Амбасадата на САД испратила писмо коешто го крена на нозе повисокиот суд. Во услови на преполовени кадри, судиите бараат начин како да се справат со напливот на предмети од висок профил и интерес на јавноста
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/05/asudski-sovet-1024x565.jpg)
Поништените решенија против високи профили кои Апелациониот суд ги врати на повторно судење предизвикаа остра реакција на Амбасадата на САД во Скопје. Амбасадорката Ангела Прајс Агелер, на 11 април годинава испратила писмо до судските и извршните органи во кое изразува загриженост за овие случувања поврзани со предметите од висок профил. Во писмото, коешто го објави Алсат повикувајќи се на извори во Владата, се истакнуваат напорите на САД и вложените половина милијарда евра за реформи во судството.
Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, смета дека одлуките на Апелацискиот суд за поништени решенија во случаи против високо профилирани лица се сериозен проблем.
Таа се надева дека пораките што доаѓаат од САД конечно ќе влијаат на правосудните органи дека одлуките треба да ги носат професионално, непристрасно, без влијание од друга страна.
ПРЕФРЛАЊА НАПРЕД-НАЗАД „Секој ден сум сѐ повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“. Ова е дел од писмото на амбасадорката Агелер коешто денеска го пренесуваат македонските медиуми.
Дописот главно се однесува на случаите за кои е загрижена јавноста и кои се поврзани со судењата против поранешните функционери кои ја злоупотребиле службената должност и го оштетиле државниот буџет.
Реакциите следат откако Апелацискиот суд Скопје изминатиов период одлучи да укине неколку првостепени пресуди и да ги врати на повторно судење. Дел од овие одлуки се однесуваа на пресуди за поранешниот шеф на тајната служба, Сашо Мијалков. На 7 април застаре делото за кое Мијалков се гонеше во случајот „Титаник 2“ во врска со локалните избори во 2013 година. Повисокиот суд во ноември 2022 година ја укина и пресудата за „Таргет-Тврдина“ и го врати случајот на повторно судење. Апелацискиот суд ги укина и првостепените пресуди за „Трезор“ и за организаторите на 27 април.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/05/ageler-1024x426.jpg)
ИМА ПАЗАРЕЊЕ НА ВИНА Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, очекува пораките што доаѓаат од САД конечно да влијаат на правосудните органи дека одлуките треба да ги носат професионално, непристрасно, без влијание од друга страна.
„Вие знаете дека уште минатата година, уште кога беше тука и претходната амбасадорка, го покренав прашањето за одлуките на Апелацискиот суд. Првата реакција беше после првото ‘пазарење на вина’, по што следуваа неколку настани заедно со правосудните органи, универзитетски професори, медиуми, невладини организации за тоа што треба да се преземе за да намалат можностите за такво нешто“, рече Грковска одговарајќи на новинарско прашање по тркалезната маса „Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“ во Скопје.
Таа посочи оти ова е многу сериозен проблем и изрази надеж дека овие предупредувања ќе придонесат конечно за постапување онака како што доликува на еден професионален правосуден систем со интегритет.
„Потполно се согласувам дека тоа е многу сериозен проблем и дека сите активности што ги имаме со другите институции, но и отворените пораки од страна на американската Амбасада, од Европската Унија, од останатите наши меѓународни партнери, дека конечно ќе повлијаат на правосудните органи. Одлуките треба да ги носат професионално, непристрасно, без влијание од друга страна, исклучиво во согласност со закон, затоа што нашите граѓани заслужуваат правдата да биде подеднаква за сите“, рече Грковска.
Начинот на избор на обвинители, според Ристоска, креира клиентелистички однос на обвинителите кон оние што лобирале за нивниот избор
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/05/ja-pobedi-drzavata-1024x473.jpg)
СОВЕТИТЕ ТРЕБА ДА БИДАТ АД ХОК ТЕЛА Советот на јавни обвинители да се реформира и да се разгледа опцијата да биде ад хок тело кое ќе се состанува по потреба, предлага обвинителката Ленче Ристоска, пренесе Телма ТВ.
Според обвинителката, ова тело од формирањето во 2008 досега потфрли во исполнувањето на примарната функција – професионализација на ЈО и изолирање на политички и други влијанија при избори и разрешување на обвинителите.
„Сè додека членови на Советот на кандидатите што аплицираат за повисоки позиции отворено им кажуваат дека некој треба да се јави за кандидатот да биде избран, јасно е дека Советот е избор на тргување со влијание во обвинителството и затоа сметам дека треба да се реформира. Подоцна, изборот што Советот го прави, креира клиентелистички однос на јавните обвинители кон тие што лобираат за нивниот избор и сето ова неминовно води кон систем што не може да одговори во борбата со корупцијата и организираниот криминал“,
вели Ристоска.
Обвинителката своите ставови ги изнесе денеска како еден од говорниците на конференција посветена за улогата на Судскиот и Советот на јавни обвинители во стекнувањето независност и интегритет во судството, организирана од Националната конвенција за ЕУ во Република Северна Македонија. За оваа изјава таа добила, дознаваме пшријава до Етичката комисија во својата фела.
ВОЈНА ВО СУДСКИОТ СОВЕТ Но, во меѓувреме изби војна во Судскиот совет на 26 април. Очевидно за дел од членовите се допре нервот подготвувањето на казна за еден од судиите, пред се за оној кој го криел предметот „Таргет – Тврдина“во фиока. Конкретно – иницијативата за одговорност на судијата Енвер Беџети ја поднела Тања Чачарова-Илиевска, надлежна за контрола на работењето на Апелациониот суд Скопје.
Таа иницијатива постоела веќе една недела, адресирана на Судскиот совет. Констатирано е дека споемнатиот судијас Беџети девет месеци
во фиока за да застари. Но, иницијативата е блокирана за да дојде до седница.
Иницијативата за одговорност на судијата ја поднела членката на Судскиот совет Тања Чачарова-Илиевска, надлежна за контрола на работењето на Апелациониот суд Скопје.
Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, пред неколку дена на колегиум во Судскиот совет иницијативата била блокирана од членови, предводени од потпретседателот Селим Адеми и Миљазим Мустафа, кои барале место иницијативата да оди веднаш на седница и веднаш да се формира тричлена комисија, како за останатите судии за кои досега се барало одговорност, таа времено да се стопира.
КОЈ СЕ ГО „ЧУВАЛ“ МИОЈАЛКОВ ОД СУДИИТЕ Дознаваме дека образложението било – иницијативата да се прошири и на останатите четворица членови на кривичниот совет од Апелациониот суд кои го работеле предметот за незаконското масовно прислушување против главниот обвинет Сашо Мијалков. Мнозинството во Советот се согласило да се направат сите проверки, само иницијативата за Беџети да не се кочи.
По девет месеци чување на предметот „Тврдина-Таргет“ од страна на судијата-известител Енвер Беџети, под притисок на јавноста кон Апелациониот суд Скопје, мораше да се одлучи по него. Беше донесена пресуда да се врати на повторно судење овој веќе добро подзастарен најбитен предмет, зашто Беџети од само нему познати причини, го заборавил во фиока.
Наши извори од Судскиот совет велат дека јавно ќе побараат на седница да се објави кој член од Советот гласал да се блокира патот на иницијативата за разрешување на Енвер Беџети. Велат дека ќе бараат ако треба колективна одговорност и да се распушти овој Судски совет, но јавноста да знае кој и зошто го брани судијата Енвер Беџети.
Неофицијално, од петмина членови, познати на редакцијата, тргнала иницијативата за разрешување на претседателката Весна Дамева, ако таа ја стави иницијативата за разрешување на Беџети на дневен ред.
„Им фалат уште два гласа, слушнавме дека двајца колеги судии веќе се во ‘обработка’. Кого по дипломатски пат, кого со културна закана по семејството… Се надеваме дека нема да подлегнат на притисоците“, рекле извори во Судскиот совет. Ова претскажување потоа се – обестини!
ПРЕКРШОЧЕН СУДИЈА ВО – ВРХОВЕН Инаку судијата Енвер Беџети по скандалот со чувањето на предметот „Тврдина-Таргет“ девет месеци за да застаре делото на Мијалков, веднаш бил преместен во одделот за прекршоци, од страна на претседателката на Апелациониот суд Скопје. Но, членовите во Советот на чело со Адеми (кој не е судија, туку е избран од политиката), притискаат тој да биде по секоја цена избран за Врховен судија.
„За да биде унапреден Беџети, иницијативата за неговото разрешување не смее да дојде на седница на Судскиот совет, затоа таа е и блокирана. Бидејќи пред околу три недели не беше избран ниту еден од кандидатите за судии-кривичари во Врховниот суд, огласот наскоро ќе се повтори. Но, ако имате постапка за разрешување, вие нема да бидете избрана“, појаснил член на Судскиот совет колку е „важно“ Беџети да нема постапка за разрешување.
И како што знае јавноста, место да страда судијата кој го чувал предметот против Мијалков во фиока 9 месеци, настрада претседателката на Судскиот совет! Најјасен поглед на настанот секако дадоа членовите на Коалицијата за правично судење. Коалицијата смета дека не била испочитувана процедурата во која може да се одлучи за каква било дисциплинска одговорност на член, вклучително и претседателот на Судски совет, како и дека одлуката била донесена со несоодветно мнозинство, односно наместо со 8, за неа гласале 7 члена, од кои еден бил и гласот на членот кој ја покренал иницијативата за разрешување.
– Во досегашната практика на постапување на Советот за отворање и водење на седниците, доколку е присутен на седницата претседателот на Советот, истиот ја отвора седницата и ја води до констатирање дека седницата е прекината или пак завршена. Во случаите кога претседателот на Советот е спречен да присуствува на седницата, односно е отсутен од истата, со седницата раководи заменик претседателот на Советот. На денешната седница се воспостави невообичаена практика, што претходно не се применувала, а тоа е дека иако претседателот на Советот е присутен на седницата, ја отворил истата и започнал да ја води, сепак кога претседателот одби да го стави предлогот за нејзино разрешување на гласање, заменик претседателот на Советот го презема водењето на истата. Од досегашниот мониторинг што го врши Коалицијата, ваквиот начин на водење на седниците до сега не бил применуван, односно седниците секогаш ги водел претседателот на Советот доколку истиот е присутен на седницата, а заменикот ја водел седницата само во негово отсуство, што дополнително остава отворени прашања и дилеми за причините и законските основи поради кои заменик претседателот го преземал водењето на седницата во присуство на претседателот на Советот – сметаат од Коалицијата.
Од таму апелираат на доследно почитување на законските одредби, како и прифатените стандарди на добро управување и добро владеење, особено „во ситуација кога државата веќе се соочува со нарушена репутација во поглед на функционирањето на судството, како и фактот што Судскиот совет веќе неколку пати се има доведено во вакви слични ситуации, со кои многу тешко може да се справи“.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/05/lence-ristovska.jpg)
ПРАВНИЧКО КРШЕЊЕ НА ПРОЦЕДУРАТА Во реакцијата се осврнуваат и на, како што наведуваат, проблемот со целосното отсуство на одредби во Законот за Судскиот совет, како и подзаконските акти, првенствено Деловникот за работа на Судскиот совет, кои се однесуваат на престанок на мандатот на претседателот на Судскиот совет. Во постоечките прописи, појаснуваат од таму, е предвидена постапка и услови за избор на претседател на Судскиот совет, но не и постапка, услови и основи за разрешување, во кој поглед постојат само одредби за дисциплинска постапка и одговорност на член на Советот.
– Дотолку повеќе што и во членот 36, став 1 од Законот за Судскиот совет на РСМ таксативно се набројани надлежностите на Советот, од каде е очевидно дека истиот може да одлучува само за дисциплинска одговорност на член на Советот, а не и за посебно разрешување само од функцијата претседател на Судски совет. Оттука, може да се заклучи дека престанок на мандатот на претседателот на Судскиот совет пред неговиот истек е можен само доколку постои престанок и на неговиот/нејзиниот мандат како член на Советот. Следствено на ова, престанок на мандат, во смисла на разрешување, може да постои само како резултат на сторена дисциплинска повреда согласно членот 34 од ЗССРСМ, велат во извештајот од Коалицијата.
Сепак, за да постои каква било дисциплинска мерка или разрешување на член на Советот, предупредуваат од Коалицијата, претходно мора да биде спроведена дисциплинска постапка согласно членот 35 од ЗССРСМ, односно да биде поднесено формално образложено барање поткрепено со докази, доставено од кој било член на Советот или најмалку 20 судии. На ваквото барање, членот против кого се однесува, може да достави одговор во рок од 8 дена од денот на добивање на барањето со доказите, по што во рок од 2 дена претседателот, односно заменик претседателот на Советот ги доставува материјалите до останатите членови и закажува седница на која ќе се расправа по барањето. По ова, за да може да се донесе одлука за разрешување на член на Советот, за истата мора да гласале најмалку 8 члена со право на глас, при што мора да гласале за разрешувањето и најмалку двајца членови избрани од Собранието на РСМ, а притоа членот за чија одговорност се одлучува и членот кој е односител на барањето не учествуваат во гласањето.
Дополнително, согласно член 12 став 3 од Деловникот за работа на Судскиот совет на РСМ, по отворањето на седницата, соопштија од Коалицијата, претседателот на Советот го предлага дневниот ред на седницата, а член на Советот може да предложи измена на дневниот ред со усно образлагање на предлогот.
– Токму на денешната седница, член на Советот даде предлог за измена на дневниот ред и тоа со додавање на нова точка за дискусија, која беше изгласана. Сепак, иако согласно досегашната практика на Судскиот совет по соопштувањето на предлогот за дневниот ред и негова измена, истиот се става на гласање, на денешната седница, предлог дневниот ред на седницата воопшто не беше ставен на гласање за усвојување. ПАРАДОКСАЛНИ СИТУАЦИИ Оттука, единствено се гласаше за предложената нова точка на дневниот ред – расправање за меѓучовечките односи во Судскиот совет, при што веднаш следеше усвојување на записникот од претходната седница, односно дискусија по точките на дневниот ред. Ова доведува до парадоксална ситуација, односно доколку дневниот ред не бил усвоен, тогаш воопшто не би можело да се премине кон дискусија по предложените точки, или пак, доколку дневниот ред бил усвоен, при дискусија за меѓучовечките односи во Советот, не би можело да биде додаден предлог за разрешување на претседателот на Советот во рамки на дискусијата за меѓучовечките односи. Ова воедно претставува и ризик Советот да формулира прилично лабави формулации на точките на дневниот ред, во рамки на кои ќе може да додава и други предлози, со што значително би се намалила транспарентноста и отчетноста во постапувањето, се наведува меѓу другото во извештајот од Коалицијата „Сите за правично судење“ во однос на денешната седница на Судскиот совет.
Седницата која беше закажана за 27 април се одложи за почетокот на мај.