Љубомир Грбевски е еден од оние автори чие перо го води љубовта кон приказната наменета за нив, анимирајќи го и во себе, потоа и од себе, детето што дремка во секој човек, и кое авторот творечки го буди за да биде вистинскиот раскажувач на неговите творби за најмладите
ТОМИСЛАВ ОСМАНЛИ
По втор пат и за кусо време, пред македонската сценска и читателската јавност, со нови драмски текстови за деца, се јавува Љубомир Грбевски – писател, публицист и познат проследувач на рок сцената и културата. Станува збор за книга со три бајковни пиеси коишто, се објавуваат под заедничкиот наслов „Лет со умот кон папокот на универзумот“, преку издавачот „Дирекција за култура и уметност на Скопје“. Преходната објава на истиот автор, и истиот издавач, се случи пред само две години, кога пред нашите читатели и љубители на театарот Грбевски се претстави со своите шест пиеси за млади (за тинејџери) насловена „Бајки-тралалајки“. Тој континуитет во создавањето во еден релативно нов домен во којшто Грбевски, сега како продуктивен драматург, но и како одамна потврден автор со неколкудецениски новинарски и публицистички распишано перо, ја манифестира својата определба кон создавањето драмски творби за широкиот круг љубопитници, како од младинската, така во најновиот проект, и од детската популација.
Двата младешки круга, како што е добро познато, се добронамерни, но строги проследувачи на делата наменети за нивните сценски и читателски интересирања и доживувања; и тоа, као што е исто така познато, на страната на драматурзите и на останатите писатели, создава посебни одговорности… И уште нешто, без што и претходниот однос кон наративната материја наменета на децата и младите, не би имала особена вредност: Грбевски е еден од оние автори чие перо го води љубовта кон приказната наменета за нив, анимирајќи го и во себе, потоа и од себе, детето што дремка во секој човек, и кое авторот творечки го буди за да биде вистинскиот раскажувач на неговите творби за најмладите…
Така, низ детето што се буди сценските бајки на Грбевски е едно радосно и игриво дете, а авторот којшто ги забележува неговите изблици, искази, приказни и реплики е еден сериозен и одговорен драмски автор. На таков еден, авторски топол и воедно радосен, но исклучително одговорен начин, Љубомир Грбевски ги испишува и своите три нови сценски повести (поднасловоувајќи ги не со помалку шарм како „бајки несолени, за мали и за големи“). Инаку, одговорноста на овој автор кон својот голем малечок читател, се согледува во богатството на ликовите преземено од една подеднакво богата лектира, со инспирациите класичната бајковна и театарска литература; но, и современите чувствувања и одгласи, според времето и вкусот на денешните деца во чии речници и појмовници живее еден посебен јазик: оној на именувањата на производите, а со нив и на изразите на модерната електронска технологија, како и јазичните искази и жаргони на новото време. Во своите драмкси текстови Љубомир Грбевски нив слободно, спонтано и шарматно ги спојува.
Инаку, неговите приказни се сложени, делумно почиваат на класични бајковни ликови и наративи, како и на комични драмски заплети. Оттука, неговите галерии се составени од фантастични, великодостојни карактери на витези, кралови и принцови, но и од скромни и проникливи обични, луѓе од народот. Токму како во драмските проседеа кои тој ги оживува на автентичен начин. Ненадејните појави и пресвртите присутни и духовити, стилот е комичен и разгргорен, дејстивето богато, а чувството на радост проеткаено низ сценските ситуации – изобилна.
На тој начин својот возрасен детски свет го претставува авторот на драмските текстови од книгата „Лет со умот кон папокот на универзумот“ (при што првата сценска бајка ѝ го позајмува својот наслов на целата книга, надополнета и со останатите два драмски текста, „Здодевна бајка“ и „Шумско востание“). Текстовите на Грбевски, што е убав и воедно тежок начин, се стихувани и тоа во строго римувани строфи, што од една страна ја подвлекува класичната театралистичност на драмаските текстови, а од другата нив ги прави говорно поатрактивни и „по-течни“, накусо – подопадливи за детскиот дух и внимание. И тука римата на пати повлекува говорно изразени пресврти, при што класичниот стандард во мотивите од светот на принцовите, витезите, пастирите, самовилите, вештерките и бајките се надополнува, оживува и се преобразува во рими од современиот жаргон на младите…
Да се пишува нова бајка денес веројатно значи да се пародира стариот и добро познат модел, и со тоа да се освежи и да му се доближи на младиот читател и гледач од новите, современи генерации. И додека истиот автор во својата претходна книга тоа изобилно го прави во своите шест драми наменети за тинејџерите, тука, во новите три драми наменети за помладата популација, тие постмодерни интерсекции ги прави поодмерено, оставајќи ја основата на бајката поприсутна.
Сепак, „Лет со умот кон папокот на универзумот“ не е книга која ги исклучува и постарите, било младешки, дури и возрасни популации. Нив ги лови во мрежите на живата нарација, на заплетите, и на фабуларноста на драмските повести, но и со стихот и радоста на ситуациите доволно шаренолики, живи и атрактивни да го придобијат вниманието и на останатите, поголеми возрасти.
Единствената забелешка којашто би можела да се стави се, спорадично, напрегнатите римувани решенија и на места предолгите наративи на раскажувачите и на по некој од ликовите, но со тие предизвици се среќавал секој автор што се осмелил да пишува во стих и во рима. Во тие својства нив Љубомир Грбевски, во секој случај одлично и многу креативно се снаоѓа.
Со оглед на горе изнесените заклучоци, сo задоволство ја поддржувам „Лет со умот кон папокот на универзумот“, новата објава со која авторот Љубомир Грбевски одново се потврдува во еден тежок, одговорен и воедно така значаен домен како што е драмското творештво за деца.