Во Карпош добивме девастација на урбаниот простор во многу домени. Граѓаните се побунија и се обидоа да организираат граѓански отпор, и кон оние што со честите измени на урбанистичките планови, како можен извор на „ослободени градежни парцели“ од што некој секако добро се офајдил
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Наодите кои ги констатираше увидот во состојбите во Општина Карпош од страна на службениците на Државниот завод за ревизија на два пати – во 2012 година и во 2017 година – а се однесуваа на состојбите од претходните календарски периоди, беа централна точка меѓу, просто речено, озборувањата за тоа дека работите во овој дел на градот Скопје не се како што треба и кривичните пријави што уследија од други, надлежни органи во државата против одговорни лица во Карпош. Ова воедно беше и ретка симбиоза на институциите на правната држава кои можат да доведат до очекуван ефект: казнување на одговорните за состојби кои во КЗ се окарактеризирани како предмет на кривично гонење.
Но, во случајот со општина Карпош се допираме до една поголема тема и општествено поопасна ситуација на прекумерно користење на градежните ресурси во земјава, со низа неповолни ефекти врз животот и здравјето на граѓаните. Таа инвазија на нови градби не предизвикала сооддветна финансиска корист за давателите на градежно земјиште, во опишаните случаи подолу – општината Карпош, туку напротив, токму во период на инвазија на нови скелиња се бележат драматични загуби, кои претходно не постоеле. Ова мириса на можност преку станоградбата во Карпош некаде да се одлеале тие средства, бидејќи не се нашле во касата на продавачот на земјиштето.
Најмалку спорно е дека во Карпош добивме девастација на урбаниот простор во многу домени, дека граѓаните се побунија и се обидоа да организираат граѓански отпор, како и дека некој од честите измени на урбанистичките планови, како извор на „ослободени градежни парцели“ сигурно добро се офајдил. Во оваа општина цената на градежниот квадрат е најскапа (1.300 евра по квадратен метар), нема слободни станови иако бројот на новоградби во последните години е најимпознтен.
НЕГИРАЊЕ НА СКОПЈЕ „Урбанистички хаос предизвикан од несоодветна подготовка на деталните урбанистички планови, во кои приоритет има профитерските интереси, наместо стручно поткрепените архитектонски решенија, кои би требало да обезбедат нормален и функционален живот … иако се сменија властите, негирањето на Скопје, никако да се спречи или да престане“ – коментира познатиот скопски архитект со светско реноме Алекандар Петров, кој во меѓувреме ја издаде книгата „Град без љубов“. Не треба многу да се биде концетриран на ова сознание за да се свати дека нормативното овозможување на користењето на градежното земјиште од страна на општините, кое не е од многу постар датум, едноставно доведе до експлозија на интересот на инвеститорите, посебно во некои општини како што е Карпош или во подолг период Охрид, каде добивката на заeдницата никако да се види. Напротив, загубите во општинските каси се евидентни, рекордни, што ја натера Владата на РМ непосредно по Нова година, од непотрошените средства во државниот буџет да им префрли на таквите и други општини со загуби, дури 50 милиони евра, со цел тие да можат да ги обавуваат основните функции.
Може да се рече и дека државата во одделни случаи покрива нешто што претходно заминало во туѓи џебови?! Има некаков „аждер“ кој ги превртува работите наопаку – не само што ги користи јавните ресурси до максимум, туку тој на многу начини им одмага на граѓаните да го направат својот живот пристоен а другите јавни институции функционални, што државата мора да плаќа два пати – еднаш го отстапува градежното земјиште, втор пат таа „евтина“ операција се суфинансира со пари од централната каса!
НАМИРИСАН КРИМИНАЛ Граѓаните на скопската општина Карпош, која претходно важеше за најсовремено урбанизирана целина на Скопје, беа меѓу ретките кои во годините зад нас се побунија за претераната станбена изградба, одземањето на заедничките простори на кои беа навикнати и за кои сметаат дека се дел од нормалноста на живеењето.
– Загадувањето на воздухот дојде по повеќе основи и едноставно една од општините со најчист воздух дојде на врвот по загаденоста. Тоа се должеше на задушувањето со големиот број нови градби, кои го блокираа дотогашното нормално струење на воздухот, кој доаѓаше и од Водно, но и од брегот на Вардар… – вели еколошката активистка Невена Георгиевска. – Ни стана чудно најпрвин тоа често менување на урбанистичките планови и нивната нелогичност. Имавме неискористени паркинзи а до нив никнуваат нови паркинзи! Што се крие зад тоа? Ништо друго, се покажа, освен отворање на простор за нови станбени згради.
Невена Георгиева потсетува дека граѓаните од оваа општина го исфрлија лозунгот кој може да се смета како еден многу духовит осврт на методот кој го користат општинарите: „Не ми го паркирај ДУП-от на мојот паркинг“. Ова се однесува токму на фактот дека зелените површини најчесто се претвораат во паркинзи, како „невина метода“ за да се задоволат други потреби на граѓаните, место тревата или зеленилото, но потоа со нова измена на планот паркингот се претвора во градежна површина, каде ќе никне зграда.
Еколозите во Карпош констаирале, врз основа на мерење по постоечки стандарди дека за 2016 година просечната годишна концентрација на PM 2.5 честитчки е 52,52 µg/m3, а од средина на aвгуст 2016 до средина на aвгуст 2017 е 54 µg/m3. Тоа е за два пати повеќе од максимално дозволената годишна вредност, а повеќе од пет пати од препорачаната годишна вредност на Светската здравствена организација.
– Заклучивме дека огромниот станбен комплекс кој се планира на овој потег, покрај кејот на Вардар, ќе го спречиме природното струење на ветрот кој токму во правецот север – северозапад е најизразен во ружата на ветрови за оваа општина. Ако до сега подобрувањето на читотата на воздухот во есенските и зимските месеци се должеше на ветрот, со ова ни се намалува и таа шанса за било какво подобрување – смета Невена. Таа додава дека и кај постоечките „оковани“ со нови згради делови од Карпош, како што е пазарчето Тафталиџе, лете се измерени жешки острови, со посебна микро-клима што и ја прават атмоферата одвај издржлива. Еколозите располагаат со инструменти со кои можат да ги мерат тие температурни острови.
И нивото на подземни води крај Вардар, каде тоа е високо и оттаму како тло погодно само за рекреативни содржини, се промени. Таму, на кејот, постоеја само некои привремени објекти, складови и по некој спортски објект, па се очекуваше тој дел да се уреди со додатни вложувања за користење на сите граѓани во ркереативни цели. Место тоа, на тој дел на грдот, на кејот на Вардар, забрзано започнаа да се градат низови од згради.
Заради интензивното градење, притисокот кој го прават новите згради на тлото се појавил и отровниот арсен во воздухот и тој доаѓа од тлото, односно од отворањето на неговите „подземни извори“ кои сега доаѓаат на површината. Арсенот е опаен, отровен елемент.
Еколозите во оваа општина – кои имаат две здруженија – О2 Инцијатива и „Ние сме Карпош“ и тврдат дека високата загаденост на општината е резултат и на фактот дека генерално станбената изградба е на сметка на зеленилото, објаснуваат дека имаме двојна штета: од една страна постои постојаното користење на градежна оператива, која загадува а од друга намалување на она што беше апсорбер на атмосферската нечистотија.
– Сето ова е започнато во 2008 година и трае еве до 2018 година – вели Невена. – Слушаме дека ќе се прават нови измени. Едната која е во план е за високата зона на Водно, во пределот на Горно Нерези, што практично треба да овозможи градење на самото Водно, на предел кој и до сега беше загрозен.
На нивна иницијатива Уставниот суд донел три решенија за воведување мораториум на три парцели а за уште една постои процедура.
Најпрвин треба да се рече дека зад иницијативата на граѓаните стојат многу искусни правници и урбанисти, претставници на многу други професии, секако жители на Карпош, кои многу добро ја имаат „исковано“ иницијативата со која се бара Уставниот суд да го преиспита начинот на кој се донесувани урбанистичките планови, односно измените.
Судот го блокираше (сторнираше) градењето на три локалитети во рамките на оваа Општона. Тоа е делот кој првобитно беше наменет за рекреација (десниот кеј на Вардар и просорот до улицата Илинденска од месноста која се означува како Стара телевизија се до хотелот Александар Палас), потоа пренатрупаните квартови Тафталие 1 и Влае 2. До конечната пресуда на Уставен таму не смее да се гради, но факт е дека на кејот снаодливите инвеститори веќе имаат завршено многу згради, а становите во истите се продадени по ексклузивна цена.
Пропуститите во процеддурата за промна на ДУП-овите се очевидни и големи, ќе констатира во својата анализа Уставен.
(продолжува во следниот број)