Чебрен станува профитабилен проект кога владее ВМРО-ДПМНЕ – забележува Рацин.мк

Премиерот Христијан Мицкоски, во времето кога стоеше пред микрофоните како опозиционер, редовно ја обвинуваше тогашната влада дека со проектот ХЕЦ Чебрен прави „продажба на националните ресурси“. Енергетичарите кои важеа а блиски до ВМРО-ДПМНЕ постојано повторуваа дека Македонија сама треба да ја изгради хидроелектраната – „со домашни капацитети, со наши инженери“. За време на посетата на Абу Даби, вчера Мицкоски го понудил Чебрен на арапските инвеститори како врвен енергетски проект. Очигледно, сè зависи од тоа кој е на власт – не од тоа што е исправно.
„Разговаравме за енергетски проекти, вклучувајќи ги Чебрен и Галиште“ – порача премиерот од ОАЕ, восхитен од арапскиот интерес. Од „скандалозен проект на СДСМ“, Чебрен за ВМРО-ДПМНЕ сега стана „одлична можност за инвестирање“.
Она што пред неколку години беше мета на жестока критика, сега станува шанса за „поставување на Македонија на мапата на светските инвеститори“. Се чини дека мапата има различен изглед кога се гледа од позиција на власт.
Инженерите како партиски гласноговорници?
Особено иронична е тишината од страна на Здружението на инженери на Република Македонија, кои во времето на СДСМ беа прва фронтална линија на ВМРО-ДПМНЕ против проектот Чебрен. Каде се сега? Ќе го поздрават ли новиот, „реформиран“ Чебрен – овојпат во арапско партнерство? Или пак, политичкиот калкулатор пресметал дека сега не е време за критика?
За потсетување: проектот Чебрен се подготвува веќе дваесет години, поминувајќи низ неуспешни тендери, укинати постапки и политички битки. Но, сега, кога Владата предводена од Мицкоски го става на маса пред шеиците од Мубадала и Масдар – одеднаш станува симбол на стратешка соработка.
Македонија на мапата – но по која цена?
„Ги презентиравме можностите за инвестирање, сакаме да бидеме на мапата на светските инвеститори“, изјави Мицкоски. Тоа е легитимна цел. Но прашањето е – дали е ова иста таа мапа на која пред неколку години беше црвената линија „без странски концесионери за Чебрен“?
Посочува дека било разговарано и за проекти поврзани со туризмот, градежништвото, земјоделството, енергетиката.
Се разбира тука нашиот македонски, балкански, би рекол светски бисер Охрид. Потоа, Попова Шапка како исклучително силна инвестиција, којашто треба во годините коишто следат да донесе големи економски бенефити за македонските граѓани. Место каде што е потребна голема инвестиција, поради својата местоположба и поради сите оние географски убавини коишто самиот тој ски-центар ги нуди. Се разбира и за тоа разговаравме со нашите пријатели од Обединетите Арапски Емирати.
Потоа, во делот на градежништвото, неколку локации каде што навистина може да се направат лендмарк објекти коишто ќе бидат препознатливи, не само за Скопје, Македонија или за другите градови во нашата држава, туку и за регионот, па би рекол зошто да не амбицираме да прераснат такви лендмарк објекти за цела Европа, вели Мицкоски.
Реверзибилна хидроцентрала Чебрен на Црна Река, според планот, треба да биде со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Предвидено е да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река треба да се создаде ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.
Доколку се изгради хидроелектраната Чебрен, таа треба да произведува струја речиси колку што произведуваат другите хидроцентрали во земјава заедно.
За енергетски проект на Црна Река првпат се прават планови уште во 1963 година, и оттогаш Електростопанство на Македонија, според неколкуте идејни проекти, е главниот инвеститор во изградба на хидроцентрала, но само на хартија. Во 1964 година е изградена хидроцентралата Тиквеш додека другите две, Чебрен и Галиште останаа само како проекти на хартија. Кончениот и ревидиран проект со инвестициска рамка е направен во 1990 година, кој остана нереализиран до денес.
Првиот тендер за јавно-приватно партнерство за изградба на хидроцентралата Чебрен се појави во 2006 година. Оттогаш, вклучително и со последниот пропаднаа 14 тендери.
Покрај грчката државна компанија ППЦ „Архиродон“, понуда достави и француската ЕДФ, но како што објавија поранешниот министер за животна средина Насер Нуредини во септември 2022, Французите доставиле необврзувачка понуда и во неа не е доставена бараната гаранција за учество во постапката.