Шефот на државата имал забелешки за најмалку два од пакетот закони за коридорите, може да се прочита во дел од медиумите
Неколку дена ќе му требаат на правниот тим на претседателот на државата Стево Пендаровски да ги разгледа измените на законите поврзани со коридорите 8 и 10д донесени мината недела од Собранието. Од кабинетот на претседателот за МИА велат дури потоа претседателот Пендаровски ќе излезе со став и ќе каже дали и кои укази ќе бидат потпишани. Во претходни изјави, претседателот на државата изрази резерви за најмалку два од петте закони кои вчера беа усвоени во Собранието.
„Вчера попладне во кабинетот на претседателот пристигнаа законите. Во следните денови ќе бидат разгледани од претседателот и ќе биде донесена одлука дали и кои укази ќе бидат потпишани. Ќе треба неколку дена претседателот да ги разгледа со својот правен тим“, велат од кабинетот на претседателот.
Собранието на продолжението на 115. седница ги донесе измените и дополнувањата на петте закони поврзани со реализација на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д. Со 60 гласа „за“ и 43 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со 62 гласа „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, со 62 „за“ и 44 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, а со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.
Пендаровски претходно најави дека постои простор за негова блокада на неуставните одредби од законите за коридорите 8 и 10д, особено за законот за 60 часа работна недела согласно владиниот договор со „Бехтел и Енка“.
За него најспорна се новите одредби за работното време на работниците. „Ова е најспорно и мене ме зачудува зошто таква одредба е ставена. Може нема да издржи до крај, меѓутоа видовме вчера и затоа немаме потврда дали договорот меѓу Владата и ‘Бехтел и Енка’ е навистина потпишан со тие клаузули ‘ако не се овозможи шеесетчасовна недела во тој и тој рок’ дека ќе има пенали кои се милионски во евра. Ме чуди затоа што Уставниот суд има донесено одлука пред неколку месеци во која вели дека ‘работна недела подолга од 40’, по исклучоци може само осум часа да работиш, е неуставна. И сега тоа да го ставаш повторно во закон за кој знаеш дека е сигурно неуставен, односно одредбата е неуставна и за тоа ако не го исполниш да платиш педесетина милиони евра… Тоа е прилично неодговорно“, рече тогаш претседателот.
Според Пендаровски, спорна е и одредбата од измените на Законот за експропријација со која се прави обид да се поништи двостепеноста што е уставно загарантирана категорија. И тука, вели тој, доколку граѓанин добие во втор степен спор за експропријација на имот, пеналите треба да ги плати државата.
„Такви одредби има и предлагам сите пратеници, особено оние кои го предлагаат, добро да ги погледаат“, апелираше шефот на државата.
По скратена постапка во Собранието ќе се носат осум закони за да може американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка брзо и без отежнати процедури да ги гради автопатиштата од коридорите 8 и 10. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата и најави суштински амандмани.
За конзорциумот Бехтел и Енка нема да важат одредби од Законите за шуми, за земјоделско земјиште, експропријација, работни односи и уште неколку други за да може изградбата на автопатите Струга – Ќафасан, Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар – Букојчани, од Коридорите 8 и 10д да не заглават во процедури и да се изградат во предвиден рок. Изградбата на овие патишта, според првите пресметки треба да чини над 1,5 милијарди евра.
На 10 април пратениците во македонското Собрание изгласаа потреба да се направат измени на осум закони поврзани со изградбата на автопатиштата. Во пакетот закони на кои требаше да им се прават измени беше и Законот за културно наследство, но пратениците го повлекоа. Најголем дел од пратениците од владејачкото мнозинство гласаа измените на законите да бидат по скратена постапка, оти како што повторуваше предлагачот, пратеникот од ДУИ, Арбер Адеми, не станува збор за сложен и обемен закон.
Пратениците изгласаа потреба да се прават измени на Законите за земјоделско земјиште, експропријација, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, законот за шуми, за градење и Законот за стратешко партнерство со Бехтел и Енка за градба на автопатиштата.
Што се менува?
Доколку се донесат измените, нема да се плаќа данок за додадена вредност (ДДВ) за изградба на патиштата, односно ни тие ќе плаќаат ДДВ за репроматеријали, ниту државата ќе им плати ним ДДВ за автопатиштата. Конзорциумот ќе биде ослободен од увозни давачки, а ќе му се враќа и акцизата на енергенси. Со тоа што ќе се менува законот за експропријација, нема да се чека одлуката за имотот да стане правосилна како досега. Постапките за одобрување на проект од Законот за урбанистичко планирање нема да важат за изградбата на патиштата, за да може тие брзо и ефикасно да се градат. Ќе се намалат и постапките за пренамена на шума и земјоделско земјиште. Во делот на Закон за работни односи се прават измени со кои се дозволува прекувремена работа подолга од осум часа неделно, односно дневно ќе може да се работи повеќе од осум часа.
Опозицијата обвини дека измените се носат на брзина, „шверцерски“ како што велат, без широка консултација, што фрла сомнеж врз целиот проект.
Координаторот на владејачката партија СДСМ, пак, вели дека чекорите на опозицијата само му штетат на угледот, на, како што вели, најголемиот инфраструктурен проект во последните 70 години.
„Но на крајот на денот сите заедно треба да донесеме одлука, сакаме оваа држава да се развива побрзо, да се развива како што вистински треба, а не од секој проект да измислуваме наводно криминали“, рече Јован Митревски од СДСМ.
Тој вели дека седум од законите што треба да се менуваат се во надлежност на комисии кои ги води опозицијата, па таму може да се зборува за сите аргументи. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе имаат суштински амандмани.
И Маја Морачанин од ДОМ, партија која е дел од владејачкото мнозинство, побара измените на законите да се повлечат и за нив да има широка дебата, во која ќе учествуваат и граѓански организации, академската фела, експерти, оти како што вели „никој не треба да биде привилегиран и не треба во интерес на брзината да се менуваат толку важни закони.“
„Ова не е најдобар начин да се менуваат овие закони. Мислам дека целиот процес мора да биде потранспарентен и поинклузивен“, рече Морачанин.
Од партијата Левица се противат на измени на законите, оти како што велат со нив „буквално, ќе можат да градат каде сакаат и кога сакаат, под штитот наречен „особен интерес“.
Пред пратениците да изгласаат потреба законите да се носат по скратена постапка пред Собранието имаше протести. Македонското археолошко друштво (МАД) и ИКОМОС Македонија апелираа пратениците да ги блокираат предложените измени на Законот за заштита на културното наследство. Според нив доколк се донесат измени непромислено и свесно ќе му наштетат на културното наследство со катастрофални последици. Веднаш потоа на седницата пратениците го повлекоа овој закон.
За да избегне одолговлекување во изградбата, владата реши автопатите од коридорот 8 и 10 да ги прават по принципот „клуч на рака“, односно наместо на тендер, директно да се преговара со турско-американскиот конзорциум Бехтел и Енка за изградба на автопати, тие да си изготват физибилити студија, и целосно да го изведат проектот.
Четирите автопатски делници – три од коридорот 8 – проширување на автопатот Тетово – Гостивар со по уште една лента, па автопат од Гостивар до Букојчани и автопат Струга – Ќафасан, како и дел од коридорот 10, односно автопат од Прилеп до Битола, ќе чинат 1,3 милијарди евра. Претставници на институциите брифираа дека за експропријација на земјиште се предвидени дополнителни 238 милиони евра буџет кои не влегуваат во оние 1,3 милијарди евра.
Предвидено е втопатите да бидат изградени за 4 години и 7 месеци. Во пракса, фирмата треба „во од“ да прави проект за изградба и паралелно да работи на терен на 4 делници за кои ќе треба да експроприра земјиште од кое 55 проценти е во приватна сопственост.
Владата постојано повторуваше дека овој начин на изградба ќе ги даде најбрзите и најоптимални резултати.
Владата донесе закон за склучување договор во четири очи со Бехтел и Енка за изградба на автопатите.
Антикорупциската комисија се противеше, но Собранието го изгласа законот во јули 2021 година.
Потоа Антикорупциска го оспори законот пред Уставниот суд, но судот во декември 2021 реши да не поведе постапка, со образложение дека не го повредува владеењето на правото и нема ризик од корупција. Во јули 2022, Уставниот суд укина еден член на законот кој предвидуваше работниците на автопатите да може да работат 60 часа неделно. Работната недела во Македонија трае 40 часа.
Договорот го следеа и низа скандали со избор на фирмите за надзор.
Бехтел е најголемиот американски контрактор по приходи, додека глобално се трети. Имаат 54.000 вработени во речиси 40 земји. Градат големи инфраструктурни проекти ширум светот, а во регионот градеа неколку автопати, а некои ги следеа контроверзии. Ги градеа автопатите во Косово, Албанија, потпишаа договор за „Моравскиот коридор“ во Србија.