АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Тоа човекољубие со силни христијански примеси дојде неодамна до израз кога Заев го предложи своето „помирување“ со „помилување“, веќе во заборав по бегството на Груевски од пред носот на власта. А и со него не стојат работите баш најдобро. Не стојат, затоа што човекољубјето си има своја зона на важење, а практикувањето власт врз основа на закон како главен и највисок авторитет – своја. Кога се мешаат тие две зони, работата е, обично, врвка
Не многу одамна министерот на полицијата Оливер Спасовски кротко и сталожено ја убедуваше нашата хронично сомничава јавност дека „МВР знае“ каде е Груевски за да каже потоа, не претерено возбуден и не помалку сталожено, дека не го привела од добро познати, демократска причини кои, нели, држат до строг легализам? Тој пак, од своја страна е далеку колку небото од земјата од кој било волунтаризам, особено груевистички.
Потоа, откако Груевски се огласи од Будимешта, брзо заборави (не толку ретка политичка амнезија, подеднакво добра како за груевсти, така и за заевисти на власт) што рече претходно, за да изјави дека неговото МВР драстично се разлликувало од МВРО-ВМРО на Јанкуловска. Дака „преземало дејства“ само по судски налог. Дека, конечно, кога дошло до тој налог, тргнало во акција која завршила по неуспех затоа што тој Груевски не го нашла таму каде што требало да биде според валидниите (?!) „сознанија на полицијата.“ Некако патем и со многу дикат додаде уште дека бегството на Груевски трбало да биде „поука за сите нас.“ Една „поука“ и за судството кое тебало поинаку да постапува со сите оние што биле, се или ќе бидат „на некој начин осомничени“.
На тој точно адресиран совет брзо се огласи и претседателот на скопска единица (Кривичен суд) Џолев. Тој прво се согласи со Спасовски. Потоа објасни дека судот издавал налог по предлог на обвинител кој пак не побарал притвор за Груевски за, некаде кон крајот на својата изјава, да ни даде до знаење дека вината за бегството на Груевски сепак била во МВРО, а не во Судот. Имено, Џолев со многу обѕири и уважување јавно го потсети Спасовски дека неговото МВР имало право на своја „иницијатива,“ што значи дека не морало да чека некој налог за да го уапси Груевски кој одбивал да прими решение за затвор.
Радмила Шеќеринска, министер на војската во владата на Заев во својот добропознат енергичен тон јавно се праша зошто морало еден судски налог да патува цели „три дена“ од Кривичниот суд на Џолев до МВР на Спасовски? Зошто владата ниту сака ниту пак може да се меша во независното судство. Како и по што се разликува таа од власта на Груевски и, најверојатно, уште нешто мошне умно и поучно кое можеше (и требаше!) да го каже пред спектакуларната кидевела на Груевски од пред носот на власта. Ама, изгледа, за тоа немало потреба тогаш? Ако немало, зошто немало? Зошто дури сега – има?
Околу тоа не пропушти да го каже своето и премиерот Заев. Тоа што го кажа, досега го кажал на илјада и еден начин. А кажа дека ни на крај памет не му паѓало да влегува во автономен сектор на независно судство. Дека владата не може да носи закони – работа на парламентот. Да обвинува и да суди – работа на трета, независна власт. Дека сè што рекол и не рекол досега испаднало така. Иако пропушти да каже (пак таа добра политичка амнезија!) дека неедна работа заборавил за да може, потоа, да направи друга, поважна . Пример? Пред некој ден рече дека немало да има Рамковен во уставната преамбула, како што јавно побара Бујар Османи. Само еден или два дена потоа, без ниту збор објаснение, тој Рамковен се најде во уставната преамбула.
Ете, токму така стојат тие колку општи, толку и килави работи на нашите персонални институции (Спасовски, Џолев, Шекеринска, Заев) кои, по силата на своите овластувања и власт, биле должни да го спречат Груевски да си замине насигурно кај неговиот верен пријател Виктор Орбан. Ама ете, не сториле. Затоа што не знаеле? Затоа што не сакале? Затоа што, како легалисти за приказ и показ, како крвни непријатели на озлогласениот гревистички волунтаризам, тие стриктно се држеле до словото на законот кој, како што покажа (и) овој случај, ни од далеку не бил совршен? Или, затоа што ни сами не знаат зошто?
Е сега, кога веќе дојдовме до тој закон, многу несовршен и правен по мерата на деспот Никола Груевски за да му служи верно на неговиот добро познат волунтаризам, треба да се прашаме: а зошто Заев со својата влада не предоложил да се замени тој лош, волунтаристички закон кој толку добро му служел на груевизмот, а со друг, подобар? Кој ќе му служи на демократскиот заевизам со силни примеси на христијанско човекољубие (хуманизам)?
Тоа човекољубие со силни христијански примеси дојде неодамна до израз кога Заев го предложи своето „помирување“ со „помилување“, веќе во заборав по бегството на Груевски од пред носот на власта. А и со него не стојат работите баш најдобро. Не стојат, затоа што човекољубјето си има своја зона на важење, а практикувањето власт врз основа на закон како главен и највисок авторитет – своја. Кога се мешаат тие две зони, работата е, обично, врвка.
Човекољубјето бара милост и разбирање и за оној што треба, по слово на законот, да замине в затвор. Како Груевски, на пример. Напротив, законот кој важи за сите подеднакво (правда), ниту знае, а ниту пак сака да знае дека некои се повеќе, а други помалку луѓе само затоа што првите стројат на повисоко социјално скалило, а други пониско. Тој е глув, тој е слеп за такво човеколубие со мирис на темјан. Кога Заев спонтано или свесно (неговиот “прагматизам“?) се повика на тоа свое човекољубие со мирис на темјан, исто толку спонтано или свесно заборави дека институцијата премиер е должна да држи до словото на заканот. Не до гласот на неговото меко, милосрдно срце со мирис на темјан.
Сите ликови од непосредното опкружување на премиерот (Спасовски, Шеќеринска, министрите, нивните заменици, државни советници или, со еден збор, една цела армија од државниот апарат) по обичај верно ги следат неговите препораки, смислено или спонтано лансирани, сеедно. А ги следат затоа што веруваат во нив, за да му се допаднат и да му се приближат, по налог на некој свој „прагматизам“ кој соработува со оној на премиерот, или од куп други причини: видливи, малку или невидливи. Од таа гледна точка одговорноста на премиерот за бегството на Груевски е не помала од онаа на Спасовски кој галантно му ја префрли по судот. Одговорност? А што беше тоа? Тоа беше нешто за кое ништо не знаеше груевизмот! Напротив, заевизмот знае сè што треба и како треба за таа одговорност. Ама и таа е многу подобра и жива кога е на зборови. Помалку добра и жива кога треба човек да ја – прифати!