат извлечени поуки за во иднина“ – вели новинарот на Слободен печат, Срѓан Ивановиќ.
Оние кои ја носат одговорноста во земјата во овие траурни мигови сега се обидуваат да ја одземат истрагата и да претворат во оружје во корист на нивниот нов обид за воведување на еднопартизам. Но, народот ја препозна веднаш таа маневра која има за цел да профитира на еден многу подмолен, низок начин и затоа власта – на свое разочарување – доживува одговор кој не го очекувала. Министерката за образование која влезе на собирот на студентите на УКИМ без најава, низ капиџикот на ректорката на Униврзитетот, доживеа свирежи. Ова заслужува посебен осврт секако.
Писателката Румена Бужаровска објаснува што се случи на тој собир на платото пред УКИМ, каде студентите требаше да одржат организиран заеднички час за искажување почит кон жртвите кои настрадаа во трагедијата во дискотеката во Кочани.
Текстот на Бужаровска објавен на Фејсбук гласи:
„Присуствував на денешниот собир организиран од студентите на платото на УКИМ. Платото беше полно. Реки млади видно истрауматизирани луѓе се слеваа кон универзитетот. Немаше место каде да се стои. Во траорната атмосфера во која сепак се чувствуваше сплотеност, одржавме седум минутен молк.
А потоа излезе да зборува Ректорката. На универзитетски собир тоа до некаде го разбирам, но не разбирам зошто први не се обратија студентите. За жал во говорот на Ректорката немаше збор за одговорноста и за системот што ги уби децата и уби еден цел град, туку беше полн сентиментални флоскули, во кое време му се слоши на млад човек во толпата. По траорната пауза во која се бараше доктор, Ректорката продолжи со празниот говор. Очекувавме дека потоа ќе излезат да зборуваат младите, но не, излезе Министерката за образование и застана пред Филозофскиот факултет, чии предмети етика и логика неодамна ги укина во средното образование.
И знаете што направи Министерката? По редицата нови празни флоскули, како да е на школска приредба, ни изрецитира песна од Ацо Шопов, онаа дека ако носиме нешто неизречено што нѐ притиска и пече, го закопуваме во длабока тишина и тишината треба сама да го рече. Сакаше да го поврзе со седумте минути молк, изгледа, но всушност, со неодговорното рецитирање на поезијата, на студентите им порача дека треба да молчат, дека треба болката и гневот да ги закопаат во тишина. Во меѓувреме уште на неколку луѓе им се слоши и повторно доктори се пробиваа низ гужвата.
Во толпата студентите почнаа да викаат У-А и да ѝ свиркаат на Министерката. Наеднаш се појави интервентна полиција и застана до неа. Министерката престана да зборува, а еден студент, веројатно од собранието (не видов кој) излезе и ни порача дека не сме тука за да правиме бунт, туку за да бидеме сплотени и да оддадеме почит кон жрвите.
Тоа беше единствениот глас на студент или млад човек што го слушнавме по оваа трагедија на овој настан.
Наместо да се извинат за ова што се случи, за системската неправда што со децении нѐ убива и кулминираше во Кочани во неделата наутро, оние што имаат власт во општеството – Министри, па и Ректори – го узурпираа гласот на младите за нивни цели.
Верувам дека сите сме сѐ уште во шок и не знаеме да се справиме со вакви злоупотреби. Но гласот на студентите, гласот на младите и гласот на сите што со децении сме жртви на коруптивната власт што само си ја префрла вината, а и моќта, мора да се слушне, и верувам дека ќе се слушне“, напиша Бужаровска.
Такво нешто доживеа власта и во Кочани, градот со 25 илјади жители што ја изгуби младоста, кој препозна калкулации во ставот на партијата на власта која секако не му дозволи на градоначалникот на Кочани да излезе во јавност, плашејќи се за себе, за својата позиција. На денот на оддавањето на почит, во понеделникот, градоначалникот даде неотповиклива оставка преку Фејсбук чувствувајќи го гневот на сограѓаните, со кои ќе треба да живее: соседи му семејствата што останале без едно или две деца. И обвинителите набргу го доведоа пред истражен стол, бидејќи, тој на својата функција има свои одговорност и во доменот на забавата, но генерално и во доменот на безбедноста на сограѓаните.
Протестите што се одржуваат и во другите градови покажуваат дека обидот за политички профит за сметка на толкав број жртви се враќа како бумеранг.