БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Можеме да здивнеме, УНЕСКО ја одложи, и тоа без рок, одлуката дали Охрид да се стави на листата загрозено светско наследство во опасност.
Можеме да здивнеме, УНЕСКО ја одложи, и тоа без рок, одлуката дали Охрид да се стави на листата загрозено светско наследство во опасност.
Нашата пријателска Босна и Херцеговина поднела амандмани за да се дадат уште две години на Македонија и Албанија- да постапат по препораките на УНЕСКО, но по реакцијата на Норвешка, гласањето било прекинато.
Сега нашите политичари имаат доволно долго време, бескрајно многу време во кое нема рок, нема сатници, нема отчукување на минути, нема хистерија и паника што да се стори, за да не биде премногу доцна, за да не чукне на вратата некоја нова, сурова и бесчувствителна делегација.
Сега нашите политичари можат полека, со страст и со сласт, како никогаш досега, непритиснати од времето, со невидено задоволство, со весела елеганција- да продолжат да уништуваат сѐ што имаат пред себе, уште попосветено, уште посилно и побезобзирно, како да е дојден судниот ден, како светот да зависи од нивната суровост и проклетија.
Како вели Комитетот на УНЕСКО- дека е разочаран од наодите на мисијата, дека е направено премалку за да се запре уништувањето, дека е загрижен од состојбите, затоа што Охрид има универзална вредност.
Ова е накратко добрата вест која доаѓа за оваа земја и секако, за политичките елити, кои како што знаеме, со години наназад се премногу загрижени во натпреварот кој повеќе ќе го докрајчи Охрид, за да остане запишан во историјата како Великиот варварин на единственото богатство кое го имавме.
Но, не, тие во тој натпревар не сопираат, нивните амбиции и апетити растат секојдневно, нормално, македонските политички елити и не знаат за поинакви патишта.
Тие би сакале нивните имиња да бидат подвлечени, болдирани, со големи, златни букви, да блескаат и сјаат, посадите на Илон Маск да ги ослепат додека освојуваат нови планети, да бидат свесни зошто бега човештвото од оваа кутра, уништена Планета, во која Охрид се расплакува секој ден, како да е последен, а и е последен, само кој да им го каже тоа.
Нашиве политичари сонуваат да добијат признаници и ордени за теророт кој го направиле во Охрид, сѐ би дале секоја куќа во Охрид да има златна плочка, ним посветена, каде што ќе биде исковано нивното пресветло име, каде ќе стои: „Овде пустошеше Великиот варварин, слава му, никој подобро од него не можеше да го сотре Охрид, затоа и ги гласавме, затоа и ги негувавме, затоа што никогаш не ни беше доволно. Затоа што и не го заслужуваме Охрид“.