ЉУПЧО ПОПОВСКИ
Во јавноста почнаа да се прават споредби за времето кога Груевски стана премиер и стоте дена на Мицкоски. Но, времињата се различни, а и луѓето. Изгледа дека само емоциите на вмровците се исти. Факт е и дека оние што останаа во политиката се премногу импресионирани од самите себеси, а не од сопствената компетентност, која претпочита во значајна мерка понизност
Имаше една многу интересна епизода на годинашнава конференција на британските конзервативци, каде четворицата кандидати за наследник на престолот на ториевците се претставија во некаков „натпревар по убавина“. Таа епизода, всушност, јавно го покажа духот на Маргарет Тачер, кој продолжува да ги прогонува конзервативците.
Во Бирмингем, каде што се одржуваше конференцијата, имаше сеанса за Маргарет Тачер; настан наречен „Што би направила Меги?“ Панелистите седеа покрај картон од Тачер во природна големина.
Имаше и своевиден „медиум“ за поврзување со покојната Тачер – Џон Редвуд, нејзиниот главен советник за политика. Според извештаите од настанот тој рекол: „Таа би била згрозена од толку многу работи. Би била згрозена од нивото на државниот долг, би била згрозена од обемот на дефицитот. Таа би сфатила дека ова е монументално расфрлање, неспособност, дури и злонамерност“.
„Потребен ви е фокус“, рече тој, „ви треба јасност, ви треба управување, ви треба визија! А владата денес нема ништо од овие работи! Не е важно кои се политичарите на врвот. Тоа е страшно, тоа е ужасно, тоа е неприфатливо!“
Рејчел Волф, која беше коавтор на победничкиот манифест на Конзервативната партија за изборите во 2019 година, рече: „Мислам дека Тачер би била сериозна. Кандидатите претходниот ден одржааа едноминутни говори. Ова е тотално смешно. Што правиме? Сè уште сме сериозна земја. Да им дозволиме на нашите кандидати за возврат да бидат сериозни. Мислам дека таа (Тачер) не би имала многу време за таков вид површни говори“.
Ова, во основа, нема никаква врска со случувањата во Македонија, но во една тангента ја допира кривата во расправата за стоте дена на новата вмровска влада. Донекаде и неочекувано во јавниот дискурс се појавија споредби за стартот на владата на Никола Груевски во 2006 и оваа на Христијан Мицкоски. Па така, слично на духот на Маргарет Тачер, наследството на Груевски (кој е жив и здрав) се појави како сенка над постигнувањата на кабинетот на Мицкоски.
Има споредби: зошто владата на Мицкоски направи толку малку смени во вториот, третиот и четвртиот ешалон, а Груевски само на една владина седница смени 1.200 и кусур функционери. Потоа, дека во првите сто дена на владата на Груевски беа направени силни реформски чекори. Дека владата, зад која стоеја 45 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ (сега бројката е 58), 11 на ДПА и 7 на НСДП (сите со вкупно 430 илјади гласови – помалку од половината од излезените 975 илјади), со тесно мнозинство од 63 пратеници успеала да направи многу повеќе во однос на оваа која има речиси двотретинско мнозинство.
„Што би направил Груевски?“
Многу вмровци си го поставуваат сличното прашање како и британските конзервативци – „Што би направил Груевски?“ (Што би направила Меги?)
Се работи повеќе за емоции, а тие веројатно може да си го дозволат тоа. Провладините аналитичари, јавно, не сакаат да се занимаваат со вакви предвидувања. Осрамотениот и осудениот бегалец во Будимпешта по победата на изборите му испрати честитка на ВМРО-ДПМНЕ која заврши со зборовите: „Со среќа. И со ум“. А претходно наведе дека победата за партијата е „голема обврска пред народот, и големи очекувања и надеж кај нив, кои не смее да се изневерат“.
Но овие времиња не се исти како и оние од 2006. Македонија е придушено загрижена, депресирана, разочарана, со мала доверба кон оние што ја водат и кон самата себе. Од неа се иселени многу способни млади кадри, добро образовани. Партиите во огромна мерка ја уништија желбата на способните да се занимаваат со политика, затоа што ги оцрнуваа оние од спротивниот табор 30 часа на ден, па тие што останаа во државава често на можноста да влезат во политичките води гледаат како своеволно да бидат заразени од лепра. Масакрот на политиката на способните, па макар биле и со поинаква идеолошка и политичка платформа, го сведе раководењето со државата на небиднина.
ВМРО-ДПМНЕ без прекин седум години ги напаѓаше сите оние што мислат поинаку за сега да види дека резервоарот од способни кадри што би сакале да се занимаваат со политика останал празен. Мицкоски точно пред една година, во септември 2023, во разговор со новинар на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ го обвини Груевски дека „се наоѓа во тајна комуникација со Владата“ за да издејствува неказнивост во замена за тоа пратеници што него го поддржуваат да помогнат за донесувањето на уставните измени. Мицкоски тогаш и наредните месеци успеа да го издува духот на Груевски над партијата, оствари голем триумф на изборите, но сега, по стоте дена, тој дух се врати пак над него и екипата што ја раководи Македонија.
Дали ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во 2024 година неподготвено, иако барем 12 месеци наназад се знаеше дека сигурно ќе победи и новата екипа стартуваше без развиен план и стратегија за чекорите што треба да ги направи за развојот на државата, освен постојаните фрази за „бугарскиот диктат“ и криминалот и корупцијата „од епски размери“.
Што е разликата од ова ВМРО и она ВМРО од 2006 до 2008?
Луѓето се познати, но беа од вториот ешалон
Луѓето во голема мерка се исти, само изгледа партијата не е иста, а особено не нејзината подготовка да ја раководи државата. Факт е дека овие луѓе што сега ја раководат државата, во времето на Груевски беа во неговата близина (на задните клупи, како што велат во Британија), но не беа дел од кругот што одлучува.
Што е различно?
Две години пред да дојде на власт ВМРО-ДПМНЕ, партијата создаваше идеолошка основа за нејзиното можно идно владеење. Архивите на згаснатите „Утрински весник“ и „Дневник“ веќе ги нема (може само да се прелистуваат весниците во библиотеките), но многумина паметат како тогашните првенци на ВМРО-ДПМНЕ (како Никола Груевски и Антонио Милошоски) редовно објавуваа колумни во кои ја критикуваа тогашната влада на СДСМ, но често ги објавуваа плановите што би следеле. Демохристијанската подлога на партијата ѝ ја подготвија влијателни интелектуалци (како филозофот Бранислав Саркањац или политикологот Панде Лазаревски), кои поставуваа платформи за идното владеење. Тоа не беше подготвока за секојдневно масакрирање на политичкиот ривал, туку поставување на идеолошки постулати. Сестринската германска партија ЦДУ (на чие чело тогаш беше Ангела Меркел) преку фондацијата „Конрад Аденауер“ темелно ги подготвуваше вмровските политичари за идното владеење.
Никола Груевски во април 2006, неколку месеци пред изборите беше во посета на Берлин на разговори со тогаш веќе канцеларката Меркел. А само месец и пол по изгласувањето на новата влада, во октомври 2006, Груевски беше повторно во Берлин, сега веќе како премиер, во официјална посета на Германија. Оваа негова посета јасно ги покажуваше правците за приоритетите на новата влада. Преку оваа посета Груевски беше претставен и на европската сцена.
Економскиот тим на новата влада беше составен од „тешкаши“, Трајко Славески како министер за финансии и Зоран Ставрески како вицепремиер за економски прашања. А и Вера Рафајловска од НСДП како министер за економија. А способните со многу меѓународни врски, Веле Самаковски и Глигор Ташковиќ, како министри без ресор за привлекување странски инвестиции.
Општ е заклучокот дека работата на оваа влада до 2008 и реформите што ги презеде со тесно мнозинство во парламентот беше прилично успешна. И после дојде самитот на НАТО во Букурешт 2008 и сето тоа заврши. И партијата и државата тргнаа кон патот со кој земјата беше фрлена во изолација, економско-технократскиот наратив се претвори во авторитаризам, државата беше заробена, Македонија ја почна потрагата по античките корени, „Скопје 2014“ стана огромна пералница за пари, медиуми беа затворани или беше вршен огромен притисок врз нив. Огромниот дел од работите и сега се паметат.
Никола Груевски ја започна „братската врска“ со Виктор Орбан кога тој повторно дојде на власт во Унгарија во 2010. Веќе беше заборавен полетот од разговорите со Меркел. И турнат настрана.
ВМРО-ДПМНЕ до ден-денешен остана на таа траекторија кон Будимпешта. Не само поради бегството на Груевски организирано од унгарските тајни служби, туку и поради идеолошката наклоност кон илибералната демократија, а и протоците на пари што, според медиумските извештаи, доаѓаа преку унгарски канали. Лојалниот аѓутант на Груевски, Александар Николоски (беа заедно во Виена на трауматичниот 27 април) одеше на оние „славни пикници“ на Орбан во Баиле Тушнад, во Трансилванија, Романија, за да се напојува од изворите на антимигрантската и националистичка реторика на унгарскиот премиер. Мицкоски објавува дека Виктор Орбан му е личен пријател. Обуките на „Конрад Аденауер“ продолжија во Македонија, но средбите со сестринската партија ЦДУ речиси ги снема. Германските христијански демократи ги ставија на културна дистанца односите со ВМРО-ДПМНЕ. Освен контактите со ХДЗ на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, опозициската СДС на Јанез Јанша во Словенија и повремените контакти со австриската Народна партија на сѐ уште актуелниот премиер Карл Нехамер, сите други „братски или сестрински односи“ од групацијата на ЕПП се сведени повеќе или помалку на куртоазија поради партискиот чадор.
Такво ВМРО-ДПМНЕ му остави Никола Груевски на Христијан Мицкоски и тој го прифати, дури и го разви. Пречекот на Виктор Орбан во Охрид беше како да доаѓа Тито. Груевски по месец и пол отиде во Берлин кај Ангела Меркел, а сега со огромни почести беше пречекан Викор Орбан со 11 министри.
Времињата и околностите навистина се променети. Факт е дека има страшна инсуфициенција на способни кадри кои сакаат да се занимаваат со политика, дека ВМРО-ДПМНЕ не може да најде вистински способни личности за важни места (во голема мерка затоа што тие ги одбиваат понудите), но факт е и дека оние што останаа во политиката се премногу импресионирани од самите себеси, а не од сопствената компетентност, која претпочита во значајна мерка понизност. Мицкоски е веројатно единствениот премиер не само во Македонија, туку и во поширокиот регион, кој за себе зборува во суперлативи, колку тој бил човек од збор, „додека сум јас премиер“, притисоци кај мене не поминуваат и така натаму и така натаму. Тој се обидува да проектира владеење слично на она на Емануел Макрон во Франција во првите години, кога тој беше нарекуван „Јупитер“ поради проектирањето на моќта. А прикриено сака да го преземе образецот на Александар Вучиќ.
Изгледа дека неговата најголема грешка е што го осиромаши економскиот дел на владата. Со реорганизацијата на ресорите нема веќе вицепремиер за економски прашања, ниту пак евроинтеграциите се на ниво на вицепремиерско место – за првпат од 2002 година. Оваа влада има дури пет вицепремиери, едниот го води ресорот за екологија, вториот за транспорт, третиот за односи меѓу заедниците, четвртиот за политички систем и петтиот за добро владеење. Економијата исчезна.
Бидејќи е опседнат со самиот себеси Мицкоски во четвртокот искрено кажа дека се изненадил кога слушал оти претседателката на Организацијата на работодавачите со еден збор – „ништо“ – ја оцени работата на владата во првите сто дена. Па им се јавувал на бизнисмени од стопанските комори. Тие му рекле нешто што било спротивно. А и самиот бил „прилично задоволен“.
Навистина е прерано да се даваат некои дефинитивни оценки за тоа како ќе работи новата влада. Но нејзините членови како уште да ги имаат облечено опозициските чевли, полирани или неполирани, и иако се навикнуваат на удопствата на владеењето, реториката им е како од пред седум месеци. Имаше скандали, а ќе има и други. Едно зголемување на пензиите од 2.500 денари не е капитален успех на владата, ниту пак договорот со „Алказар“ за енергетски објект чии темели треба да се постават идното лето. Тоа се добри работи, без сомнение. Но клучот е на друго место.
Во реформите.
Од нив, засега нема ништо. Дури ни во најава. И тоа е она што го разликува ова ВМРО од она ВМРО од 2006 до 2008. А за тоа треба и храброст, но уште повеќе и знаење. Мнозинство за поддршка на реформи во парламентот има. Само уште некој да ги направи. Се разбира, ако знае. А ако знае, да сака.