АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Која е сега логиката на премиерот која стои на спротивен пол од логиката на неговата партиско-министерска и пратеничка елита? Која не само што мати и разнишува, туку дури и ја укинува логиката на таа елита? Која без некое, ајде да речеме, тивко негодување зад кое татни огорчен отпор, кротко се покорува на мекото, многу повеќе советодатвно отколку авторитарно барење
Погледнете ги заоблените, пополнети и добро затегнати обравчиња на двајцата портпароли Костадиновски и Бошњаковски. На министрите Сугаревски, Манчевски и Десковска. Па на онаа легенда Кирацовски кој уште како технички почна да си плаќа чорби со министерска картичка. Па на…итн.итн. Имаат ли тие baby face обравчиња блага врска со строгите, суви црти на монашки, аскетски образ кој жртрвува живот на олтарот „живот за сите“? Ни од далеку, за што добро зборуваат многу катадневни, банални, непотистички факти.
Добро, ќе се рече (и тоа со право!) ниту оние портпароли на власта, ниту нејзините министри и пратеници се некои аскети и монаси. Уште помалку треба да бидат затоа што и ним, нели, „сè што е човечко“ не „им е туѓо“? Затоа што е така тоа, некако природно му доаѓа: и хедонизмот на сегашната елита на власт е поблизу до животната филозофија „сè што е човечко“ отколку до оној аскетски и монашки аскетизам (морал) кој е, како што се знае уште од времето на Маркс, еден „опиум за народот.“ Или гол популизам како што се вели денес.
Па потоа: кој вели дека олтарот „живот за сите“ не подразбира живот (и) за блиски? Како, на пример, браќа, сестри, братучеди, тетки стрини итн.? Кој вели дека сите оние пратеници и министри кои го следеле правилото: конкретно е она што е околу тебе. Па потоа оние кои се околу твоите и, најпосле, онаа огромна, анонимна маса (народ) за кои малку или ништо знаеш? И затоа се апстракција! Бидејќи е така тоа во животот, бидејќи конкретноста е подобра од која било апстракција, тешко ли е да се разбере зошто, сегашната политичка елита на власт тргнува од конкретни луѓе? А конкретни се, нели, сите оние од нивната непосредна близина, на кои им наоѓа добро платени места во државни фирми? Како, на пример, во веќе култните ЕЛЕМ и МЕПСО?
Бидејќи сето тоа е логично и беспрекорно, бидејќи еден Кирацовски што е Кирацовски ќе ви рече дека со прст не мрднал кога барал (и нашол!) работа во ЕЛЕМ неговиот роден или стекнат дедо, бидејќи тој се згрозува од дрскоста на опозицијата која го обвинува за непотизам („со индигнација ги отфрлам грубите инсинуации и алудирањето…“), тешко може да се разбере тивкиот, мек обрт кој уследи не многу потоа, откако министерот Манчевски објави дека премиерот Заев „ќе побара“ од својата елита да повлече „дел од своите блиски“ кои нашле „лепче“ во државни фирми. Кон тој кроток обрт, сакал или не, сега без никакво објаснение, се приклучи и легендата Кирацовски кој, како и други, го повлече својот дедо од државна цевка. Со или без негодување, во себеси, сеедно.
Која е сега логиката на премиерот која стои на спротивен пол од логиката на неговата партиско-министерска и пратеничка елита? Која не само што мати и разнишува, туку дури и ја укинува логиката на таа елита? Која без некое, ајде да речеме, тивко негодување зад кое татни огорчен отпор, кротко се покорува на мекото, многу повеќе советодатвно отколку авторитарно барење да повлече „дел“ од блиските веќе прклучени на државна цевка? Која ако не онаа строга логика на аскетски, монашки образ (морал), опозиција на логиката хедонистички обравчиња (задоволство) на неговата елита? Има ли пукнатина таа логика на премиерот? Со простиот факт што нема логика без пукнатина?
Ајде сега да ги погледаме тие две спротивставени логики од еден друг агол. Да се прашаме, на пример, дали секретарот Кирацовски би повлекол дедо од ЕЛЕМ? До колку премиерот, секако и по строга сугестија на Брисел (немало реформи во администрацијата кога таа се полни со блиски луѓе на власта!) не крена глас против логиката на неговата елита? Секако дека не. Дали, од своја страна, и премиерот, во стилот на неговата омилена политичка филозофија “лепче“ за сите, би посегнал по мекиот императив неговата елита да повлече „дел“ од своите блиски, веќе прилучени на државна цевка?
Најверојатно дека не. Дали во тоа „не“ треба да се види „пукнатината“ во логиката на премиерот која ни немало да види бел ден до колку „конкретната“ логика на неговата елита не наиде на лавина критики во јавноста? Критика која не може да се игнорира? Која игра улога на „камшикар“ без кој, пак според Заев, не можел нашиот „балканцки менталитет“? Ни тоа не е многу сигурно. Ако не е, тогаш во што е проблемот со логиката на премиерот? Каде се крие и каде треба да се бара „пукнатината“ на таа логика?
Најверојатно во очигледниот факт дека сега ништо не оди без него. Дека неговата е – неопходна. Дека е таа прва и последна. И, како капак на сè, дека е на видело една перосонализација на високата, средна и ниска политика. А пак таа перосонализација на свој начин зборува дека институциите се далеку од тоа да бидат тоа што треба да бидат. Дека тие се во власта и под власта на личност. Дека дури и се согласуваат да бидат под власт и во власт на личност по проста причина што и за нив е тоа подобро. Затоа што се ослободуваат на тој начин од бремето одговорност што и ја препуштат на – личност!
Добро, ќе се рече: осведочениот, во прв ред со Преспанскиот договор, демократ Заев е антипод на автократот Груевски. Дека тоа струи во воздухот. Дека сега слободно се дише. Дека…Ама тоа не значи дека една перосонална демократија е подобра од институционална. Дека хедонистичките обравчиња на неговата елита би отстапиле макар милиметар за аскетскиот, монашки образ (морал). Особено ако се има предвид дека ни премиерот не би удрил по логиката на елита без прекорот од Брисел и острата критиката на јавноста.