БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Не гледам зошто оставштината на еден писател не би била грижа на семејството. Тоа е вообичаено во културниот свет
Имам неколку забелешки по повод новиот струен удар од најголемата хидроцентрала на гола вода во Македонија: Апелот до преначитаниот премиер да најде време меѓу два увида во поставување на камен темелници на легнати полицајци, да ја стави под државна заштита оставштината на писателот Петре Андреевски.
Венко или Папокот, така се вика овој струен објект, со повремени удари го објавува своето присуство и значење во јавниот простор.
Преку голи жици од попови, градоначалници, бизнисмени, политичари…
Мојата прва забелешка е дека не е убаво да ги штреца луѓето со 220 волти патетични глупости само за да каже дека е тука.
Дека не пукнал и не истекол.
За жал.
Второ, не гледам зошто оставштината на еден писател не би била грижа на семејството.
Тоа е вообичаено во културниот свет.
Или на хидроцентралата на гола вода.
Папокот не отишол во селото да ја собере оставштината или толку колку што може да собере во неговото авто, туку седнал да произведува солзи и гнев кај широките народни маси слични на антишиптарските свињарии на кошаркарскиот натпревар во Куманово во присуство на власта.
Гасна коморо за сите “едикојсии” кои го оставаат Петрета на забот на времето.
Само не за него!
Или на Друштвото на мртвите писатели.
На некој мецена.
Итн.
Се разбира и на државата, но како што е познато нашата слатка државичка е најлош чувар на културното наследство, уште повеќе таа е најголем злотвор во тој поглед, така што апелот на Папокот до Мицкота и неговото пионче на л 4, всушност, е апел не за спас на оставштината на Петрета, туку за нејзино уништување, но, не од влагата и мемлата во Слоештица, ако не му се јават, туку во некоја шупа која елитните единици на власта во првата згодна прилика ќе ја запалат.
Со што се потврдува мојата прва забелешка.
И на крајот, најважното:
Петре е симпатична фигура на македонската национална конституција, заедно со целата своја генерација, но на уметнички план и Андреевски и другарите од кај “Јоле”, “Вардар филм” и “Букет”, се пристојни средношколски поети, чие писателство, посветено на народот ги ослободи од можните високи уметничките дострели.
Никогаш нема да откриеме какви биле вистинески потенцијали на Петрета, но затоа знаеме дека делата што ги пријави во конкретните услови, се пристојно и поздравително државотворни и повеќе од скромни во уметничка смисла.
Како и на Гане, Анте и другите великани на ударните бригади на македонското писателство.
Македонија го има ограничено, па дури и уништено талентот на овие луѓе кои по фестивали, кафеани и безвезни здруженија, се потрошија себе си во величањето на Македонија, особено на нејзините страдања.
На страдањата како нејзина суштина.
Така учествуваа во полагањето на темелот на нашите денешни маки и жртви, можно е и на самото непостоење.
На нашето смртоносно саморазбирање.
Дури и еден Горан е во таа категорија.
Малку над, но, сепак чисто македонски приземјен.
Не открија ништо ново, не излегоа надвор, не го поведоа надвор од себе народот.
Не го ослободија од себе ниту себе од него, туку му се упикуваа, газот му го расцветаа.
Го закопаа во неговиот иден гроб.
А и својот, ќе се покаже.
И тоа е вистината за нив.
И за Петрета.
Папокот се цитира самиот себе.
Напишал во руското издание на „Пиреј” дека Петре е „мкедонскиот Толстој”, „Пиреј” бил нашиот „Војна и мир” роман, Петре Андреевски бил „гениј”…
Па добро, ти на Русите им продаваш муда за бубрези?
На Ахматова и Бродски им ја продаваш „Дениција”, таа гимназиска песничка на која се влажнеа оженчените средношколки, како небо?
Ти всушност се заебаваш со Петрета, не го величаш.
Мислам дека тоа не ти е ни целта.
Ти пишуваш за себе.
Порано се срамев, сега веќе-не!