ФАТМИР БЕСИМИ
СЕФФ е форум кој се базира на платформа за отворен дијалог и инклузивност
Неделава која веќе изминува, Скопје беше центарот на економската дискусија во регионот. Преку 400 гости од меѓународни рамки, регионот и од кај нас, беа дел од втората годишна конференција на Скопскиот економски и финансиски форум – СЕФФ. Ако нобеловецот Јозеф Стиглиц беше во фокусот на годинешниот Светски економски форум во Давос, ние ја имавме честа да бидеме домаќини на уважениот професор и добитник на Нобеловата награда за економија, Пол Кругман, кој даде мошне интересен осврт кон каде оди економијата, но за тоа подоле во текстот. Покрај нобеловецот Кругман, плејада на значајни имиња од економијата, финансиите и бизнисот од регионот, но и светски рамки, учествуваа на СЕФФ. Не би сакал никој да ми замери, во интерес на просторот, ќе спомнам само неколку, како претседателката на Европската банка за обнова и развој, Рено-Басо, потпретседателката на Светската банка, Бјерде, потпретседателката на Европската инвестициска банка, Павлова, еврокомесарот Хан, поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер, успешниот бизнисмен Мајк Зафировски, светски познатиот режисер Милчо Манчевски, министри и истакнати универзитетски професори од земјава и регионот итн.
Настанот имаше значајна поддршка и од државниот врв, каде што свои обраќања за предизвиците и перспективи имаа претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата. Би сакал од срце да изразам голема благодарност до сите кои со својата дискусија и присуство придонесоа конференцијата на СЕФФ да биде достојна на настани од светски калибар. Огромна благодарност и до партнерите кои ја поддржаа нашата платформа за дијалог. Особена благодарност до мојот тим за организацијата, кој покажа посветеност, професионална прецизност и дисциплина, од планирање до реализација на настанот.
На мое големо задоволство, СЕФФ за кусо време прерасна во бренд, и мое и залагање на тимот, ќе биде и понатаму да го градиме тој бренд, бидејќи е од исклучително значење за промоција и позиционирање на нашата земја. Но, СЕФФ е многу повеќе од конференција од висок профил. СЕФФ е иницијатива на Министерството за финансии за олеснување и поттикнување на дебатата за јавните политики во земјава и Југоисточна Европа, преку годишни конференции, семинари, анализи. Оваа платформа има за цел да ги инволвира сите чинители во креирањето на политиките – политичарите, институциите, експертската и бизнис јавноста, невладиниот сектор и младинските организации. Очекуваниот резултат на оваа платформа е постигнување синергија при креирањето на новите политики и мерки за економско заздравување и инклузивен, забрзан зелен раст.
СЕФФ е дел од концептот СМАРТ финансии (S-Strategical, M-Maintainable, A-Accountable, R-Reform-oriented, T-Transparent) или паментни финансии, кој го применуваме во Министерството за финансии. Овој концепт се однесува на поставување на политиките врз основа на темелна, сеопфатна и долгорчна стратегија, донесена врз основа на факти и докази, а со цел да ги даде оптималните резултати. СМАРТ концептот се однесува и на справување со тековните предизвици, без притоа да се изгуби големата слика, она кон што долгорочно се стремиме – забрзан и одржлив раст, кој ќе го постигнеме со јасно утврдена реформска агенда.
Големата слика Аво мигот е можен ли е раст во време на неизвесност?
Се наоѓаме во специфично време, време исполнето со комплексни економски предизвици. На сѐ уште незавршена економска криза, започнува втора, па трета, шоковите се акумулираат, додека неизвесноста продолжува. Во вакво време многу е битно не само за економистите и креаторите на политиките, туку и за целата јавност, за граѓаните, да ја видат и да ја разберат целата конотација. Кога сите заедно ќе можеме јасно да ја видиме заедничката цел и патот до целта, мислам дека и многу побрзо ќе стигнеме до неа.
Како помеѓу дрвата да ја видиме шумата? – оваа колумна иако ја започнав со СЕФФ, а ја посветувам на решенијата кко да се одржи растот во време на неизвесност и потоа“. СЕФФ е формата, иако Англичаните додуша имаат подобар збор – “a vessel“, која ги содржи можните одговори на ова прашање. Дискусијата на СЕФФ се одвиваше во четири столба, четири пилари, во кои беа сместени дискусиите за политиките за сега и утре, што во кризата и по неа. Првиот пилар се однесуваше на „Макроекономските придизвици во турбулентни времиња“, вториот: “Отпорност, конкурентност и регонална соработка“, третиот: ”Енергија, зелена транзиција и инфраструктура“ и четвртиот: „По кризата: Двигатели за одржлив раст“.