На социјалните мрежи се споделува напис, кој се повикува на видеоматеријал (од 3:25 мин.) од гостувањето на белградскиот професор во пензија, д-р Бранимир Несторовиќ, во емисијата „Теорија на заговорите“ на српската телевизија Хепи.
Иако е поранешен член на Кризниот штаб на Србија, истиот, сега како екс-функционер, станува значајна фигура во антиваксерската кампања во оваа земја, но и пошироко. Него го нарекуваат и „антиваксерски Бошко Буха“.
Основна теза на овој педијатар-пулмолог е дека пандемијата не постои, а написот што го рецензираме е делумен извадок од напис од српскиот портал „Ало Онлајн!.
Тоа се случува во мигот кога податоците на СЗО (11 февруари 2021) покажуваат дека во светот од ковид-19 заболеле речиси 106,8 милиони, а починале над 2,3 милиони лица. Може ли да се негира оваа бројка? Секако дека тоа е тешко и практично не без други, секако научни документи со иста тежина, кои Несторовиќ ги нема.
Во написот што го рецензираме доктор Несторовиќ изнесува тврдења дека СЗО лаже, односно не умее да погоди што е пандемија, што е епидемија, наведувајќи го случајот од 2009 година во врска со свинскиот грип, кој бил наводно измислен, оценките се менувале од час во час од страна на СЗО и слично.
Најпрвин, пандемијата како оценка произлезе од раширеноста на болеста во повеќе земји, во случајот и континенти, а не само врз бројот на заболени. Понатаму, СЗО беше многу внимателна во третманот на свинскиот грип.
Новиот вирус на свински грип би можел и натаму да се менува, изјави Кеиџи Фукунда од Светската здравствена организација во Женева. Во таков случај вирусот би бил навистина опасен за луѓето. Сепак, СЗО останува на тревога од трет степен, кој во скалата од шест степени на аларм, колку што може да прогласи СЗО, е степен на предупредување. Тоа значи дека треба да се преземаат превентивни мерки, да се набљудува каде и какви случаи на болеста се јавуваат, да се собираат податоци и да се истражува вирусот.
Ова е изјава од 27 април 2009 година, а дури потоа, по речиси два месеци (12 јуни 2009), СЗО објави пандемија. „Вирусот не може да биде запрен“, изјави директорката на СЗО, Маргарет Чан, додавајќи дека, сепак, станува збор за „умерена пандемија“.
Пандемија, според дефиницијата на СЗО, дадена тогаш, се прогласува кога вирусот на болеста се шири засилено, надминувајќи ги регионалните граници, и тоа „самостојно“, односно со пренесување од човек на човек.
Пандемијата на свинскиот грип, за која станува збор во анализата на СЗО од 2018 година, предизвикала смрт на 200.000 лица, од кои половината деца на училишна возраст.
Оваа втора теза за лажната пандемија за свинскиот грип на Несторовиќ е лажна во дефиницијата (дека не постоела пандемија, односно дека СЗО „претерува“). Зарем 200 илјади починати од повеќе региони во светот е мала бројка? Потоа дали оваа лага не служи за носење на неговата приказна за короната вон контекст, за да не мора да докажува дали сите се слепи кога ја гледаат планетата во црнина, заради огромната штета што ја прав ковид-19?
Понатаму следи тезата што претставува политичка интрига – дека пандемијата е измислица за да се сруши Трамп од претседателското место – „на 20. јануари, еден час после инаугурацијата на Бајден. СЗО го промени начинот на тестирање со ПЦР тестот, го спушти на 25 циклуси и прогласи дека не треба да се тестираат луѓе кои не се фебрилни, кои немаат температура“.
Но, ваквото тврдење е веќе побиено од страна на проверувачите на факти, како Фактчек од САД, на пример. Најпрвин, станува збор за информативна белешка на СЗО, која е само обновена и нешто дополнета верзија на друга белешка, која беше првично објавена на 14 декември 2020 г., значи многу пред инаугурацијата на Бајден на 20 јануари 2021 г.
Во неа едноставно се бара лабораториите кои работат со ПЦР тестови за корона вирусот внимателно да ги следат инструкциите на производителот за тестирање за да се спречат лажни позитивни и негативни резултати. Или поконкретно, во додатокот од 20 јануари СЗО едноставно бара од оние кои ги спроведуваат тестовите обавезно да ги прочитаат инструкциите на производителот „за внимателно да одредат дали е препорачано рачно прилагодување на границата за позитивност кај ПЦР тестовите“. Заради ваквата техничка забелешка на социјалните мрежи се појавија содржини во кои се тврдеше дека дотогаш се лажело за бројот на случаи и на починати од ковид-19. Но, Фактчек утврди дека постовите и твитовите што ги содржат ваквите тврдења потекуваат главно од еден твит, кој подоцна бил избришан.
На крајот од текстот што го рецензираме се вели и следното:
Ден после инаугурацијата на Бајден, шефот на СиЕнЕн вели дека ковид не претставува опасност за Америка, дека тие воопшто нема да ја следат таа приказна бидејќи имаат многу голема доверба дека Бајден ќе ја стави под контрола.
Меѓутоа, неточно е дека Си Ен Ен не ја следи состојбата со пандемијата со коронавирусот. На нивниот Јутјуб канал постојано се апдејтираат нови и нови стории за пандемијата не само за САД, туку и за светот.
На 15 февруари, на пример, на Си Ен Ен објавена е сторија за варијациите на ковид 19.
Од горниот скриншот може да се забележи дека Си Ен Ен постојано известува и за статистиката на заразени и починати, исто онака како што тоа го правеше кога на власт беше Доналд Трамп. Понатаму, нејасно е на кого се мисли кога се вели „шефот на СиЕнЕн“. Ваквото неконкретизирање на изворот е еден од показателите дека е можно да станува збор за дезинформација. Особено што во Си Ен Ен нема еден „шеф“, туку цела менаџерска структура.
Во рецензираниот напис за Несторовиќ се вели дека во неговиот ТВ настап тој „порачал работи кои не можат да се потврдат во пракса.“ И тоа е сè што е направено во насока на раскринкување на неговите изјави и докажување дека тие се неточни. Уште повеќе, после ваквата полуреченица, за која не е јасно дали е само патемна забелешка или оди во вистинска насока, написот продолжува да ги повторува теориите на заговор на Несторовиќ без никакво дополнително оградување од нив или објаснување дека тие се невистинити.
После овој настап Несторовиќ заработи „тужба“, која му ја поднесе Здружението на граѓани Обединети против ковид до Првостепениот суд на честа на Лекарската комора на Белград заради повреда на Етичкиот кодекс на Лекарската комора на Србија за неговите лажни и неетички изјави.
Од друга страна, овој лекар беше добредојден со своите изјави и правење шеги на сметка на пандемијата во периодот февруари–март, кога за шефот на државата, Александар Вучиќ, ковид-19 беше, исто така, бенигна појава. Тој потоа стана непотребен во мигот кога самиот српски претседател ја промени својата политика кон болеста за 180 степени.
Вучиќ на 11 ноември минатата година го одликуваше со Орден на Караѓорѓева ѕвезда од втор степен.
Лекарската комора ќе има тешка задача во однос на овој лекар, особено што Србија е среде кампања за вакцинација. Во секој случај, „Вистиномер“ смета дека неговите тврдења, изнесени во написот што го рецензираме, се невистинити.
(vistinomer.mk)