ЏАБИР ДЕРАЛА
Со вториот обид за атентат врз Трамп, руската пропагандна машинерија ја искористи можноста да поттикне поларизирачки наративи. Крајно време е да се постават прашањата за улогата на политичкото насилство и неговата експлоатација во пропагандните цели на руските и други непријателски центри на моќта
Рајан Весли Рут е осомничен за обид да изврши атентат врз експретседателот на САД, Доналд Трамп, на 15 септември. Ова е втор обид, по оној на 20-годишниот Томас Метју Крукс, инаку регистриран Републиканец, кој пред точно два месеци, на 15 јули, пукаше на Трамп, му го погоди увото, а уби двајца во публиката. Овие два тешки инциденти по безбедноста на Трамп се темни дамки на турбулентниот изборен процес во САД, и материјал за креирање различни пропагандни и дезинформациски наративи, како во земјата, така и низ целиот свет.
Освен што се работи за грозоморен чин на екстремно насилство, овој втор напад, како и самиот профил на 58-годишниот напаѓач е извонредна можност за Трамп да го сврти вниманието на себе и да ги потисне тешките неуспеси на неговата кампања и јавните настапи, како на дебатата со потпретседателката Харис, така и од неговите настапи потоа.
Плодна почва за руската пропаганда: Зајакнати наративи за „падот на Западот“
Овој настан обезбедува плодна почва за руската пропаганда, која со сите сили се обидува да ја искористи секоја ситуација за да предизвика политичка и безбедносна нестабилност на Западот. Стратезите на Кремљ често ги користат случаите кога има превирања во САД за да ги засилат своите наративи за „падот на Западот“. Овде не се работи само за прикажување на Трамп како жртва, туку станува збор за зајакнување на еден поширок пропаганден наратив за „дисфункционалност на САД“ што има ефект и кај руските граѓани и кај антизападната публика на глобално ниво.
Ревносниот државен пропагандист, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, побрза да направи своја пропагандна конструкција од новиот обид за атентат врз Трамп. Тој директно ги обвини американскиот претседател Бајден и Демократската партија дека го ставиле животот на Трамп во „очигледна“ опасност.
Според Песков, Бајден и Демократите го испровоцирале обидот за атентат со цел „да го отстранат од претседателската трка“, откако претходно не успеале со „правни алатки, судови, обвинители, политичко дискредитирање и компромитирање на кандидатот.“
Се разбира, Песков не заборави да повтори по којзнае кој пат да „предвиди“ граѓанска војна и распаѓање на САД.
Усогласување на Трамп со руските пропагандни наративи
Руската пропагандна машинерија и нејзините проруски медиумски мрежи низ Европа и светот одамна ја совладаа уметноста на вирални дезинформации. Тие со голем успех ги користат платформите како Х (поранешен Твитер), но и други, навидум маргинални, форуми, преку кои пропагандните наративи брзо се шират. Нивна главна храна е поларизацијата во САД и другите демократии. Алгоритмите на социјалните мрежи, дизајнирани да му дадат приоритет на ангажманот пред точноста, дополнително ги засилуваат овие расколнички наративи, дозволувајќи им на дезинформациите за обидот за посегнување по животот на Трамп да достигнат милиони за неколку минути.
Да погледнеме како се рефлектира овој немил настан на насловите во медиумите. Светските медиуми во своите многубројни наслови ја содржат и информацијата за опседнатоста на Рут со Украина (што не е негова прва опсесија), но воедно објавуваат и долга низа други наслови поврзани со вториот обид за атентат врз Трамп. Руската пропаганда и проруските медиуми низ Европа и пошироко, главниот акцент го ставаат токму на тој податок – атентаторот Рут регрутирал волонтери за Украина. И не пропуштаат да ја објават и изјавата на Песков во која, да повториме, се „прогнозира“ граѓанска војна и распад на САД.
Во проруските медиуми (речиси воопшто) не се спомнува дека Харис и Бајден веднаш го осудија насилството. Овој селективен пристап, секогаш да се „пропуштат“ дел од фактите, е клучен елемент на стратегијата на Кремљ, бидејќи создава наратив каде што САД не само што се нестабилни, туку и нивните лидери се соучесници во таа нестабилност. Преку минимизирање или потиснување на обединувачкиот карактер на Бајден и Харис, Кремљ дава слика на длабоко поделена и опасна Америка – наратив што добива уште поголема видливост и влијание кога во прв план се пласираат домашните актери (како Илон Макс) кои се целосно усогласени со Трамп.
Илон Маск – илустрација за начинот на кој се шири омразата
Во тој контекст, интересно е да се забележи случајот со објавата од ултрабогаташот Илон Маск кој, веднаш по инцидентот, постави прашање на Х, а потоа се предомисли и го избриша: Зошто никој досега не се обидел да ги убие Џо Бајден и Камала Харис?
Да не одиме подлабоко што сè значи овој коментар – доволно е да се констатира дека најмалку што може да предизвика е да мотивира политичко насилство против Бајден и Харис. Но веќе одамна е установено дека овој и слични наративи се само уште еден дел од поларизирачката кампања што ја водат Трамп и неговите приврзаници и спонзори со години наназад. Маск, кој има речиси 200 милиони следбеници на Х е еден од најревносните меѓу нив. Неговото дејствување на социјалните мрежи е добра илустрација за начинот на кој се шири омразата.
Треба да се забележи дека кај Трамп и неговите следбеници и поддржувачи и нема некоја вистинска осуда за политичкото насилство или повик на заедништво и граѓанска акција да се надминат разликите по пат на дијалог. Ништо од тоа – само бескрајно конфронтирање и неуморно повторување на лагите и навредите. Притоа, постојано се инсистира дека тие се жртви, а не оние кон кои тие ја насочуваат својата отровна пропагандна стрела.
Како домашните актери можат да станат ненамерни (или намерни) партнери во хибридните напади
Пропагандните наративи на Трамп, исполнети со омраза, лични напади и дискредитација на политичките противници, создаваат плодна средина за руската пропаганда и дезинформациски кампањи. Претставувајќи се себеси како постојана жртва на политички заговори, Трамп ненамерно – или можеби сосема свесно – ги засилува наративите на Кремљ за скршена, нестабилна Америка. Тој и самиот безброј пати во кампањата повторува дека „Америка е пропадната држава“.
Ова усогласување меѓу неговата реторика и руската пропаганда покажува како домашните актери можат да станат ненамерни (или дури и намерни) партнери во хибридните напади кои доаѓаат од Русија, Кина или други малициозни центри на моќта, давајќи им полн замав на дезинформациите, со што уште повеќе ја поларизираат американската јавност и го поткопуваат демократскиот дискурс. Тоа особено е опасно за време на изборните процеси. И се разбира, овие споредби можат целосно да се аплицираат на состојбите во сите други земји на Западот.
Руската пропаганда не е тука да се занимава со фактите и вистината, туку да ги искриви во корист на диктаторската клика во Кремљ, а воедно да им помогне на своите партнери – авторитарните ликови низ светот. Што се однесува до Трамп, останува да се види дали и колку ќе профитира од овој нов инцидент насочен против неговата безбедност. Останува нејасно колку и на кој начин тој свесно се впушта во истиот колосек со руската пропаганда и хибридните закани против САД и Западот.
Денеска е 17 септември. До изборите во САД остануваат само уште 48 дена. Последиците од поларизацијата на домашен терен и пропагандната војна однадвор може да бидат погубни за американската, но и светската демократија.