Да се потсетиме каква е пораката на филмот на Блажвски „Година на мајмунот“. Oд делото гледаме дека има голема возбуда кога некој ќе побегне од кафезот во кој сме сите. Во нашиот актуелен случај оној кој побегна ни го изгради актуелниот затвор, но не сакаше да остане во него, бидејќи знаеше дека нему му припаѓа како на неимар деветтиот круг во занданата
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во неделата во Белград се одржа тамошната премиера на филмот на нашиот Владимир Блажевски „Година на мајмунот“. Би се рекло добро е што нашите авторите секаде се добредојдени: Филмот ја имаше својата светска премиера инаку во Москва, а учествувал досега во повеќе од 20 национални и меѓународни фестивали, како Шангај, Мексико, Скопје, Тирана, Палиќ, Херцег Нови и Лесковац, каде што го освои Гран при – Живоин Жика Павловиќ, по името на покојниот режисер.
Но, ова не е вест од културата.
Навидум, режисер Владимир Блажевски покажува дека развојот на оваа приказна е инспириран од настани кои се случиле и се дел од урбаната легенда за мајмунот Сами, љубимец кој живеел зад решетките на кафезот на Белградската зоолошка градина и кој два пати побегна од таму, шетајќи се низ Дорќол. Но ова не е вест ниту од градските хроники, ниту пак некаков урбан времеплов, иако ние во Скопје имавме еден подраматичен случај, оној со мајмунката Милева, која открадна дете од рацете на една мајка и побегна. Ена сега стои во поставката на Музејот за криминалистика, сместен во Идризово. Имавме и еден поасоцијативен случај со депресијата во кафезот на мајмуните, кога извесниот Коко го испративме во Холандија, да се излекува од она што тука го потиштувало. Лекувањето траеше долго.
Блажевски за белградската публика објаснува дека неговата приказна се развива во „некои апсурдни прилики”. Ги потенцирав апсурдните елементи што ги препознавам не само во нашата земја, туку и во светот, вели тој. И не приближува до она што е есенцијата на македонските мајмунски стории. Имено, како што објанува авторот, оваа црната комедија, има елементи на непријатна реалност и по негова желба во заднината на комедијата стојат политички, економски, социјални ситуации во заднината.
Директорот на Фестивалот на авторскиот филм Дарко Бајиќ многу подиректно го објаснува ова дело – тоа е навистина универзален филм, има многу мајмуни во светот, а што е важно – општеството е вознемирено кога некој ќе избега од зад решетки, вели Бајиќ. „Мислам дека ова е универзална тема, бидејќи сите сме во голема зоолошка градина, филмот дава голема метафора за целиот наш живот“, додава тој.
И кај нас има голема возбуда со бегалцот Груевски, не стивнува и за тоа секако има причини.
Значи, ова не е само сторија од урбаниот живот.
Имено, пред Груевски да замине во затвор, барем едно две недели претходно, се расчу дека „Куманово не му гине“. Имаше вест дека експремиерот требал својата двогодишна робија да ја отслужи во најновиот затвор, оној во Куманово. Имаше некаков апсурд во таа ситуација, бидејќи, токму тој како премиер ја пресече лентата од ова здание, со кое ние требаше да се приближиме до некои европски правила за тоа што е „кафез по мерка“. Во својот говор на отворањето Груевски рече дека затворот е изграден на 5.000 квадратни метри, а целокупната инвестици вреди 234 милиони денари. Очевидно му се бендиса. Ваквата инвестиција, даде изјава на отворањето премиерот Никола Груевски, е дел од капиталниот проект на Владата на Република Македонија за изградба и реконструкција на казнено-поправните установи во земјата кој тежи вкупно 52 милиони евра. „Значајно е да спомне дека установата има свој посебен систем за затоплување, посебен систем за водоснабдување, како и сончеви колектори за загревање на санитарната вода за потребите на кујната и бањите за осудените лица“, рече Груевски. Во установата е вградена и најсовремена техничка апаратура за видео надзор.
Веројатно заради практични причини, додека мора да доаѓа секој ден во Кривичниот суд, каде има уште четири процеси против него а може да дојдат и други во низа, затворот во Куманово беше засега отфрлен како постојана адреса за експремиерот. Апсурдот секако останува – тој побегна од земјава а затворот ни го остави нам.
Но, ова не е само филм за нашите апсурди.
Бидејќи, затворот (кафезот) е само објаснување на неколку предвидливи зла кои кај нас се споија со практиката на владеењето на Груевски. Да се послужиме при тоа со делото на Фром „Бегство од слободата“ (Escape from Freedom). Имено, тој го окова овој народ, кој пак неговата моќ колективно ја прифати како форми на бегство од својата позиција на изгубеност и дезориентираност. Транзицијата на вредностите кај нас на поголем дел од плебсот му донесе токму чувство на дезориентираност, народот го изгуби вредносниот компас откако претходно идеолошки беше прогласен за двигател на општествените промени (народ, работничка класа, чесни селани, самоуправивачи …).
Фром издвојува три форми на механизмот на бегство – авторитарност, деструктувност и конформизам. Првите два механизми се карактеристика за авторитарни друштва а ние белким нема уште да се спориме каква беше грујовикратијата?! Луѓето целосно се предадоа на оној кој им даде илузија дека за оваа власт се потребни, дека се дел од „војската“ која и служи на некоја идеја, што се спои со идентитетскиот код на „верност кон Организацијата“. Се чувствуваа прифатени од некој кој ги искористуваше за сендвич и сокче.
Филмот има сцени кога на постојано иронизирање со нашиот апсурдистан – тука се исповедите на попот на телевизија со тема за која нема поим, има ликови кои величаат антички херои (Спартак) или го ставаат Гоце Делчев во сосема неприроден контекст. Во дејатвието е вметнат и Благоевград (асоцијацијата на еден политичар е јасна) како и Шарената револуција, јасно, во нивниот протест против проектот „Скопје 2014“ … сето тоа гледано од, мајмунска перспектива на бегство во слободата, Каде тоа дојде филмскиот Коко – го смени ли само кафезот, доби „трособен проширен“.
На Груевски, неминовниот господар на ситуацијата му беше јасно дека ако макар и го пречекори прагот на било кој затвор веднаш ќе падне во деветтиот круг, како на неимар на целата конструкција на неслободата. Затоа тој го одбра бегството и тоа кон некој кој исто како него е признат автократ и градител на неслободно, затворено општество.
Во филмот „Година на мајмунот“ жителот на нашиот кафез се упатува со својот чувар онаму каде заминуваат бегалците кои поминуваат низ земјава. И тие одат кон Унгарија. Барем повеќето, само што таму не ги примаат – си ги чуваат „автохтоните затвореници“.