На 29 март 2009 година се случи тепање на студенти на Плоштадот Македонија. По тој повод го реобјавуваме текстот на покојниот Васко Мицковски посветен на овој настан а објавен на 31 март 2009 година
ВАСИЛ МИЦКОВСКИ
„Во 1989 година, на пекинишкиот плоштад Тиен Ан Мен, кинеските власти испратија тенкови на студентите, овие, нашиве, на студентите им испратија киклопи!“
„Според типологијата на суштествата од Средната земја, мислам дека тие спаѓаат во Урукаи, со примеси на гоблини.“
„Пораката е јасна – не смеете да изразите поинакво мислење од она на власта, а вчера, на една телевизија се повикуваа луѓето да излезат на контрапротест и да ги видат тие наркомани и педери што ќе протестирале против црквата на плоштад“.
„Брука!“
„Сакам и еден Стоунхенџ!“
„Токму во моментите на најголема репресија, треба да се изрази поинакво мислење!“
„Жива брука, треба да се пали булдожерот!“
„Дајте им да ископаат некој храм од Тибет! Сигурно ќе го направат уште понов и поубав! Нека го направат, има место кај тревникот кај Поштата!“
Во саботата, кога се случи тепањето на студентите од Архитектонскиот факултет, го замолив постариот син, кој е закачен на Фејсбук, да ги прочитам коментарите по информативната тортура и манипулација. Овие забелешки на млади луѓе ми дојдоа како некој антидепресив, ми послужија како мала утеха за денот кој ќе остане запаметен како срамен за Македонија.
ЌОТЕК На главниот плоштад во Скопје се случи нешто навистина одвратно и крајно мизерно. Тое е доволна причина човек да се разголи и сериозно да се преиспита себеси. Кога киклопи, фалангисти, фундаменталисти и мали хитлерчиња го тепаат најфиниот и најнежниот човечки капитал во Македонија, тоа не е траума само за студентите и за нивните родители. Најискрено кажано, ќотекот во саботата требаше да го добијат луѓето како мене – во основа, салонски интелектуалци, кои се убедени дека придонеле или мислат дека уште придонесуваат нешто за демократијата во Македонија, кои и натаму веруваат дека оваа држава и оваа нација имаат сила да се надминат себеси. Мислам дека тој ќотек ќе беше заслужен и ќе беше мала сатисфакција за заблудите, грешките и за илузиите на т.н. демократи, кои, како мене, во саботата, седеа дома. Значи, на следниот протест против изградбата на црквата на плоштадот, односно, против урбанистичкото насилство, треба да се појават оние што презеле некои одговорности во минатото и во сегашноста, кои себеси се сметаат за воспитувачи и кои се непоправливи оптимисти во однос на иднината на Македонија.
Пред речиси точно 17 години, во Белград се случи настан што го доживеав многу болно. Тоа беше едно од многуте мачни искуства во тие тешки години. Почна агресијата врз Босна и Херцеговина и Сараево стана симбол на страдањата на цивилите. Сараевчани беа убивани и масакрирани секојдневно пред очите на светот.Тогаш, Весна Пешиќ, предводник на Граѓанското движење во Србија, ги повика белграѓани да излезат на протест против злосторствата врз недолжните цивили и за запирање на агресијата. Според новинските извештаи, во паркот спроти некогашното Собрание на СФРЈ, на протестот се собраа едвам стотина луѓе. Во речиси двомилионскиот Белград, кој важеше или се претставуваше за слободарски и за космополитиски град, во таа, 1992 година, постоеа само стотина чесни и храбри луѓе.Тој априлски ден беше еден од најсрамните за Белград и за Србија. Милошевиќ не испрати „шешељовци“ и „аркановци“ да ја истепаат оваа група граѓани. „Вождот“ не сакаше да прави жртви од малата група предавници, како што ги нарекуваа тогаш луѓето што се спротивставуваа на политиката на Милошевиќ. Едноставно, демонстрантите беа игнорирани, препуштени на потсмев и на зајадливи дофрлувања од мнозинството кое минуваше низ најголемото националистичко лудило по Втората светска војна.
ВОДАЧ Паралелите со Србија, која по многу нешта е уникатен случај во поновата историја, не ги правам само поради тоа за да истакнам дека во едно недемократско општество малкумина имаат доблест да настапуваат како граѓани. Тоа е важна поената, но, мислам дека не е најбитната.
Во саботата, на Македонија и’ се случи народ. Популистичката политика на Груевски, кога-тогаш мораше да го произведе овој недемократски феномен или, овој српски институт на практикување на власта. Тоа е логична последица на политиката на национализам, на хомогенизација на народот врз принципите на едноумието, на вулгарната претстава за демохристијанизација на општеството и на идеологијата дека Македонија добила водач каков што не познава во својата историја. Сите овие елементи се доволни за активирање на „спонтанитетот“ на народот, кој, како напната пушка, чека само некој да го повика за ја покаже својата моќ. Но, на масата, која е веќе потоната во ново едноумие, и’ треба само команда и организација. Власта и’ го обезбеди тоа во саботата. Притоа, народот беше засилен со киклопите, одредот за тепање.
Владејачката партија не може да се аболира дека беше сценаристот и режисерот на театарот на апсурдот на плоштадот „Македонија“. Телевизиските снимки се сведошто за македонската гротеска – прво, широк кадар прикажува толпа луѓе кои носат црковни знамиња, икони и патриотски трансапаренти. Потоа се даваат запенети граѓани кои исфрлаат навреди врз студентите. Во третиот чин настапуваат киклопите, кои удираат, ногираат, влечат и газат. Во овој чин, се забележуваат и нашите полицајци во убавите наметки со фосфорна трака, но, тие, како да се загубени во космосот. На плоштадот се најдоа најлошите статисти од МВР. Ним им беше јасно единствено дека меѓу киклопите имало некои познати лица и дека тие се авангардата на власта на народот. А студентите не им беа познати.
СТРАВ Владејачката партија, која победи во првиот круг на претседателските и на локалните избори, веднаш го капитализираше новиот легитимитет. Осоколената власт испрати од плоштадот порака до целокупната јавност – во иднина, сите оние кои се против народната власт ризикуваат да го почувствуваат гневот на народот! На опозицијата и’ беше дадено на знаење дека логистиката и организацијата на гласот и на тупаницата на народот, ќе биде перфектна и ефикасна. Не случајно, една студентка од Архитектонскиот факултет, изрази чудење како можело за контрамитингот да се отпечатат и да се дистрибуираат илјадници флајери во сандачиња за само десет часа и да се организира автобуски превоз дури и од други градови. Чак Норис, навистина, се појави во Скопје, заклучи таа.
Власта демонстрираше сила за да покаже дека таа, според својата натура, е во основа нетолеранта спрема какво било незадоволство упатено на сметка на владејачката партија и на нејзиниот и лидер и, што е особено важно, силата треба да се разбере и како порака до некои идни незадоволници. Пред еден месец беа истепани млекарите, сега, студентите. Наредниот, ќе треба добро да размисли дали се исплати да се демонстрира против оваа власт.
Меѓутоа, секоја демонстрација на сила е истовремено доказ дека оној што ја практикува е исплашен. Стравот е симптомот на силата. Власта има навистина многу причини за страв. Не е тешко да се предвиди дека во наредните месеци, состојбите ќе се влошуваат и многу работи ќе се радикализираат во Македонија – поради економската криза, поради неисполнетите ветувања на власта, но и поради можното зајакнување на опозицијата. Какви димензии ќе добие незадоволството е неблагодарно да се прогнозира, но, несомнено, власта го направи првиот чекор во однос на протестите. Таа манифестираше резолутност и вежбаше тепање врз студенти. Меѓутоа, не сум уверен дали власта ги промислила последиците од задушувањето на секое можно несогласување со политиката на Владата или, пак, дека таа има одговор на т.н.ризични сценарија.
Еве, да претпоставиме дека опозицијата ќе оцени дека треба (уште еднаш) да демонстрира против урбанистичкото силување на Скопје, но, тогаш, на плоштадот „Македонија“ ќе се соберат можеби десетина илјади граѓани. Дали, во тој случај, ВМРО-ДПМНЕ, која ќе се почувстува дека е предизвикана и ќе се гледа себеси одново како заштитник на верските увства на граѓаните, ќе организира контрамитинг истиот ден и со двојно повеќе луѓе? Се разбира, демонстрации од голем обем се самите по себе некаков ризик. Со контрадемонстрации, ризикот е неизмерлив. Од такво сценарио бегаа дури и Србите во годините кога власта на Милошевиќ почна да се ниша, а опозицијата се’ уште не беше препознаена како алтернатива.
Груевски направи огромна грешка кога во однос на протестите на студентите резонираше како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, наместо да постапи како премиер. Груевски нема да може никогаш да избега од одговорноста дека преседанот со контрамитингот е направен во времето на неговото владеење. Тој го осуди насилството и се заложи за правото на јавен ротест, но тоа дојде како изнудена реакција по опасниот и по непромислениот потег што носи негов печат. Груевски, како премиер, не најде за потребно да ја осуди пасивноста и непрофесионалноста на полицијата, која не го спречи насилството врз студентите, а можеше да го направи тоа многу лесно.Македонската полиција знаела да одговори на многу поголеми предизвици од оние на плоштадот и затоа, настанот од 28 март 2009 година ќе биде една од најголемите дамки во историјата на МВР. Уште еднаш се покажа како точна тезата дека кога превладува партизацијата, тогаш страдаат институциите.
ШТЕТА Од контрамитингот на власта, штета претрпе и МПЦ. Црквата која треба да биде духовна вертикала во општеството, стана колатерална штета на партизацијата.Владиката Тимотеј, портпарол на МПЦ, изрази жалење за насилството и изнесе став дека тоа било поттикнато од политички, а не од верски причини. Од МПЦ не треба да се очекува таа да арбитрира кој беше насилникот, а кој беше жртва на насилството.Меѓутоа, македонската јавност убаво виде дека од толпата која мавтеше со знамињата на МПЦ, а и пред луѓето кои носеа икони, излегоа насилниците кои се нафрлија врз студентите. Исто така, крајно е нејасно што бараше, на пример, свештеникот Стојко Ристовски на митинг со висок политички набој.
Насилството на плоштадот го покажа и изопаченото лице и поданичкото поведение на медиумите. Особено беше трагикомична позицијата на телевизиите, блиски на власта, кои упорно форсираа „изблансирани“ информации од типот дека дошло до судир меѓу две групи. Сликата беше најдобар демант на манипулацијата на новинарските извештаи, зашто секој можеше да види дека на плоштадот имаше насилници и жртви на насилство. Телевизиите направија само насилство врз вистината.