БОРЈАН ЈОВАНОВСКИ
Интеграцијата во ЕУ и НАТО е единствената кохезивна сила која може да ја одржи Македонија ваква каква што ја познаваме и затоа токму интеграцијата во ЕУ и НАТО е секогаш главна цел на атентаторите на македонската кауза. Денес започнавме преговори за членство во НАТО кои треба да бидат завршени до 2019 година, кога во дворот на седиштето на Алијансата ќе се постави 30 знаме – нашето
На 3 октомври 1995 година се случи обидот за атентат врз тогашниот претседател Киро Глигоров. Овој брутален акт за дестабилизација на Македонија се случи само ден по средбата на Глигоров со балканскиот крвник Слободан Милошевиќ. Сторителите на овој чин никогаш не се открија, благодарејќи на јатаците во Скопје ( ги имаше многу). Но, она што е познато е мотивот за тој обид за убиство на Македонија. Имено добро е познато дека тогашниот државен врв таа иста година одлучи да се оттргне засекогаш од крвавата прегратка на Милошевиќ и да ја започне евроатлантската интеграција на Македонија.
Се имаше храброст да се прифати привремената референца во ООН која пак ги отвори вратите кон ЕУ и НАТО. Политичкиот врв на чело со Глигоров одлучи Македонија да и се приклучи на програмата Партнерство за мир која НАТО ја дизајнираше како предворје за земјите од источна Европа за целосна интеграција во Алијансата. На 2 октомври Глигоров замина во Белград лично да го извести Милошевиќ дека претходните аранжмани за стенд бај договорени со цел ЈНА мирно да ја напушти Македонија повеќе не можат да опстојат, бидејќи, крвта која ја проли Милошевиќ ги закопа сите шанси за вториот дел од прашањето на македонскиот референдум “ со можност да се приклучи…” . Македонија конечно доби можност да го започне патот кон реализација на стратешките интереси за интегрирање во ЕУ и НАТО согласно едногласно усвоената Декларацијата на Собранието донесена на 23 декември 1993.
Потпишувањето на Партнерството за мир беше закажано за 15 ноември 1995. Во обид да ја спречи решителноста на македонската политичка елита на Милошевиќ единствено што му остана беше да упати смртоносен куршум кон Македонија. Неговиот план за некое чудо не успеа и покрај перфектната организација на ова убиство. Глигоров се спаси, а со него и Македонија и нејзините стратешки аспирации. На 15 ноември беше потпишано Партнерството за мир, а во декември се воспоставија дипломатски односи со ЕК со што се направија и првите чекори на долгиот пат кон Брисел. Одлуката на Глигоров беше тешка за да се прифати ступидната референца ФИРОМ, но само и само таа спаси илјадници млади животи кои беа испланирани како глинени гулаби во крвавата стратегија на Слободан Милошевиќ.
И еве не повторно во октомври, после 23 години патување кон Брисел конечно ја имаме шансата да го оствариме она што е желба на сите граѓани од Македонија без разлика на нивната етничка или верска припадност. Интеграцијата во ЕУ и НАТО е единствената кохезивна сила која може да ја одржи Македонија ваква каква што ја познаваме и затоа токму интеграцијата во ЕУ и НАТО е секогаш главна цел на атентаторите на македонската кауза. Денес започнавме преговори за членство во НАТО кои треба да бидат завршени до 2019 година кога во дворот на седиштето на Алијансата ќе се постави 30 знаме -нашето, со што дефинитивно ќе го реализираме сонот на многу генерации и ќе ги затвориме сите дилеми околу иднината на Македонија во овој регион на се уште недодефинирани граници.
Утре е денот Д кога Собранието има шанса да го оствари она што самото си го зацрта како цел во 1993 година со консензус. Како и во 1995 година цевката на снајперот е повторно вперена кон убивање на евроатланските аспирации на Македонија и повторно чекаме чудо да ни ја спаси иднината од нови крвави стратегии за прекројување на границите на Балканот.
Никој во Македонија не е среќен со фактот што ја прифаќаме придавката северна, исто како ни тогаш кога го прифативме ФИРОМ, но една мала нација како нашата треба да е среќна што барем има можност да ја запечати својата државност. Изборот и штитот од куршумот што лета кон нас е во рацете на народните избраници.