Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ОБРАЌАЊЕ ДО ПОШИРОКАТА ЈАВНОСТ ОД РОДИТЕЛИТЕ ОД КОЧАНИ

July 22, 2025 Filed Under: Македонија

Во врска со состанокот со премиерот на Владата на РСМ – 07.07.2025 година

Ние, родителите на починатите деца во пожарот во дискотеката ПУЛС – Кочани, чувствуваме обврска јавно да се обратиме, поради се погласните шпекулации и неточни информации околу нашите поднесени барања до државниот врв на РСМакедонија.

Што се случи?

На 01.07.2025 година, испративме истоветно барање по пошта до:

Премиерот на Владата на РСМ – г. Христијан Мицкоски,

Претседателката на државата – г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова,

Претседателот на Собранието – г. Африм Гаши.

Денес, по повеќе од две поминати недели, не добивме никаков одговор ниту од Претседателката, ниту од Претседателот на Собранието. Единствено, на 03.07.2025, нè контактираа телефонски од кабинетот на премиерот и ни закажаа состанок за 07.07.2025 (понеделник) во 17:00 часот во Владата.

Иако инсистиравме средбата да се одржи во Кочани – местото каде се случи трагедијата и каде почиваат нашите деца – одговорот беше дека безбедносните услови не дозволуваат премиерот да патува и средбата мора да се одржи во Скопје. И покрај горештините и нашата болка, отидовме во главниот град – со надеж дека конечно ќе бидеме слушнати.

На средбата присуствуваа околу 60 родители и членови на семејствата на починатите деца. За повеќето, ова беше прва лична средба со премиерот. Очекувавме барем еден човечки збор, искрено сочувство. Но, тоа не се случи.

Наместо тоа, бевме пречекани со површен поздрав:

„Здраво, како сте?“ – зборови кои не можат да ја допрат болката на родител кој изгубил дете.

На нашето прашање во врска со барањето, премиерот одговори дека го гледа за првпат, дека штотуку му било предадено од службите. На тоа реагиравме бурно, бидејќи уште на 03.07 – кога нè контактираа – ни беше кажано дека барањето е примено и разгледано. На нашиот револт реагираше неговата портпаролка, г-ѓа Марија Митева, објаснувајќи дека во Владата има процедура:

  • Барањето било заведено на 03.07 во архивата,
  • На 04.07 било препратено до другите институции,
  • Дури на 07.07 му било врачено на премиерот лично.

Иако не сме правници, неприфатливо ни е писмо адресирано лично до премиерот, без негова дозвола и знаење, да биде разгледувано и препраќано од други институции без негова одлука.

Навредата што никогаш нема да ја заборавиме:

Премиерот започна да го чита барањето ( кое целосно може да го прочитате во прилог) и изјави дека ќе се задржи само на петте точки, без да ги разгледува воведните делови и правните објаснувања.

На првата точка – која се однесуваше на:

„Еднократна парична помош за секое семејство погодено од трагедијата, за душевна болка и нематеријална штета, преку Фондот за итна поддршка од државниот буџет…”  … добивме одговор кој не само што нè понижи, туку длабоко нè навреди како родители и како луѓе:

„Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца.“

Тоа беше моментот кога болката премина во чиста неправда. Овие зборови ќе одекнуваат засекогаш во нашите срца, како уште една смрт – смрт на достоинството.

Јавен повик до премиерот и целата јавност: Доста е!

Доста е! Доста со манипулации. Доста со потценување на нашата болка. Доста со лаги и игри врз сметка на животите на нашите деца! Колку пати треба да ви објасниме, да ви повториме, да викаме и да молиме – ние, родителите на убиените деца во трагедијата во „Пулс“, немаме политички агенди! Не сме тука поради партии, не не интересира политика! Нашата единствена цел е правда. Правда за 62 млади животи кои згаснаа во најцрниот ден на нашата држава.

Но, наместо разбирање, добиваме манипулации. Наместо сочувство, добиваме потсмев и обвинувања. Наместо поддршка, добиваме директно понижување. Во понеделник, на 07.07 на средба во кабинетот на премиерот ни беше кажано нешто што ниту еден родител не смее да го слушне — ОДРЕДЕТЕ СИ ЦЕНА ЗА ВАШИТЕ ДЕЦА “. Тоа не беше само навреда, тоа беше газење врз спомените, врз болката, врз човечкото достоинство. Ако вие, господине премиер, мислите дека животите на нашите ангели имаат цена, тогаш прашуваме: колку вреди еден човечки живот?

Кога ќе можете да го процените тоа, тогаш дојдете и кажете ни ја цената за нашите деца.

Нашите деца се херои. Со своите животи, оставија печат врз оваа држава. И ако вие не знаете да ја водите оваа држава, ако не знаете да обезбедите правда и покрај сите докази што ви се ставени на маса, тогаш отстапете го вашето место на некој што знае, што умее, што има совест и храброст.

Ние не се плашиме. Иако сме под огромен стрес и со скршени срца, нашиот разум и нашата борба не престануваат. Разликата меѓу нас и вас е што вие се плашите од вистината, а ние се бориме за неа. Вашата неспособност не треба да ја платиме ние. Ниту нашите деца.

Судскиот процес уште не започнал. Осомничените шетаат слободно. Сите поврзани, сите заштитени, сите си тераат како ништо да не се случило. А се случи – се случи масовно убиство на 62 деца, и тоа никогаш нема да го заборавиме. Затоа не лажете повеќе. Ни вие, ни обвинителите. Ниедно „ќе видиме“, ниедно „ќе се процесира“ не значи ништо веќе. Додека сте неспособни само да ја одолговлекувате постапката, ние ќе бидеме гласот на правдата – сѐ додека таа не се случи!

Нашите деца молчат, но нашите гласови зборуваат за нив. И нема да замолчиме. Ова е почетокот на крајот за неправдата во оваа држава.

Со почит и достоинство,

Родителите на починатите деца од трагедијата во дискотеката ПУЛС – Кочани

Здружение на граѓани 16-ти Март 2025

(ова писмо го објавуваме за да остане како сведоштво на односот на најодговорните во земјава кон трагедијата во Кочани)

Filed Under: Македонија

ДВА ИЛИ ЕДЕН ЕКСПРЕСЕН КОЛОСЕК ЗА СОЛУН
ВАДЕЊЕТО НА БУГАРСКИ ПАСОШ НЕКОМУ НОСИ ДОБИВКА А НЕКОМУ И РИЗИК
НЕВИДЛИОТ И НЕЗАПИРЛИВ УБИЕЦ: ЕКСТРЕМНАТА ТОПЛИНА ОДЗЕМНА СЕ ПОВЕЌЕ ЖРТВИ НИЗ ЕВРОПА
СРЕДЕ ЛЕТО НА ЛОВ НА ДИВИ СВИЊИ
УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ МЕЃУ ПОСТОЈНОТО И МОЖНОТО

Најново

  • ДВА ИЛИ ЕДЕН ЕКСПРЕСЕН КОЛОСЕК ЗА СОЛУН
  • ВАДЕЊЕТО НА БУГАРСКИ ПАСОШ НЕКОМУ НОСИ ДОБИВКА А НЕКОМУ И РИЗИК
  • НЕВИДЛИОТ И НЕЗАПИРЛИВ УБИЕЦ: ЕКСТРЕМНАТА ТОПЛИНА ОДЗЕМНА СЕ ПОВЕЌЕ ЖРТВИ НИЗ ЕВРОПА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet