Високиот функционер на Стејт департментот обидите за прекројување на границите на Балканот ги нарече „национален циркус“
На државите од Западен Балкан им е потребна економска интеграција, бидејќи, голем дел од нивното население се сели во Европа и во други места. Ова го посочи помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан на брифинг со новинарите.
Според него, процесот за пристапување во ЕУ е процес за подготовка не само за интеграција во Унијата, туку и подготовка за носење политички одлуки заедно со другите земји-членки.
„Во основа ќе им овозможат на нивните луѓе да ги имаат четирите слободи: слободата на движење на ЕУ, слобода на капитал, слобода на услуги, слобода на стоки и тоа е критичен чекор што ја отвора секоја од овие земји и секое од овие општества го отвора за прекугранична соработка во рамките на Западен Балкан, но и за ангажман со единствениот европски пазар. Ова оди подалеку од она што може да го обезбеди кој било пакет помош. Тоа е фундаментална промена во начинот на кој овие земји се ангажираат со нивните соседи и со Европа, и е достапна веднаш штом секоја влада ќе преземе реформи. Така, ние ќе ги поддржуваме напорите на Европската унија да се движи по овој реформски пат и да ги испорача тие придобивки од пристапот до единствениот пазар што е можно поскоро“, рече О’Брајан.
Помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, О’Брајан, изјави дека САД силно ги поддржуваат напорите за дијалог помеѓу Србија и Косово што ги водат Мирослав Лајчак и Европската Унија, за што рече дека многу е важно и двете земји да избегнуваат какви било провокативни акции на северот на Косово.
Коментирајќи за изборите во Србија, О’Брајан рече дека партиите кои не понудиле ништо друго освен национализам претпреле голема загуба и не го поминале прагот да бидат дел од парламентот.
Помошник државниот секретар порача дека нивна цел е Босна да биде поевропска за да биде стабилна и да функционира добро. Изјавата на претседателот на босанскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, за отцепување О’Брајан ја нарече „национален циркус“ и порача дека САД сакаат да се фокусираат владејачките институции да функционираат како што се дизајнирани и политичките лидери да бидат јасно одговорни за давање резултати или неуспех.
О’Брајан исто така информираше за предизвиците од војната помеѓу Русија и Украина, но и за тоа дека Хутите се закануваат со блокада на транспортот на 15 проценти од целата глобална трговија на Црвеното море, вклучително и храна и основни производи важни не само на Блискиот Исток, туку и низ целиот свет, за што се преземаат активности со цел да се зачуваат трговските односи кои се клучни за глобалниот просперитет.