ДЕНКО МАЛЕСКИ
Не се само историчарите во невоља. На почетокот од деведесеттите не само нашиот политички систем, туку и нашата политичка мисла доживеа темелна промена и ние, политолозите и правниците, се соочивме со истата дилема. Мојата мака беше помала затоа што меѓународната област ми беше темата, но оние кои предаваа самоуправување, марксизам или политички систем..
Македонски историчар јавно прашува што да прави со своите пишани трудови за средновековието ако одлуката на историската комисија биде дека Самуил e цар на бугарската држава. Ништо. Тој може и натаму да пишува онака како што пишува и да мисли онака како што мислел и до сега. Живееме во демократија.
Или, може да се потруди да провери дали неговите ставови се компатибилни со оние на европската и светската историографија. Дали е точно нивото тврдење дека две млади нации на Балканот, словенечката и македонската, не можат да се повикаат на средновековна државност. И, повторно, не мора ништо да превземе. Но, како и во случајот со Грција, државата го нема тој луксуз да не превзема ништо. Историјата која се предава во училиштата мора да биде компатибилна со европската и светската историографија. Не се само историчарите во невоља. На почетокот од деведесеттите не само нашиот политички систем, туку и нашата политичка мисла доживеа темелна промена и ние, политолозите и правниците, се соочивме со истата дилема. Мојата мака беше помала затоа што меѓународната област ми беше темата, но оние кои предаваа самоуправување , марксизам или политички систем, загубија се. Недоволно стари да се пензионираат и недоволно млади да почнат од почеток, мнозина одлучија да се снајдат менувајќи нови „западни“ наслови за стари „источни“содржини.
Бидејќи сака да е дел од најелитниот клуб на демократски држави, Македонија мора да се менува, како што ќе мора да се менува и Бугарија. Како што е наведено во протоколот, двете држави мораат да се придржуваат кон одредбата од Договорот со Бугарија , секоја страна „…да придонесе за објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историски извори кои се базирани на докази“. Значи, сепак постои „објективно и научно толкување на историските настани“, а не право секој да си ја пишува историјата како што сака. Срамното повдение на нашите историчари кои вртат глава и пред пишани докази наместо вистинито да ја кажат приказната за една млада и храбра македонска нација, доведе до изливи на непријателства во македонскиот народ и меѓу двата народи.Со францускиот предлог, меѓународната заедница и раководствата на Македонија и Бугарија им го отворија патот на историчарите кон еден нов почеток.
Во постојана дефанзива во дебатата за заедничкото минато, македонските историчари изумија дека „објективното и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историски извори кои се базирани на докази“ се однесува и на бугарските научници. Датумот 1945, од кој толку се ужаснуваат сите, е добар почеток да се објасниме. Во една смирена научна дебата, верувам, некој ќе се сети да им каже на бугарските историчари дека датум кој обележува историски настан (како кодификацијата на македонскиот јазик, на пример), не ја кажува и приказната за настанот. Точно, француската револуција се случила во 1789, предупредуваат истакнати политички мислители, ама тоа ништо не кажува за процесите кои довеле до овој историски настан. Така и со прогласувањето на македонската нација и држава, не само на јазикот. Датумот 1945 година, констатира факт но не ја открива историската тенденција, тој домороден локален македонски бленд на еден народ разлеан по рабовите на соседните балкански држави, за сопствена држава, како што пишува Иво Банац. Народ кој по столетно колебање, во антифашистичката борба со другите југословенски народи, го прокламира раѓањето на својата македонска нација.
Под надзор на ЕУ, продолжуваат преговорите помеѓу нашите и бугарските историчари. Тај надзор е гаранција за објективно и научно толкување на историските настани. Оттаму и разбирливата поддршка и охрабрување до нив од политиката која постапи одговорно поставувајќи ја државата на колосекот кон Европа. Како натаму? Двострани обврски произлегуваат од прогласот на бугарските либерални интектуалци кои ќе напишат: „ Не сметаме дека единствениот историографски проблем е „идеолошкото наследство“ на „комунистичка Југославија“. Проблем е и владеењето на едно романтичарско и митолошко историографско мислење во самата Бугарија. Не сметаме дека процесот на формирање на македонската нација, со сите негови специфики,се разликува суштински од начинот на којшто се фпрмирани и други нации, ниту пак сметаме дека тој може да се сведе на формулацијата…„за етнички и јазичен инженеринг“. Макар што го прифаќаме поимот „заедничка историја“, ние се спротиставуваме не неговите елементарни интерпретации, како и на неговото користење за наметнување на единствена интерпретација – во случајот, официјализираната во Бугарија интерпретација на минатото“. Ете добар патоказ кон Европа за историчарите на Македонија и на Бугарија