ВЕЛЕ МИТАНОСКИ
Ти и Влатко ѝ припаѓате на целата нација, а не на некоја одделна партија. Вашата партија е МАКЕДОНИЈА. Или ѝ припаѓате, или од нејзе отпаѓате!
Сѐ ни е погодено во земјата, сѐ цвета во зеленило и мирис, остана само уште да му се посветиме на прашањето: зошто Влатко Стефановски го употребил зборот одредницата – Северна!?
Море малку му било тоа, та се дрзнал да настапи на „партиска журка (!), државната прослава на Мечкин Камен, во Крушево!
Затоа, Игор Дурловски „знае каде нема да биде на 5 август (синоќа)!“.
За да „не се сетат Власите“, не пишува – Антички театар во Охрид, ама затоа, го постира, со текстот, официјалниот плакат за настапот на Влатко Стефаноски и на професорката Весна Ѓиновска Илкова, нашата примадона – Аида.
Затоа на Влатко „да му се скинат жицине од гитарата на сред свирење!” (навистина му пукна добошот, ама донесоа нов!), а некој го вратил филмот малку наназад, та пронашол како нашата музичка легенда, Влатко Стефановски, и познатиот писател Горан Стефановски, „со остра реакција!”, забележале дека не треба да се менува името на улицата Мексичка (Мексиканска – м.з.) во Петре Пирузе.
Види мајката, Влатко и Горан заедно реагирале, ама сега Горан се превртува во гробот, затоа што Влатко го изневери. Рече – Северна!
Ода на глупоста! Јас сѐ уште велам само Македонија, а мислите дека со тоа јас сакам повеќе од вас? Сум патриот, а овие другите се предавници!? Како тоа да останела улицата – Мексичка?
Па, еве, и јас велам дека не треба да се менува, па што?
Јас, кој се крстам во Петре Пирузе, скоро напишав песна за Црвена Вода (изведба Патер Нечоски, аранжман Карали) со рефренот: „Ја донесе победата, ја навести слободата, државата наша ја замили, Пирузета Мајски го закрили”…
Ама, сепак, името Мексичка (Мексиканска) треба да си остане. Зошто? Затоа што името кажува дека по катастрофалниот земјотерс во Скопје, тука се изградиле објекти, финансирани од мексиканската влада. Просто како гравче!
А ние што си го сакаме Пирузета – Мајски, кој, непосредно пред да се родам, си бил во мојот дом во Црвена Вода, уште повеќе ќе си го сакаме, и има илјада начини како тоа да го манифестираме.
Затоа, Игоре, батали ја таа работа. Тоа така не оди. Чичо Веле ти кажува: ти да си ја бркаш твојата работа во уметноста, ако сакаш да бидеш уметник.
Ти и Влатко ѝ припаѓате на целата нација, а не на некоја одделна партија. Вашата партија е МАКЕДОНИЈА. Или ѝ припаѓате, или од нејзе отпаѓате!
Затоа прстот на умот. Најмалку што треба да направиш е да му се извиниш. Преку него, ќе ни се извиниш и на сите нам, што сме те почитувале како уметник, а некој од нас, можеби и гласал за тебе.
Тој, Влатко (а и Горан додека беше жив) се македонски легенди во движење!
Не си и ти лош, односно беше на пат да станеш светски човек. Но, се заплетка каде не ти е местото. Исто, како и јас на времето: министер, пратеник, и, оп – шест години на Биро, од таму во пензија.
За разлика од нас двајцата, Влатко си остана само Влатко, што би рекле моите сограѓани од египетско, или ромско потекло: „Една е Влатко“!
Влатко Стефановски спаѓа во десетте најдобри гитаристи во светот.
Во Македонија изгради своја школа (охриѓанецот Дамјан Пејчиноски е еден од нив), славата на Македонија ја пренесе насекаде во светот.
Ти си умен човек за да дозволи да го користат твојот пост „патриоти”, кои се сетиле дека Влатко „ни го начука“ она мизерно, деминутивно „Македонче” заради неговата песна: абре момче, Македонче. Која можел да ја испее и: абре момци, Македонци!
Ете им го акалот!
И уште една грешка. Повикувајќи да не се оди на концерот на Влатко, ти повика да не се оди и на концертот на Весна! Можеби несвесно си го сторил тоа, но….
А Веснето, синоќа, пееше една од македонските химни „Македонско девојче”. Исто како што Влатко ја свиреше „Јовано, Јованке”. Кога Влатко ја свири „Јовано, Јованке” во Белград, пее цела Србија, во Загреб пее цела Хрватска, во Сараево цела бивша Југа.
Поединци, за кои сум мислел дека имаат повеќе акал, синоќа, пребројуваа колку публика дошла на Антички!
Дошла онолку, колку што требало да се отфрли како непотребен, „сувишен”, плакатот: „Влатко, нашето име е Република Македонија”.
Онолку, колку штo не се согласуваат со констатацијата, во еден локален портал (тој е „медиум” колку што сум јас Бред Пит!): „Ова е пораката со која охриѓани го пречекаа Влатко Стефановски кој вечерва треба да настапи на Античкиот театар во Охрид”.
А која беше пораката на Влатко: „Вечерва ќе свириме за сите пожарникари кои се борат со огнената стихија во Македонија“. Не рече Северна – скраја било!
Не ги спомена и потпалувачите. Потпалувачите на огновите. Тие се опасни, тие голтаат сѐ пред себе.
А дали се бенигни потпалувачите на делбите, на омразите?
Дури и поопасни се, драг Игор. Овие ќе поминат ќе заминат. Лузните во нас, во нашите души – вечно ќе останат.