Сакам да ја вратам свежината на тоа што се фрла во отпад. Тоа е идејата на младиот скулптор Озбек Ајваз од Скопје, кој создава уметност со отпадно железо. Неодамна ја изложи масивната метална скулптура „Тешкото“ и верува дека со труд може да се успее во македонското општество
Во потрага по другата страна на металот. Со тоа мото го почнавме разговорот со Озбек Ајваз, млад вајар, од Скопје, кој создава уметнички дела од отпадно железо.
„Да ја вратам свежината на отпадот што се фрла. Бидејќи, кога фрламе отпад, тоа се готови парчиња. Гледам да ги искористам колку што можам на ист начин, како што изгледале претходно, во уметност, во скулптура“, вели Ајваз.
Вниманието на јавноста го привлече со импозантната скулптура „Тешкото“. Таа беше негов дипломски труд на Факултетот за ликовни уметности.. Скулптурата е со димензии од речиси десет метри квадратни, направена од железо од отпад. Ја сочинуваат осум фигури, шестмина играорци, зурлаџија и тапанџија.
„Идејата дојде за време на карантините. Тогаш ми се повторуваше ‘Тешкото’. Гледав видеа поврзани со тоа оро. Се надоврза и моментот од концертот и албумот на браќата Тавитјан, кој се викаше ‘Македонското срце чука во седум осмини’. Тој момент го имам запаметено. Исто така, со вајарство поминав осум години. Осум во средно, осум на факултет. Воедно осумката и како симбол за бесконечност, каква што е уметноста. Така бројката осум е некако поврзана со мене и затоа се осум фигури во скулптурата“, посочува младиот уметник.
Ајваз денес е на магистерски студии. Во текот на едукацијата поминал низ период на двоумење меѓу егзистенцијата и уметноста. Сепак, победил поривот за креативно создавање.
„Од скулптури и не се живее многу. Не се купуваат. Ние немаме пазар за тоа“, вели Ајваз.
Но, нашол начин како да ги спои уметноста и практичната егзистенција. Почнал да создава украсни и применливи декорации од метал.
„Уметноста ја користам како индустриска форма и така егзистирам преку неа. Самиот момент што како уметник ја познавам естетиката и естетските вредности, ми помага да правам индустриски форми и да егзистирам“, нагласува младиот скулптор.
Како и повеќето млади лица од неговата генерација, помислил да ја напушти државата, и да бара подобра егзистенција на друго место. Сепак, се одлучил да остане и да се соочи со предизвикот да се опстојува во македонското општество.
„Кој сака да работи, има работа и во Македонија. И Германија е во Македонија“, категоричен е скулпторот.
Ајваз работи и како наставник по ликовна уметност. Но, многу почесто е во неговото ателје во скопски Чаир. Таму од речиси секој агол наѕира по некоја уметничка форма.
„Концептот на оваа скулптура ми беше екосвеста и актуелната тема дека сите се настинати. Муабетот ‘Носот ми е чешма’. Кого и да прашам да излеземе да се видиме, одговара ‘Не можам, носот ми е чешма’. Си реков дека има нешто со тоа ‘Носот ми е чешма’ и направив таков портрет, со нос-чешма“, објаснува Ајваз за едно од неговите дела.
Запчаниците, поклопците, деловите од шини во малото ателје на Ајваз не се претвораат во отпад. Низ креацијата на овој млад уметник тие добиваат нови форми со кои тој продолжува да испраќа порака за оптимизам кон едно подобро општество.
(VOA)