АНЕТА ГЕОРГИЕВСКА ШАЈН
Заморот на гласачите од ситуации каде што навидум се избира „помалото од две зла” е разбирлив и е сè поприсутен дури и во најразвиените светски демократии.Она што го забораваме е колку е таа фраза несоодветна на суштината на политиката и улогата на секој од нас како homo politicus
Да не се залажуваме, сите сме разочарани на еден или друг начин. Но дали таа разочараност може да биде оправдување за пасивно-агресивно однесување во вториот круг на претседателските избори?
Зборувам за оние што ќе апстинираат од сите опции. Зашто навистина им е доста од бирање меѓу две лоши опции.Зашто нивниот морал не им дозволува да прифатат макијавелизам и реал-политика.Зашто сакаат да ја „опоменат“ или „казнат“ владата за неостварените ветувања. Зашто сакаатда го изразат својот гнев поради непростиви политички одлуки. Што и да е причината, вакви независни апстиненти има многу, посебно кога ќе ги додадеме и оние што ќе излезат на избори само за да ги поништат ливчињата – зашто „сите се исти” или затоа што сметаат дека сè е подеднакво бесмислено. Прашањето е, што потоа, или можеби, што со тоа?
Токму затоа сакам да го споделам своето искуство од САД, каде што живеам веќе неколку децении и редовно гласам на сите избори; признавам, секогаш до сега како демократ. Од ноември 2016 сведок сум на погубните резултати на слично гласачко однесување на последните претседателски избори. Во либералните кругови во Вашингтон во коишто се движам, се изнаслушав за тоа дека „не победил Трамп, туку изгубила Хилари”, дека демократите биле „казнети“ поради својата арогантност и недоволен слух за „народот,” дека да бил Берни Сандерс кандидатот против Трамп, веројатно ќе имал поголеми шанси да победи, но демократскиот естаблишмент не му дозволил да влезе во играта, и така натаму, со слични ретроспективни мудроштини.
Она што тие мои либерални познаници многу поретко си го признаваат е дека погледот од нивните морални височини не им дозволи навреме да го согледаат исходот на своето негласање. Не им се допаѓаше Клинтоница? Во ред, не им се допаѓаше поради ред оправдани причини. Но што добија како награда за својата морална индигнација? Ќе го цитирам Роберт де Ниро: едно најобично „лажливо копиле.”
Заморот на гласачите од ситуации каде што навидум се избира „помалото од две зла” е разбирлив и е сè поприсутен дури и во најразвиените светски демократии.Она што го забораваме е колку е таа фраза несоодветна на суштината на политиката и улогата на секој од нас како homo politicus.
Во најголем број случаи – освен каде што единствениот избор е екстремна десница наспрема екстремна левица – гласачите бираат една од две несовршени опции. Прават компромис врз основа на одмерување на релативните позитивни и негативни страни на кандидатите што ги претставуваат тие опции – на сличен начин на кој прават компромиси на секој чекор во секојдневниот живот, свесни за непремостивиот јаз меѓу она што го сакаат и она што е единствено можно, сега и тука.
Притоа, битно е да се потсетиме дека не треба само да се гласа – како наше фундаментално право па дури и морална обврска, туку да се гласа добро, како што му доликува на возрасен и одговорен член на заедницата. Да се гласа од позиција на што поцелосна информираност, со рационално резонирање наместо емоции, и со свесност за сопствените предрасуди. Звучи речиси неостварливо – посебно во сегашниов македонски миг – но тоа не значи дека не треба да си го поставиме како цел.
Да земеме дека не ни се допаѓаат ни Пендаровски, ни Силјановска-Давкова. Дали е тоа заради нив самите или партиите што стојат зад нив, со целиот багаж насобран од претходната пракса на владеење?
Тука би потсетила на зборовите на еден од најуспешните афро-американски политичари пред Обама, Колин Пауел, дека никогаш не гласаме и не треба да гласаме за поединец, туку за агенда, политичка платформа, и филозофија што тој поединец ја претставува.
Или можеби ќе биде појасно ако го спомнам Ноам Чомски, познат по својата радикална анти-естаблишмент позиција и реторика. Само неколку недели по претседателските избори од 2016, тој ја упати оваа порака кон гласачите:
Постојат две прашања. Едното е морално: дали ќе гласате против поголемото зло доколку не ви се допаѓа другиот кандидат? Одговорот е ДА. Доколку имате какво било разбирање од етика, ќе се стремите да го избегнете поголемото зло.
Второто прашање е фактичко. Каков е соодносот меѓу Трамп и Клинтон? Мислам дека има огромна разлика. Мене лично воопшто не ми се допаѓа Клинтон, но нејзината позиција по речиси секое релевантно прашање е многу подобра од онаа на Трамп.
Иако ситуацијата во САД во 2016 е многу поинаква од онаа во Република Северна Македонија во 2019, не е ирелевантна. Македонската политичка криза мора да се гледа во контекст на пошироки глобални појави – сè поголема идеолошка поларизација и антагонизам поради многу фактори, од брзината на технолошкиот развој и економското раслојување, до сè поголемата свесност дека структурите засновани врз идејата на нација-држава се неодржливи, а при тоа не постојат нови, прифатливи супститути. Милиони гласачи се разочарани од разликите меѓу декларираното и стварноста: Трамп е можеби најпознатото „лажливо копиле” на глобалната сцена, но сигурно не и единственото.
Граѓаните на САД се поларизирани како никогаш последниве децении, слично на состојбата во Република Северна Македонија.Трамп е истовремено огледало и поттикнувач на таа поделеност, со својата себичност, неморал, ароганција, итрост и запалива реторика. Сепак сум оптимист: Америка е доволно е голема, разнообразна, економски силна, со релативно долга демократска традиција и релативно цврсти институции, за да ги издржи шоковите што секојдневно ни ги приредува тоа „лажливо копиле,”и на внатрешен и на меѓународен план.
Македонската општествена слика е многу посурова: до неодамна заробена држава, со длабоко поделени граѓани по етнички, верски, економски и културни основи, со слаба економија, релативно куса демократска традиција и падни-стани институции, а да не зборуваме за сите нерешени прашања во поширокото балканско опкружување. Уште колку „лажливи копилиња“ и шокови од лошо владеење може тој народ и таа земја да апсорбира?
Само вие – како свесни, одговорни граѓани – можете да одлучите која филозофија и политичка платформа од понудените ви се поблиски. Уште поважно, само вие можете да одлучите дали партијата што настапува од позиција на одредена филозофија и платформа и нејзиниот кандидат се достојни да им се верува.
Токму затоа апелирам до разочараните да гласаат – со сите достапни информации, со одмерување на нештата, и со студена глава – не зашто немаат што да изгубат, туку напротив: зашто и од ова „лошово” што толку разочарува, може да биде многу полошо.
Ако не од други причини, да гласаат за да го спречат најлошиот можен резултат. Зашто негласањето е најлесниот избор, но исто така и најнеодговорната политичка постапка во овој момент.