БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Што е поважно- да сте биде Албанец, Македонец, член на ВМРО-ДПМНЕ, православен, или овие прашања кои не се атрактивни, за жал- за партиската машинерија на Мицковски и Адеми, но и за онаа еднакво тврдокорна, религиска, на владиката Петар
Се разбира дека пописот е политичка, подобро партиска, а не статистичка операција, како се што и досега било кај нас. Арбр Адеми од ДУИ крика дека нема да ги признае резултатите од пописот ако Албанците се помалку од 20 проценти. Заев, како и Пендаровски претходно, веднаш ги смири духовите и порача дека “никој нема право да задира во веќе срекнатите права, малцинските права остануваат, можат само да е развиваат”. Но, интересен е податокот кој го изнесе Адеми- бројот на учениците во 2017/2018 бил 64.22 проценти Македонци, додека ученици- Албанци биле 32.15 проценти.
Во исто време, Мицковски повикува на бојкот на пописот, бескрајно загрижен за правата на неговата партија- дали нивните барања ќе бидат прифатени. Парадоксот оди и понатаму- и Црквата, преку владиката Петар, се закани со бојкот, ако нема графа за верска, освен за национална припадност во пописните листи. Затоа, лично министерот за правда Маричиќ мораше да го смирува – „ќе има графа- за доброто на државата, повикајте ги верниците масовно да го поддржат пописот”. Образложението на владиката Петар е дека сериозно биле заинтересирани да знаат колку се православни во Македонија, колку муслимани, колку припадници на другите верски и религиозни деноминации.
Очајот на Заев, Пендаровски и Маричиќ е јасен – грижата на Адеми, Мицковски и владиката Петар за партиските, етничките и верските права ги надминува сите нормални парадокси, во историски рамки. Затоа што, во поинаква ситуација, оваа партиско-верска тројка, Адеми, Мицковски и владиката Петар, би биле загрижени за суштинските проблеми во оваа земја – на нивните партиски, етнички и верски членови и следбеници.
Тоа се едноставни прашања кои ќе бидат поставени на пописот, но кои задираат во сржта на правата на достоинствен живот. Дали Албанците, Македонците- членови на ВМРО-ДПМНЕ и православните имаат доволно храна, затоа што во оваа земја не е одамна прашањето- дали се има воопшто храна, а не дали е доволно квалитетна.
Дали Албанците, Македонците- членови на ВМРО-ДПМНЕ и православните, живеат во тешки услови, во импровизирани живеалишта, дали имаат греење во во таа една просторија кај што се сите натуткани, дали воопшто можат да си дозволат греење, питка вода, канализација? Дали имаат пари да си купат нова греалка или ќе мора да крадат, за да палат повторно автомобилски гуми за да се стоплат? Дали живеат секој ден во надеж дека водата што ја пијат нема да биде повторно помешана со канализациската? Дека ќе можат барем еднаш да си дозволат да купат лекови? Дали лебот ќе биде доволен доколку сте партиски и верски определени?
Дали Албанците, Македонците, членовите на ВМРО-ДПМНЕ и православните можат да си дозволат школување, колку се оддалечени тие училишта од нивните села и планини, дали можат соодветно да се облечат додека патуваат со километри до школските клупи, дали имаат можност да се прехранат за време на школските одмори?
Што е поважно- да сте биде Албанец, Македонец, член на ВМРО-ДПМНЕ, православен, или овие прашања кои не се атрактивни, за жал- за партиската машинерија на Мицковски и Адеми, но и за онаа еднакво тврдокорна, религиска, на владиката Петар. Навистина, се е политика, како што велеше Брехт- и лебот кој го јадеме, и воздухот кој го дишеме, и лековите со кои се лечиме:
„Најлошиот неписмен е политички неписмениот, тој не слуша, не зборува, ниту учествува во политичките настани. Тој не ги знае цените на животот, цената на гравот, рибата, брашното, киријата, обувките и лекот, сè зависи од политичките одлуки. Политичкиот неписмен е толку глуп што е горд и се бувта во гради, велејќи дека ја мрази политиката. Имбецилот не знае дека од неговото политичко незнаење, се раѓа проститутката, напуштеното дете и најлошите крадци од сите- лошиот политичар, корумпиран и сервилен на националните и мултинационалните компании”.