Се дистанцира ли МПЦ-ОА од честите контакти со руските дипломати, или пак се спроведува нова стратегија на средби без информации за јавноста?

Оваа дилема кружи во јавноста, откако веќе извесен период изостануваат информации за присуство на руски дипломати во друштво на црковни великодостојници, што не беше случај во изминатиот период.
Последната јавно објавена вест за таква средба е од 3 декември минатата година, кога архиепископот Стефан во својот Кабинет во Архиепископијата, на проштална средба го прими тогашниот амбасадор, Сергеј Баздникин. На 25 декември, Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин го потпиша указот за назначување на Димитриј Константинович Зиков за нов амбасадор во Македонија. До неговото официјално стапување на функцијата, должноста на амбасадор ја извршува привремениот вршител Владимир Дјаков.
Иако поминаа речиси 4 месеци, ниту руската амбасада, ниту МПЦ-ОА не објави инфо за каква било средба на привремениот амбасадор, што е малку невообичаено, ако се знае дека Баздникин беше чест гостин на МПЦ-ОА, а и претставници на МПЦ-ОА во амбасадата.
За потсетување, до пред извесно време великодостојници на МПЦ-ОА не се задржуваа да се најдат на настани организирани од руската амбасада, какво што беше присуството на повеќето од нив на приемот за денот на Русија, по изборот на новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија.
Според некои непотврдени информации на Религија.мк, уште минатата година претставници на државата му сугерирале на поглаварот на МПЦ-ОА дека таквата честа комуникација не оди во прилог и на црквата и на државата. Наводно и од црквата биле согласни со констатацијата, посочуваќи дека поранешниот руски амбасадор знаел да прави јавна штета на МПЦ-ОА со споделувањето на своите активности.
Но, дали навистина комуникацијата на релација архиепископија-руска дипломатија е прекината, или пак можеби само формата е променета?
Нашите извори велат дека средби имало и во овие 4 месеци и во Скопје, и во Белград, а и деновиве во Охрид, но за нив не е известувано. Информациите говорат дека комуникацијата е нормална, дури и зајакната со идеи за помагање на изградбата на капитални проекти.
Во кабинетот на Архиепископот Стефан неодамна се случила значајна средба. Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г Стефан го примил рускиот амбасадор Сергеј Баздникин. Средбата е значајна, затоа што, како што објави Скопската епархија, таа е била проштална.
„На 3.12.2025 г., Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан оствари проштална средба со Неговата Екселенција г. Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Македонија. На средбата присуствуваше и Секретарот на Светиот архијерејски синод на МПЦ – ОА, Епископот Хераклејски г. Климент, пишува во соопштеието скопската епархија.
Архиепископот и рускиот амбасадор се добри пријатели. Но, Баздникин заминува од Македонија. Како и да е ќе дојде нов.




