Ова раководство на ВМРО ДПМНЕ промптно го одби барањето на премиерот Заев во Парламентот за помирување, што тоа и да значеше тогаш. Зошто? Бидејќи прифаќањето на идејата ќе беше потег што ќе ги ослободеше од ланецот на принудата многу, многу нивни симпатизери, секако и пратеници кои би можеле слободно да се изјаснуваат во одноос на измените на Уставот. За сојузниците на Мицковски, внатрешни и надворешни тоа не доаѓаше во предвид. Сега, кога Мицковски е исклучително осамен, секој договор доаѓа во предвид. Но тој можеби го испуштил „божјиот знак“
Ако сакаме да влеземе во НАТО и ЕУ и заради обезбедувањето на владеењето на правото во земјата, се прашуваме дали до таа цел треба да стигнеме така што ќе зачекориме по скалилото на јавната деменција за многу бргу по стореното злодело и ќе ги ослободиме од вината сите оние побеснети сограѓани кои беа дел од – и според обвинението – обидот за пуч во Македонија? Значи да ги амнестираме сторителите на едно од најтешките дела во Кривичниот законик, да замижеме во однос на правната држава, за таа да влезе потоа тивко, незабележливо кон нас.. ама некој друг ден, И тоа само кога сме пред прагот да ја отвориме новата страница на обвиненија за тој настан: да ги фатиме клучните виновници за тој чин. Впрочем, нема пуч, дури и како прекинат обид а зад него да не стојат највисоките функционери во државата!
НЕЗАБОРАВНИ СЦЕНИ ОД ПАРЛАМЕНТОТ Говорејќи на една телевизија околу правните проблеми на амнестијата, нашата истакната судијка Маргарета Цаца Николовска објасни дека секогаш кога ги гледа снимките од настаните во Собранието на 27 април минатата година, се потресува. Веројатно таа го изразува она што секој нормален човек би го имал како чувство гледајќи ги тие снимки на најдлабоката примитивност и суровост, како пред наши очи (имавме еден вид директен пренос на тој настан) се развива бестијалноста на директните актери во неговото извршување. Значи додека Иванов веројатно стои над картата на тајните локации во кабинетот, Груевски е во Виена и „има алиби“ а првиот човек на јавната безбедност е недостапен дури и за неговиот министер!
Како прво, тоа е груба повреда на колективната меморија и елементарното чувство – што е добро или зло во една земја?! Можеме ли да ги заборавиме тие пролетно-летни месеци пред три години во кои десеттици и десеттици илјади граѓани на Скопје чекореа по улиците и бараа претседателот на државата Иванов да го повлече чинот на амнестија, кој го даде за лица кои беа обвинети за криминални дејствија, но и против такви за кои се уште кривична постапка и не беше започнала (!). Целта на таквата амнестија беше обид преку неа да се сокријат уште поголемите злодела на лица што стоеја зад завесата. ама ние јасно го имавме нивниот профил пред очите. Амнестијата на Иванов не беше опрост, туку само лесно сватлив трик да не се откријат клучните актери на рушење на сите институции во земјата.
ПРЕВИДЕН МОМЕНТ Таа ситуација и сега ни се повторува, со Предлог – законот кој го поднесе ВМРО ДПМНЕ во Парламентот, со кој бара амнестија.
„Законот за амнестија што го понуди ВМРО ДПМНЕ исклучиво за злоделата сторени на ’Крвавиот четврток’ на 27 април 2017, всушност претставува провиден и очајнички обид да се избегне вториот дел од кривично правниот процес во кој, очекувано, на удар би се нашле главните иницијатори, планери и наредбодавачи за терористичкиот акт. Прифаќање на таков закон би значело погребување на правната држава. Никакви ’повисоки интереси’ или заговарања за национално помирување или национално единство не може да бидат оправдување на еден ваков антидемократски чин кој доколку се реализираше би имал катастрофални и несогледиви последици за безбедноста на граѓаните и државата“ – смета Алксандар Диневски, во мислење изнесено на неговиот профил
Тој додава дека чинот на амнестија е пред се’ правен процес (со неизбежна политичка волја да се покрене) и значи милост на државата кон сторителите на кривични дела и се сведува на намалување (целосно или делумно) на висината на казната, но во никој случај не значи простување на вината или пак стореното злодело. Ваквата амнестија за која се залага ВМРО ДПМНЕ всушност значи директно рушење на една од темелните вредности на Уставот на РМ (член 8) – владеење на правото! Или уште попрецизно: погреб на правната држава!
Од друга страна, доколку чинот на помирување што го промовира премиерот Заев се сведе на амнестија или аболиција тогаш целиот процес ќе ја изгуби својата смисла, суштина и значење! –заклучува Диневски.
Да не заборавиме дека ова раководство на ВМРИО ДПМНЕ промптно го одби барањето на премиерот Заев во Парламентот за помирување, што тоа и да значи. Зошто? Бидејќи прифаќањето на идејата ќе беше потег што ќе ги ослободеше од ланецот на принудата многу нивни симпатизери, секако и пратеници кои би можеле во таков случај слободно да се изјаснуваат во однос на измените на Уставот. Кога таа вест стигна до извршителите на обидот за пуч во земјава, Мицковски и екипата добија грст лекции по мобилните на обвинетите, па мораа да се корегираат, во страв од сопствената „предавничка сенка“. Но, во меѓуврем,е промените на Уставот добија, барем во стартот 80 гласови а идејата за помирување во оваа партија тие лесно ја проиграа.
Мислат ли во Белата шампита дека ние сме како народ глупави сомови што не ја гледаме нивната намера? Или поконкретно – тие сметаат дека со Предлог-законот имаат карта која може да се менува за мазно усвојување на уставните амандмани, на пример?
ФИЛМСКА СПОРЕДБА Но, што значи повикот на опрост на Заев, за што многу се зборува, ако таа не содржи некаква правна квалификација или предлог во себе? Гледајќи го премиерот Заев на говорницата за мене тоа беа како некои кадри од познатиот филм на Френк Капра од 1939 година – „Г-дин Смит оди во Вашингтон (1939). Капра кај публиката е познат пред се по делото „Тој прекрасен живот“, но делото „Г-дин Смит оди во Вашингтон“ најмногу го изразил патриотизмот на Капра и неговиот политички романтизам повеќе од било кој друг, и „го претставил поединецот што работел во демократскиот систем за да ја надмине неконтролираната политичка корупција”. Pendergast, 2000). Делото практично претставува глас на народот низ еден обичен и искрен човек кој ги повкува политичрите во одлучен миг за земјата да ги остранат слабостите и да ја постават државата на вистинскиот пат. Сепак, филмот стана најконтроверзнот на Капра. Тој практично преку него сакал да застане близу до претседателот Рузвелт, кога тој размислувал дали да се спротивстави на изолационизмот и да тргне отворено против фашизмот. На пример Џозеф П. Кенеди, амбасадор на САД во Велика Британија, инаку татко на убиените Џон и Роберт Кенеди во 60-тите, му напиша на шефот на продуцентот Колумбија, Хари Кон – „Ве молам, не го давајте ова дело во Европа”.
ЅВОН ЗА ДЕМОКРАТСКИТЕ ИДЕАЛИ Сепак, визијата на Капра во тој миг била јасна. Имено, колку се се’ повеќе граѓаните несигурни и исплашени, толку повеќе нивните тешко освоени слободи се расфрлани и изгубени во ветровите на среќата, па толку повеќе им е потребна изјава за ѕвонење на демократските идеали. Душата на филмот е закотвена во Линколн, забелеежа тогашната критика, а филсмкиот лик Џеферсон Смит ќе биде младиот Аби Линколн, „прилагоден на едноставноста, сочувството, идеалите, хуморот и нескротливата морална храброст под притисок“ (од една монографија за Капра од 1971 г.). Шефот на компанијата Колумбија тогаш рекол дека моралниот лик на Смит е излезен од Библијата и тоа е еден вид на Аврам во мигот кога Господ го замолил да го жртвува својот сакан син Исак. Во нашиот случај сосема е веројатно дека Заев на еден симболичен чин го направи тој гест што го барал диктатот на моментот (Господ) и беше подготвен да ја жртвува правната држава исто така во во еден миг (ајде уште сега), за потоа да настане божји мир (присилен диктат на западниот свет за строго држење на земјата во рамките на апсолутната доминација на манирите на правната држава). Имено, по почнувањето на процедурата за влез во НАТО, пролетта 2019 година, како и со почетокот на преговорите за влез во Унијата (летото следната година) вакви „комбинаторики“ не смеат ни да се помислат а камо ли -да се извршуваат во реал политиката.
Останува дилемата дали западните сојузници во тие денови на голема неизвесност околу Договорот од Преспа, пред гласањето и потребата да се обезбедат две третини од гласовите на пратениците, го поттикнале поставувањето на библискиот ретровизор во салата за пленарни седници. Имало ли во тој говор стратешка двосмисленост? Или пак етиката на Заев би била само покров за идната работа на правниците која потоа би го форматирала правно предлогот? Или тоа сепак бил само начин да се воспостави некаква етичка терезија меѓу целта над нас и етиката во нас, во мигот на така значајна дилема за земјата?
Без оглед на пресот на еден пратеник на Плоштадот на ВМРО во саботата дилемите се отворени. За власта издвојувањето на осум пратеници од групата на опозицијата и веројатното придружување кон нив на уште двајца КОЛЕГИ, исфрлени од клубот на опозицијата, дозволува за дилемите да се размислува и поинаку – еднаш понудениот опрост имал кус рок на траење! Или Мицковски не го виел навреме божјиот знак?
Доколку ве интересира судбината на филмот, тој подоцна бил номиниран за 11 награди за Оскар, освојувајќи само еден (за оригонално сценарио). Најпозната холивудска новинарка Луела Парсонс го нарекла „просечен патриотски хит”, а повеќето критичари се согласија со неа гледајќи дека публиката немала голем интерес за „деморкатскиот ентузијазам” на авторот. Индикативно е дека во време на Вишиевото владеење со Франција, по окупацијата на земјата, во првобитниот хаос, кога кино-салите работеле а се „трошеле“ последните американски филмови, ова бил најгледаниот! Оценка била дека филмот најмногу ја изразува „упорноста на демократијата на американскиот начин”.