АНА ЧУПЕСКА
Империјални аспирации на Путин (еуфемистички наречени пан-славистички и пан-ортодоксни), во суштина се фашизоидни и се поизвесно е дека имаат тендеција да го вратат регионов во мрачното доба на крвавите 90-ти. Во случајот на Босна и Црна Гора, чии што истакнати чинители се’ уште го гледаат Путин како „спасител”. Поточно, сопствениот џелат го трансформираат во месија
Станува се поочевидно дека капислите за повторно разгорување на и онака крeвкиот Балкан ни се тука пред носот. Ова пак, не случајно коинцидира со рецентните моменти на се’ посериозна реиницијација и интензивирање на агендата за интеграциите на балканските земји во ЕУ (преговарачка рамка за РСМ, Албанија, кандидатски статус за БиХ, голема финансиска инекција за справување со енергетска криза за сите земји од Западен Балкан, итн итн) и, токму сега, кога почнаа видно и мерливо да се придвижуваат взаемните односи на земјите на Западен балкан со ЕУ (преку Берлинскиот процес и Отворен Балкан, особено).
Но, сепак, загрижувачки се, мили мои, се поманифестните апетити на агресорот од Ленинград: Владимир Владимирович Путин. Тие империјални аспирации (еуфемистички наречени пан-славистички и пан-ортодоксни), во суштина се фашизоидни и се поизвесно е дека имаат тендеција да го вратат регионов во мрачното доба на крвавите 90-ти. Острите ветрови што тие аспирации ни ги сервираат денес, повторно ги разгоруваат преостанатите балкански жарчиња што сеуште тлеат, и тие како лесно запаливи можат да предизвикаат масовен пожар со несогледливи последици. Специфично, челниците во Србија и Косово, на лизгав терен, веќе подолго време наназад изустуваат крајно непромислени, неодговорни и деструктивни изјави – несомнено асоцијативни и со реферирање на минатите времиња, а не изостанува слична таква реторика ниту во случајот на Босна и Црна Гора, чии што истакнати чинители се’ уште го гледаат Путин како „спасител”. Поточно, сопствениот џелат го трансформираат во месија. И некои од нашите политички фактори исто така имаат проблем јасно да се дистанцираат од Путин, а некои други пак немаат никаков проблем гласно и дрско да го подржуваат и да ја артикулираат и промовираат неговата воена пропаганда. Токму овие ветрови на путнистичкиот режим, знаат добро дека Западен Балкан функционира како систем на сврзани садови, па евентуална ескалација на состојбите и односите Косово-Србија со сигурност ќе предизвика сериозни последици во целиот регион, кои директно ќе влијаат на започнатите интегративни процеси (Отворен Балкан, Берлински Процес, ЕУ) кои се од значаен интерес на сите граѓани. А нам на Балканите, како да не ни е доста од војната врзана за дисолуцијата на СФРЈ, па некои се однесуваат како да таа војна се случила во праисторијата , а не само пред 30 години. Како да ги заборавивме илјадниците мртви, силувани, протерани, жртви… Срамно и неодговорно. Страшен цивилизациски регрес.
Но, каков интерес има Путин да разгорува војна на Балканите…Меѓу другото, Балканот станува се позивесна паричка за негово поткусурување, оти во Украина баш и не му се одвиваат работите како што проектираше, па сега, поверојатно бара побезбеден простор за маневар или , бара можеби начин да се повлече, а притоа, да не „изгуби”;… Полесен е теренот на Балканите, одошто украинскиот, со други зборови… Тука работата може да ја заврши преку неговите ќелии и слепи поддржувачи, а притоа без да употреби тешка артилерија, без конвенционалните методи – туку, со хибридни закани што веројатно е поекономично.
За нас пак,на Балканот, безбедноста е скапа работа, затоа што тука се трошат многу ресурси, како човечки, така и материјални. Не случајно „нападнати” се безбесносни системи на сите земји без исклучок. Хибридниот напад има регионален опсег, поготово, преку лажните дојави за поставени бомби (опфатени се сите земји од З.Б), а паралелно, се масовно се продуцира пропаганден материјал, лажни вести… И секако, како шлаг на оваа расипана од смрдливи јајца торта – се појавуваат и по неколку гласни политички мегафони самонаречени „експерти” кои бесрамно и без нималку безбедносна култура трубат ли трубат тотални невистини, поаѓајќи од чисто лични лукративни интереси. И што е најважно, справувањето со корупцијата, оди многу бавно, а таа борба е клучна за овозможување на сигурна средина и на безбедна држава. Затоа што несоборлив факт е дека еден од клучните услови за „националната безбедност” е всушност успехот во борбата против корупцијата.
Оттука, Европа – „каква таква” и САД, не попусто вложуваа и се’ уште вложуваат ресурси, финансии, енергија и време за да ни помогнат да создадеме подобро и побезбедно место за живеење, но, и за да направиме функционален полтички систем. Сепак, нашата колективна неспособност да се развиваме и да ги артикулираме демократските, конституционалните и европските вредности, не можеме да ги препишуваме на било кој друг,освен на нас самите. И да не се занесуваме дека некаква си „меѓународна конспирација” е во игра, да вергламе како „Калимеро”, патетични и бедни. Нам ни е потребна сеопшта општествена мобилизација и демократска еманципација за да бидеме во чекор со времето, а не да гувееме и венееме на маргините на историјата. Да бидеме пердув одвеан во виорот на актуелнава војна. Во современите глобални, регионални и локални услови, ние затоа мора сериозно да го третираме секое неодговорно однесување на сите политички фактори, затоа што во спротивно влегуваме во една исклучително опасна зона, чиј што праг ако го преминеме нема да има назад. Ќе бидеме – одвеани, дозволете да повторам.
Крајно време е, мили мои, да се реализира заедничка платформа на сите политички чинители тука. Не е доволна само парламентарната декларација за подршка на украинскиот народ. Потребна е платформа со јасен акциски план за евроинтеграцискиот пат на земјава, почнувајќи од уставните промени, па се до активно учество во преговарањето. Во спротивно, само-иземањето на некои политички фактори од овој егистенцијален процес за нашата држава само ќе биде повод да самите постанат инстумент за дестабилизација. Ќе бидат Маша-та на Медо-то во цртаниот филм од продукција Путин.