ВОЈО МАНЕВСКИ
Министре, знаете дека селаните сеуште не се спремни ни образовно ниту технички да бидат оставени на пазарот. А и тој фамозен пазар и неговите правила се надлежност на вашето министерство како регулатори кои ќе им дадат шанса да исчекорат од навредливиот поим селани и ќе станат производители на храна кои пристојно живеат од својот труд
Неделава се покачија температурите. Над Овче Поле како да стои воздухот загреан од топлината. Низ стаклото гледам комбајни што го собираат јачменот распослан по нивите. Топло ми е ама се сеќавам на зборовите на мојата покојна мајка која, секогаш кога во јуни се жалевме дека не нервираат горештините, не смируваше.
„Не се лутите деца леб се пече на нивите и треба да ни е жешко“.
Гледам во нивата и приметувам дека јачменот е низок и комбајнот како да не го жнее во целост. Тешка ни била работата денес а кусиот јачмен и Донка на нивата, во песна се опеани. Никој не почувствувал потешка работа на нива од жнеење на ситен јачмен по Овче поле –велат штипјани. Тешко било ама народот својата храна си ја произведувал, свој леб си јадел .
Го отворам фрижидерoт, да побарам некое разладување и се сетив да направам салата со домати ,кромид и малку сирење. Го одбирам најголемиот домат и се сетив дека го купив на пазар пред две недели.
Ниту омекнал, ниту поцрнел. Си стои како да е мумијата на Рамзес. Го сечам кромидот а тој не се брани, не испушта ништо. Ниту смрди ниту мириса. Па добро бре кромитче кој ветер семка ти донел овде. Каков кромид си ти ако не ми истераш солзи на очите. Да почувствувам дека си од нашето поле, да сетам дека јадам нешто кое има вкус на мојата природа. Сечам од модерниот зеленчук и одозгора ставам парчиња сирење.
Јас го сечам а тоа се лепи за ножот како да е маст а не сирење.
Читам на кутивчето од каде што го извадив а таму пишува –фета сирење и држава на потекло Грција. Среќа за ракијата знам од каде е инаку и неа ќе ја ставев во списокот на окупатори на мојот штипски вкус и идентитет.
Таман да ја пуштам домашнава низ напатеното ми грло, на телевизорот се појавува министерот за земјоделство и уште нешто напишано му во титулата.
„ Помагај ракивче сопатничке, да се смирам и да не напишам нешто неприлично за јавноста“.
Господине министре морам да признам дека ве има на социјалните и другите современи мрежи повеќе од временските прогнози а вашите изјави се сведуваат горе доле на информацијата колку и на кого од субвенциите сте исплатиле и на која седенка сте биле . Трошењето на буџетот не е политика туку статистичка операција.
Политика би било ако воведовте покорисен начин на нивна дистрибуција. Субвенциите треба да помогнат да се произведува повеќе и поквалитетна храна и не се социјална политика или лов на гласачи. Вие не сте нов во оваа тематика туку и низ партијата и низ функциите во министерството сте одамна присутен. Бевте во опозиција седум години и очекувавме дека ќе имате подготвено сет на реформи и постапки кои ќе ги разрешат напластените проблеми.
Очекувавме дека ќе предложите закони со кои ќе донесете сигурност кај производителите на храна. Разговаравте стотина пати со нив и знаете дека тие сакаат да бидат сигурни дека она што ќе го произведат ќе им биде платено. Ништо повеќе тие не бараат.
Знаете дека сеуште не се спремни ни образовно ниту технички да бидат оставени на пазарот. А и тој фамозен пазар и неговите правила се надлежност на вашето министерство како регулатори кои ќе им дадат шанса да исчекорат од навредливиот поим селани и ќе станат производители на храна кои пристојно живеат од својот труд.