БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Знамињата од Вергина се уште се мавтаат и се обвиваат околу телата на големите патриоти, што ја предизвикуваат реата низ која цапаат и овие наши деца, заради што утре веќе си одат, а можеби и вчера
Да не беше војната во Украина, тешко дека ќе го свртевме далечинското од неговата стогодишна, зациментирана позиција, употребливо само за да го гризат нашите домашни кучиња, кога се во депресија и бес зошто не сме дома.
Но, војната дојде. И така, Евровизија стана задолжително четиво, граѓанска обврска – да се навива исклучиво за Украина, што и да направи на сцената, дури и да молчат и да стојат замрзнати, додека нивните луѓе ги бранат своите домови, својата педа земја.
Во меѓувреме, мораше да дознаеме и за Констракта, генијалното дело кое најавува пропаст на целиот тој кич, шунд, траш и џанк од евровизиски продукти, неупотребливи, здодевни и нималку забавни, но со децении отпорни на нашиот презир.
Како поминуваа деновите, дознавме и за младата Андреа, која нас не претставувала, видете чудо, кај нас можете да видите ретко урбана ѕверка, доста сличен тип на Ана Ѓуриќ- Констракта. Оној студен поглед, онаа дистанцираност од примитивниот свет кој сите не окупирал, само така може да се изрецитира со војнички ритам колку се е упропастено и нема враќање, пријатели.
Но, тешката фраерка Андреа направи гаф – несвесен и избрзан, нималку тенденциозен или испланиран, ниту пак потсвесно сторен. Го лизна знаменцето за да се слика, она хартиено знаменце кое ја претставува оваа земја, која Андреа допрва ќе дознае каква е и зошто младите како неа, не ги заслужува оваа држава. Земјата велам, но се работи исклучиво за системот, а тој е произведен од луѓе кои со децении, особено оваа последната, ја претворија во се она од што Андреа утре и нејзините драги другари, другарки, познаници и познанички – ќе сторат се, за да не ја видат никогаш повеќе.
Ќе се враќаат секако, понекогаш, за драгите, подостарени родители кои нема да можат да ги преболат, ќе ги прогонуваат сеќавањата на детството и напуштениот дом кој ќе зјае празен и ќе липаат заедно, ќе им се враќаат и на улиците кои ќе бидат повторно валкани, на смрдеата ќе се навраќаат поточно, ама тие оддалеку ќе сонуваат и ќе се сеќаваат патетично, како сите гастарбајтери, само на мирисот на липите.
Но, тие деца, тие млади, кои ќе станат свои луѓе многу брзо, ќе бегаат многу побрзо и понемирно, од нивните претходници. Затоа што, Андреа, што видела таа опасна фраерка, да се изразам со старите фрази на кои таа и нејзините генерации се потсмеваат, а и треба, ние сме веќе смешни и заостанати во времето, и сега тие затоа нека кажат како понатаму, нека направат вистински чекори, големи дела.
Но, пред тоа да го сторат, еве, нека каже таа – што нашево бунтовно ѕверче, градско девојче, кое полека станува голема девојка, што видело низ годините додека растело и слушало и гледало, околу тие знамиња? И се плачеше на младата девојка додека се извинуваше, но, таа проплакала многу претходно, додека слушала и гледала и не верувала, како и сите нејзини врсници, другари, другарки, случајни познаници. Знамињата од Вергина се уште се мавтаат и се обвиваат околу телата на големите патриоти, што ја предизвикуваат реата низ која цапаат и овие наши деца, заради што утре веќе си одат, а можеби и вчера. Но, не сме ги виделе дека си отишле, зошто ние се караме, и пцуеме и се тепаме, за тоа дали треба да бидат поставени исклучиво знамињата со орлите, или да се забрани, но веќе е забрането знамето на Вергина, сеедно што сите шахти од времето на Груевски се заковани со тие симболи, канализациски шахти, како што можеше само да биде паметот на таа власт.
Пред очите на сите овие деца повеќе од деценија се расправаме и за патриотите и за предавниците, за употребата на албанскиот јазик, за кој јас лично мислам дека треба да почне да се воведе како предмет во основните училишта, затоа што идејата е да се разбереме и да се сакаме, пред се. Но и Крешник Бектеши да разбере дека е македонски министер кога ја претставува државата Македонија, а фактот што е тој Албанец пречи онолку колку што е некој Македонец, или Турчин, или Влав – значи апсолутно никој не го поставува под прашање, ниту пак има некаква поврзаност со способностите и функциите.
Ете, тоа ние сме и оставиле на нашата убава девојка Андреа и на сите милиони убави девојки и момчиња, Андреи и Андреји- богатство од беда, глупости, срамови. А овие деца се превоспитани за да ни го кажат тоа, за да кажат како сме им ја создале пропаста пред и да се родат.