МНР ги демантира наводите дека со Република Бугарија било договорено заедничко чествување на Гоце Делчев. Проценката на официелните органи за начинот на кој беа пречекани силите на хаосот е дека тоа било согласно на сите дозволиви процедури
„И покрај искажаната волја, Република Бугарија не направи доволно напори да спречи пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир, овозможувајќи на тој начин, дел од нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на гранична полиција на Северна Македонија.
Согласно со утврдените протоколи за работа, и стандардите на ЕУ за безбедно управување со границите, дел од овие лица кои го нарушија јавниот ред и мир од поголем обем, беа приведени и изведени пред надлежен суд кој изрече соодветни мерки“ изјавија од МНР плсле тој долго најавуван 4 февруари како ден со голем безбедносен ризик..
Од Министерството велат дека на официјалната бугарска делегација предводена од вице-премиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, како искрен и последователен гест ѝ беше овозможено непречено да положи цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
МНР со жалење констатира дека радикални поединци, претставници на организации и политички партии во Бугарија продолжуваат да изразуваат територијални претензии кон Македонија и континуирано го нарушуваат достоинството на македонските граѓани, македонскиот народ и нашата држава
Од владиниот кабионет истакнаа дека нашите органи не дозволија да се погази придонесот и значењето на Гоце Делчев, не дозволија да се повреди националната гордост и чувства на македонскиот народ, не дозволија злоупотреби за политичките валканици на агентите на хаосот.
Пропаднаа обидите на Мицкоски, Апасиев и ВМРО-ДПМНЕ, се вели во изјавата, заедно со нивните истомисленици од другата страна на границата и бугарското ВМРО, да се случи хаосот на којшто работеа.
Ќе остане запаметено дека лажните патриоти од ВМРО-ДПМНЕ и заложникот на Апасиев, Христијан Мицкоски, се обидоа да го поделат народот, да го извалкаат делото на Делчев и тоа не им успеа.
Сега е важно да продолжиме по вистинскиот, европскиот пат на единство и сплотеност за државните и национални интереси. Само така може да ги оствариме нашите заеднички цели“, соопшти СДСМ
Другата страна, за жал, го искористи роденденот на Гоце Делчев за кревање на тензиите, а ние го положивме испитот и покажавме како треба да се однесува сериозна европска држава, оцени во понеделникот претседателот Стево Пендаровски.
Според него, македонско-бугарските односи во последно време се влошуваат.
– Имавме извесно смирување после прифаќањето на европската преговарачка рамка. Минатото лето влеговме во скрининг процесот. За жал, роденденот на Гоце Делчев беше искористен од другата страна за кревање на тензиите по мене сосема непотребно. Меѓутоа, мислам дека е неподелена оценката 4 февруари и од наша страна како држава сосема до крај, стопроцентно го положивме испитот и покажавме како една сериозна европска држава треба да се однесува со почитување на правата на луѓето да одат на почит на големиот македонски револуционер и притоа да се изолирааат сите што доаѓаат со лоша намера, односно доаѓаат со намера да провоцираат и да предизвикуваат немири – истакна Пендаровски, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со неговата унагарска колешка Каталин Новак.
Претседателот смета дека ситуацијата на границата на денот на чествувањето беше кристално јасна. Пуштен бил секој што сака да влезе во земјава и да отиде на гробот на Делчев за да оддаде почит.
– На сите што влегоа од Бугарија во Северна Македонија и сакаа да отидат на гробот на Гоце Делчев тоа им беше овозможено. Оние кои се обидоа да ја нападнат полицијата, се разбира, заработија прекршочни пријави и депортација од нашата земја. Секоја европска држава го прави тоа на идентичен начин. Нека ни се јави еден граѓанин на Република Бугарија на кој му било одбиено да влезе во Република Северна Македонија да одаде почит на гробот на Гоце Делчев, се разбира освен оние кои правеа проблеми за што има и видео снимки – рече шефот на државата.
Тој уште еднаш повтори дека според билатералниот договор со Бугарија и според сите меѓународни норми, правила и прописи, државјаните на земјава треба да се обраќаат и да ги бараат своите права ако мислат дека им се загрозени.
– Во однос на ова што кажувате она што го прават Бугарите од Македонија во Брисел, во Софија тоа не е ништо ново. Тие не можеа да разберат од самиот почеток, иако беа примени и од мене и од другите државни авторитети. Значи, зборувам за две-три години наназад, дека и според билатералниот договор што го имаме со Бугарија и според сите меѓународни норми, според сите меѓународни правила и прописи, државјаните на РСМ треба да се обраќаат и да ги бараат своите права ако мислат дека им се загрозени во Република Северна Македонија од македонските институции. За жал, тие тргнаа по обратниот пат и мислам дека го избраа погрешниот пат. Тоа не значи дека ние нема да ги сервисираме нивните потреби исто апсолутно идентично како и секој друг македонски граѓанин, меѓутоа мислам дека бадијала го губат времето зборувајќи со европски институции, Судот во Стразбур, а претходно да не реферирале или да не побарале поддршка или барем да објаснат во што е нивниот проблем тука во Скопје – потенцира Пендаровски.
Претседателот ја квалификува Декларацијата што ја усвои бугарскиот Парламент пред недела дена како „домашна политичка потреба во очи на изборната кампања“.
– Ние имаме рамка, после преговарачката европска рамка имаме нормална рамка која се нарекува фаза скрининг која треба да заврши до крајот на ноември оваа година. Декларацијата на бугарскиот Парламент во очи на нивните избори не се разликува по ништо од декларацијата дури и не е толку лоша од декларациите кои ги видовме три години во претходниот Парламент исто така. Она што е битно е што е европска преговарачка рамка одобрена од сите 27 земји членки на ЕУ вклучително и од Република Бугарија. Ова се унилатерални декларации кои до овој момент не добиваат поддршка од никого во Брисел и се разбира дека нема ни да добијат. Сакам да ги толкувам како нивна домашна политичка потреба во очи на изборната кампања – објасни Пендаровски.