БИЛЈАНА СЕКУЛОВСКА
Никој нема сознанија, информации, докази, кој сè прислушувал дополнително, кој се навистина од ВМРО-ДПМНЕ, или можеби некои други лица може уште да поседуваaт не само една архива, не само онаа која сега е во СЈО, туку уште многу други, безброј, кој сè е способен и го има копчето да злоупотребува којзнае колку се архиви, во колку копии и низ чии се раце тие биле пренесувани, распрскувани и сеени
Годината е 1947. Наредбата имала број- 201. Со неа била формиран Комесаријатот, или скратено К-5. Неговата мисија била да се воспостави мрежа, вистински чадор над сите, иако од почетоците се размислувало да се опфатат сите кои претставувале опасност за Источна Германија и морале да бидат надгледувани, прислушувани и контролирани.
Така започнува масовното прислушување на источно-германската полиција, која всушност била суб-единица на КГБ, силата врз која почивал Советскиот Сојуз.
Тоа е годината 1950. Штази, или Министерството за државна безбедност, има само една задача – да знае сè , за секого, затоа што секој станува опасност за новиот режим. Источна Германија тогаш има 16 милиони жители, од нив прислушувани се 6 милиони, за што се одвојува буџет од една милијарда долари. Штази брои 90.000 вработени, но таа бројка секако не е доволна за секој да биде третиран соодветно од службата- следен, прислушуван, сниман, уценуван, систематски уништуван. Затоа во машинеријата влегува армија на надворешни соработници, податоците говорат за 170.000 луѓе. Но, допрва следи неможноста да се избројат пипците на ова чудовиште- никој не ја знае бројката на неофицијалните информатори, тоа е веќе број кој и не може сериозно да се претпостави, сè до денес.
Унификацијата доаѓа четири децении подоцна, откако се формира Штази. Годината е 1990. Во тек е сега нова операција- за создавање на Агенција за снимките на Штази.
За време на последните денови на режимот, Штази се труди сè да уништи- со машини за сечење на хартија или со нивно палење. Тоа горење на документите во Ерфурт го забележува еден ден некоја жена, која видела темен облак над Штази. Дотогаш, само белиот чад ја прекривал оваа разузнавачка тврдина, како резултат на греењето на гас. Граѓаните ја окупират зградата на Штази и е повикан обвинител, кој формира Граѓански комитет за надгледување на работата на безбедносните структури, за подоцна и седиштето на Штази во Берлин, да биде окупирано од граѓаните.
Низ текот на годините, се собираат 15.000 торби материјал, или 33 милиони страници. Нивната заштита, да не бидат злоупотребени и објавувани, понекогаш не можела да биде целосно контролирана. Годината е 2009. Некои од новинарските истражувачки стории доведоа до ужасни сознанија- поранешни Штази разузнавачи сè уште активно работеле за новата безбедносна служба. Заради тоа следи донесување на закон- да нема пристап до Штази архивите ниту еден бивш Штази службеник, односно да не може сам, без присуство на службено лице, да пристапи до рафтовите на документите за прислушување.
Сега е 2019 година. Последната бомба за Павле Богоевски е само дел од операцијата “Повремено расфрлање на бомбите на Заев, сеедно што некои се и петарди” од страна на непознати извори, над кои ниту полицијата има макар мала, елементарна контрола, ниту обвинителството на Јовевски, ниту пак СЈО на Јанева. Овие архиви отвораат стари, изветвени прашања, над кои никој нема одговор, ниту начин да ги испорача.
Заев официјално до СЈО ја предаде архивата на прислушувањето од страна на ВМРО-ДПМНЕ, според истрагата на СЈО-смислено, иницирано и раководено од главните осомничени- Мијалков и Груевски.
Никој нема сознанија, информации, докази, кој сè прислушувал дополнително, кој се навистина од ВМРО-ДПМНЕ, или можеби некои други лица може уште да поседуваaт не само една архива, не само онаа која сега е во СЈО, туку уште многу други, безброј, кој сè е способен и го има копчето да злоупотребува којзнае колку се архиви, во колку копии и низ чии се раце тие биле пренесувани, распрскувани и сеени. Сè додека и последното досие не заврши врз главата на единствениот преживеан граѓанин во оваа земја и не го струполи и него.