Денот на албанската азбука одбележан со книга и документарен филм за Параскеви Киријази
„Денови на азбуката – 2020“ е насловена културно-научната манифестација која вчера и денеска се одржа во Институтот за духовно и културно наследство на Aлбанците, по повод одбележувањето на 22-ри ноември, Денот на албанската азбука. Во рамки на манифестацијата, денеска, беше промовирана книгата „Дневникот на Параскеви Киријази“ од Скендер Асани и Нора Малиќи- Зулали и документарниот филм за УНЕСКО посветен на интелектуалката Параскеви Киријази која претседавала со Советот за кодификација на албанскиот јазик во Битола 1908 година.
Министерката за култура Ирена Стефковска, на промоцијата, честитајќи го Денот на албанската азбука истакна дека јазикот, по дефиниција, е средство за комуникација, но мајчиниот јазик е аманет.
– Нашата земја ја има привилегијата да изобилува со јазици и дијалекти, да биде „срцето на балканскиот јазичен контакт“, како што вели големиот лингвист и пријател на Република Северна Македонија, проф. Виктор Фридман. Тоа е богатство, културно богатство кое не прави поубави и посилни. Честитајќи го Денот на албанската азбука, 22-ри ноември, не го кријам задоволството што успеавме, во календарот на УНЕСКО за поддршка на значајни јубилеи во 2020, да ја внесеме и 50-годишнината од упокојувањето на Параскеви Киријази, активна учесничка на Битолскиот конгрес. На оваа исклучителна жена полиглот, ерудит, и педагог, и го посветуваме 17 декември – рече Стефоска.
На промоцијата свои обраќања имаа и амбасадорката на САД во РСМ Кејт Мари Брнз, претседателот на Евангелско-протестантската црква на Косово, Феми Цаколи, директорот на Институтот за албански и протестантски студии во Тирана, Давид Хосафлук, Нора Малиќи-Зулали и директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Асани.
Промоцијата која се одвиваше во специфични услови поради пандемијата со ковид-19, е во организација на Институтот за духовно и културно наследство на Aлбанците , а со поддршка на Министерството за култура.
На 22 ноември 1908 година во Спомен-музејот во Битола е одржан конгрес на албанските интелектуалци, на кој е усвоено современото и единствено албанско писмо. Денот на создавањето на албанската азбука има голема важност за сите Албанци и овој датум се смета за еден од клучните настани во нивната историја, а со унифицирањето и стандардизирањето на азбуката тие се определуваат како проевропски народ.
Битолскиот конгрес бил отворен на 15 ноември и траел до 22 ноември 1908 година, а на него учествувале 50 делегати од 26 градови, клубови и друштва. По еднонеделна работа, била усвоена одлуката да се прифати латиничното писмо, но со извесни промени на буквите, кои ќе бидат адаптирани на особеностите на албанскиот јазик. Како еден од основните елементи се смета писмото на кое пишува тој народ, како средства за себеидентификување, промовирање на националната мисла и на карактерот на нацијата. Азбуката што е усвоена на овој конгрес се користи како единствено писмо на сите Албанци.
За претседател на Конгресот тогаш бил избран Мидхад Фрашери, а за потпретседатели Лиуѓ Гуракуќи и Ѓерѓ Киријази, чија сестра Парашќева била единствена жена на Конгресот. Киријази потоа потоа го објавуваат и првиот Буквар на албански јазик со унифицираната азбука. Во Битола тогаш присуствувале албански интелектуалци од целиот свет, зашто градот бил центар на конзулите и се сметал како еден од најбезбедните.
Манифестација по повод Денот на албанската азбука ќе се одржи во Битола во организација на Министерството за култура во соработка со Секретаријатот за имплементација на Рамковниот договор при Владата.
Во Центарот за култура во Битола концерт ќе одржат виолинистот Шкeљзен Доли од Виенската фухармонија и оркестарот на Универзитетот на Тирана „Ибрахим Мади“ под диригентство на Ољси Ќинани.
Во НУ Музеј на албанската азбука во Битола prethodnite godini e отворена Спомен – собата на Комисијата на албанската азбука, во која се претставени нејзините 11 членови кои во 1908 година одлучиле за новата азбука на Албанците.