Чудно е како сите оние сцени на бесот и разулавеноста на богот Марс во Украина се уште ја одржуваат силната пропутиновска духовна зависност на дел од обичниот народ и на значаен дел од т.н. интелектуалци во земјава? Се одвива ли паралелна војна меѓу два света во форма на пресметка, засега вербална, меѓу приврзениците на автократијата и тиранијата на Истокот со западните политички вредности? Да не заборавиме – немаме примери да има војни меѓу демократски држави. Треба барем една од завојуваните да е синоним на самовластие
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Се сеќавам дека како дете моите родители седеа околу радиото навечер, барајќи ги двете важни станици кои даваа програма на ултра куси бранови, односно имаа голем досег – Гласот на Америка, со уредникот Грага Златопер и Гаварит Масква. Повод – кубанската криза, кога светот навистина беше соочен со нуклеарна војна и кога во еден миг неколку морски милји ги делеа советските бродови со многу опасен товар од американските воени бродови кои правеа карантин околу кастровата Куба (намерно се користеше изразот карантин а не блокада, бидејќи, блокада беше термин кој дозволува контра-мерка односно поведување на оправдана војна!). Факт е дека во тие октомвриски денови и ноќи во 1962 година сепак имаше барем „зрно сол“ (cum grano salis би рекле старите Латини) па во заднината на вестите течеа преговорите меѓу Боби Кенеди, братот на претседателот на САД и советскиот амбасадор во Вашингтон што вродија со „разумен комопромис“ – ракетите со нуклеарни глави беа повлечени од Куба, Америка ги повлече своите од Турција, САД се обврза да не ја напаѓа Куба и ја повлече блокадата.
ГЕНЕРАЛИ СО ПОСИНЕТИ ЛИЦА Оваа дигресија е нужно изведена од ситуацијата кога властодржецот Путин им соопштува на своите генерали, од зад мернерното лице полно со ботокс, дека треба да се спремат на користење на нуклеарното оружје. Имаше на таа средба, кога редица генерали седеа во полукруг, на обични столици, далеку од својот врховен командант, посинети лица на униформираните а може лесно да замислиме какви се слики на ужасот им се вртеа во главите. За таа ситуација малку е да се рече – „царскиот збор не се порекнува“.
– Имам впечаток дека СССР имаше дури подекратско уредено општество отколку што е денес Русија – истакна неодамна професорот Малески во гостувањето на ТВ 24. – Човекот кој во Москва одлучува за војна и мир е денес осдамен во однос на институциите во земјата. Во поранешното Политбиро на СССР имало полемики и разногласија по жестоки прашања – Хрушчов одлучи како што одлучи во кубанската криза а потоа беше сменет од Брежњев.
Светот со право се возбуди а главна задача на ЦИА, велат, во мигот е да донесе одговор дали Путин е во таква психичката нестабилност за да тој лесно го стисне прстот на копчето кое ќе значи старт на сеопштата катастрофа.
Оваа снимена ситуација со исплашените генерали е намерно пуштена во етерот за да го заплаши светот и да предизвика масовна психоза која би ја подигнала цената на самоволието зад кремљовските ѕидини а не случајно и го подигнало култот кон Путин на Балканот, Имено, нашата земја е несомнено поделено на симпатизери на една моќ – пропутинисти и на граѓани кои се гнасат од сето она што руската армија го прави во Украина еве веќе трета недела. Имаше на социјалните мрежи повици Путин „да фрлел една нуклеарка“ врз Украинците и да им „покаже“, како и такви повици пред камерите од наша колешка, која во рамки на здружението Родина, говореше за тоа дека противниците на Путин кај нас треба да се однесат со сточни вагони (асоцијација на превозот на нашите Евреи во Треблинка!) и да ги фрлат меѓу двете борбени линии, како некакви голораки робови во римските арени на смртта!
ДЕМОКРАТСКАТА СВЕСТ ИМА СКУСЕН АРЕАЛ Она што е пострашно од ваквата фантазија е секако сознанието дека недоволниот степен на демократска ссвест во нашето општество има своја сериозна база во населението, кое меѓу другото и гласа на изборите, а дека тоа друштво си има своја поткрепа и во медиумите а располага и со свои орудија со кои манипулира со јавното мислење.
Она што ние споделуваме тука на Балканот како симпатија со Русија е една авторитарна традиција, практика во која никој нема „што да му мисли“; доволно е да се повинува на услови кога само поединецот е најумниот и е доволен да ги води сите работи во општеството.
Народот смета дека се’ што лошо ни се случува, мисли професорот Малески, треба да се припише на политичарите – затоа имаме криминал, корупција, несразмерно богатење, споро носење на одлуки и за тоа се обвинува демократијата. Не се цени ни слободата за сметка на критиката на демократијата. Таа фасцинација со цврсти личности кои ете наводно знаат како се води држава (Слободан Милошевиќ, Садам Хусеин а сега и Путин) е жилаво опстојувачка на овие балкански координати.
Заклучокот дека нашиот народ ги почитува силните лидери, но не и значи многу слободата има безброј примери. Се сеќавам на еден курир што го имавме на работа во раните 80-ти, кој жалеше за смртта на Јосип Броз со зборовите „порано ако имав проблем ќе пратев писмо до Дедиње и потоа ќе ми се средеа проблемите а сега немам кому да му пишам“. Ова е секако „софт“ варијанта на приврзаноста на „цврстата рака“, која одново не води кон прашањето колку е кревка позицијата на демократската свест, онаа која се борти за зацврстување на институциите, која пак, нели, не може да биде кусорочна акција. Бидејќи, насппроти таа активност, антидемкоратска свест се претвора во контра-акција дури и кај поголемите партии! Да се сетиме како минатиот викенд жената дојдена од скопска Пинтија во Штип, на митинг на една десна партија, чекорејќи меѓу оние лица кои сметаат дека со тој чин на прошетка, евентуално со сендвич и чај, станале многу битен чинител во општеството, потенцираше дека нивна цел како протестанти е „да ја унуиштат државата“. Нема сомнение дека таа во зборот држава ги сместува сите оние фактори кои создаваат среден политички амбиент, освен, се разбира, нејзината партија, која и овозможила неделна променада.
ПРЕКРШЕНОТО ПАРТНЕРСТВО ЗА МИР: Подржувачите на Путин кај нас често деновиве велат дека САД односно НАТО го прекршиле ветувањето дадено на Москва за неширење на Истокот. Но, кој што прекршува тука? Со договорот во Будимпешта, од 1994 година, на пример, кога независната Украина, но и член на Заедницата на независни држави (екс СССР) и ги врати сите нуклеарни глави во Русија (1.400 на број) со обврска дека токму Москва ќе биде гарант за нејзината независност и слобода. Јасно е како ден – тој договор Путин го прекрши. И не само кон Киев! Беше со војна одземен дел од Грузија (2009), поранешна членка на СССР. Слични дејствија имаше и кон малата Молдова, а Путин, иако обврзан кон членките од Договорот за колективна безбедност кој го потпиша и Ерменија, не ја бранеше неа во наметната војна со Азербејџан! Стратезите гледаат дека Путиновата цел се токму земјите кои излегуваат на Црното море. Таму има три членки на НАТО (Турција, Бугарија, Романија) а целта на актуелната војна гледаме сега е – Украина, најкрупен „залак“ покрај веќе симнатите на земја Грузија, Моклдавија и индиректно Ерменија!
Деновиве како гостинка на Телма ексминистерката за одбрана Шеќеринска потсети дека по падот на Берлинскиот ѕид двете големи сили влегле во Партнерството за мир! И дека тоа е сојуз што имал своја перспектива. Да се потсетиме дека Партнерство за мир (ПзМ) е програма на НАТО насочена кон соработка и создавање на доверба помеѓу членките на НАТО и останатите земји од Европа и од поранешниот СССР. Македонија беше членка на ПзМ од 15 ноември 1995 година до 27 март 2020, кога стана членка на НАТО.
Партнерството е создадено во 1994 година а земјите членки имаа можност да влезат во НАТО преку одредени програми за кои беа заинтересирани. Во тие рамки на соработка Русија и даде логистичка поддршка на САД во инвазијата врз Авганистан во 2001 година а дури и обезбеди и користење на еден аеродром во Киргистан Па, Путин беше приосутен на Самитот на НАТО во Будимпешта во 2008 година! Тоа е оној настан кога ние добивме грчко вето (!) за влез во НАТО, но таму влегоа Албанија и Хрватска а Грузија и Украина добија само едно „мањана“. Во споменатата емисија (Вин-вин) Шеќеринска потсетува дека на Самитот во Букурешт во 2008 година Путин држел и говор во кој истакнал дека е целосно задоволен со одлуките на Самитот (!) освен со барањето на Украина и Грузија за кои рекол дека не се само безбедносни прашања. Русија во тоа време на силна соработка со САД не дала вето во Советот за безбедност по многу битки прашања во кои САД се борат рпотив тероризмот а во Киргистан Американците имале добиено и воена база за користење зад што стоела како „жирант“ токму Москва!
Следната година по споменатиот Самит Русија воено ја нападна Грузија!
Ако се гледа во тотал, јасно е дека Москва само се враќа кон границите кои ги имала империјална Русија. Како преку контрола врз дел од поранешните републики, сега независни држави (Белорусија е таков пример), така и преку обид за аншлус на цели независни држави како сега во војната против Украина. Свовевремено рускиот амбасадор во Скопје (2009 г.) јавно изрази задоволство дека македонскиот народ ја подржал воената акција против малата Грузија и ги оправдал целчите (присвојувањето на територии). Уште тогаш, ама не толку забележливо, беше видливо дека нашиот народ ги сака „силните лидери“, но и дека Путин целосно ги напушта детантските патеки кои беа воспоставени меѓу големите сили! Ама кој ќе мисли на такви „дребулии“ кои го валкаат ликот на борецот со мечки и тигри…
КАФЕАНСКИ ОДМЕРУВАЊА Во опсегот на кафеанските докажувања за тоа дека воинствениот Путин само ги повторува потезите на Америка и НАТО и дека неговиот современ империјализам секако спаѓа и епизодата на бомбардирањето на Србија во 1999 година. Но тоа не е изолирана епизода, туку само дел од војната која веќе траеше една деценија а во која Србија направи многу злосторства против човештвото и го направи крвав болниот распад на југословенската федерација. Во тие настани кои започнаа со тргањето на либералите во Србија од политичката сцена (некои со убиства како кај Иван Станболиќ), со поставувањето на целите на распадот на Југославија во САНУ и да скусиме – со војна во која отидоа 400 илјади животи и имаше милиони иселени лица низ светот, со масовни убиства како оние во Сребреница кога за четири дена се убиени над 7 илјади лица… Ова несомнено си имаше и свои одблесоци и во војната која настана на Косово. Екс – министерот за надворешни Малески, на пример, се сеќава на преговирите во Рамбуе (тие траеја 17 дена – н.з.) и беа неуспешни, иако светската елита предвидуваше останување на Косово во рамките на Србија а на Милошевиќ му се даваше улога на миротворец и му се гарантираше посебна позиција на Балканот, напати и со молење, но белградскиот лидер останал на своето. Дури потоа дојдоа бомбардерите, кои, секако, не може да се оправдуваат од аспект на осуда на секое наслиство, но агресијата беше веќе присутна ма Балканот. Впрочем, кумановскиот договор со кој заврши бомбардирањето не го смени веднаш недемократскиот режим, туку имаше свои последици по нерегуларноста на изборите што следеа а продолжи и со политичкото убиство на првиот проевропски премиер Ѓинѓиќ во Србија (2003), четирите обиди за убиство на лидерот на опозицијата Драшковиќ и со поставувањето на длабоки темели на едно антилиберално здание во нашето соседство. Да не се заборави како не малку лица во Скопје покажуваа злурадост кога беше покопуван Ѓинѓиќ, истите оние кои денес ја слават врската меѓу Белград и Москва, иако Москва реално никогаш не даде било каква цврста поткрепа на Балканот, освен што сакаше тука да создаде своја тампон-зона и долгорочен пазар за своите енергенти.
Во кафеанските полемики е присутен и примерот со Ирак. За ликот и делото на Хусеин можеби не треба да се полемизира многу. Но тој поведе војна со Иран и при тоа користеше отровни гасови! Потоа истите ги користеше во пресметка со својот внатрешен непријател – ненаоружаните Курди, вечните страдалниците во геополитичките пресметки на Блискиот Исток. Забораваме ли дека Хусеин влезе во Кувајт, една богата, независна држава која ни на сион не можеше да му наштети на моќниот Ирак! Ги заборавивме ли тие слики пред се на насилства врз жените а кои станаа цел за себе, како некаков модел на „грабнување на Сабињанките“? Впрочем интервенцијата на тогашниот претседател Буш Сениорот заврши на границата на Кувајт. Потоа следуваа нови провокации од Багдад , кој самиот се фалеше со тоа дека поседува „волшебно оружје“.
Од современите војни можеме лесно да извлечеме заклучок дека немаме практично судир меѓу демократски држави – тие не војуваат меѓу себе, како што вели проф. Малески. Ова важи и за актуелчните собитија во Украина – јасно е дека нападната држава не е пример на демократска земја. Но е држава каде има избори, се сменија дузина претседатели, постојат партии кои се борат за превласт, има корупција секако ама во Русија има се само не промена на кромилото и тоа предолго. Неконтролираниот ум – сега гледаме – лесно се одлучува да ги покрене тенковите. Светот стравува и од нешто полошо – во Кремл нема кој би го спречил тоа.