Надлежните признаваат дека најтешко е да се најдат во тие врски кои се прават во триаголникот нарачувач – изведувач – градоначалник, како потпишувач и дека посебно е тешко да се дојде до евентуалната награда во вакви случаи на оној кој треба да се „омасти“ во ваквите ситуации а тоа е најчесто оној кој го дава земјиштето и ја покрива од правна точка законитоста на постапката
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во своето новогодишно салдирање на успсите во работењето за 2018 година, Финансиската полиција посебно го подвлече своето работење на она што се ангажирала во Општината Карпош. Оваа институција во 2018 година поднесе четири кривични пријави против поранешниот градоначалник на Карпош – Стевчо Јакимовски и уште четворица вработени во општината, за незаконитости направени во период од 2012 до 2013 година. Тие се товарат за злоупотреба на службена положба, при што, во три постапки за јавни набавки, го оштетиле државниот буџет за 600 илјади евра, информираше токму пред Новата година Финансиската полиција.
Во една од поднесената пријава Јакимовски фигурира практично сам. Тој се товари и за злоупотреба на службената должност при одредување на изведувач на работи за плоштадот „Жданец“ во 2016 година.
Јакимовски при тендерот во овој случај се товари дека на фирмата ДГПТУ СМ Компани од Свети Николе во 2016 година, која била ангажирана за уредување на паркот во Жданец и овозможил да се стекне со противправна имотна корист од околу 47.000 евра. Како што се дознава на огласот за изведба се јавиле шест компании, останала само една, што „мириса“ на фаворозирана компанија, за што инаку нема поведено постапка. Потоа дошло и до спорење меѓу Општината со споменатата (избраната) компанија, но постои верувања дека спорот фирмата од Свети Николе може и да го добие. Факт е дека во случајот не е повлечена банкарската гаранција на фирмата која Јакимовски ја објаснува со неажурност на вработените. Негово било само да го потпише договорот …
Јакимовски беше изведен пред судија на претходна постапка и одби да даде коментар за новинарите, туку само им се обрати со погрдни зборови. Александар Трајановски, портпарол на ГРОМ, чиј лидер е Јакимовски, обвини дека се работи за инструирана акција на власта и далеку од регуларна пропишана истражна постапка, финансиската полиција извршила претрес во негови станбени објекти.
„Ова не е ништо друго освен монтиран процес и хајка од страна на СДСМ за да се наруши неговиот углед, угледот на партијата и да се разводенат цврстите политички ставови кои ГРОМ и Стевчо Јакимовски ги застапуваат“, рече Јакимовски.
На 8 август 2017 година Финансовата полиција изврши претрес во станбени објекти на Јакимовски во населбата Жданец, барајќи документација за случаите за кои потоа отвори постапка, односно даде предлог до јавното обвинителство за поведување на кривична постапка. Според претставник на Финансовата поливија се работи за дејствување во група во која се вклучени, покрај градоначалникот уште четворица вработени. Тоа се вработените во општината, М.Д.- раководител на сектор за јавни набавки, Н.Н.- помошник раководител на сектор за финансиски прашања, С.М- раководител на одделението за норматива во правен сектор и А.С – раководител на одделение за сметководство. Административците се сомничат дека ја злоупотребиле службената положба и овластување. Тројца останале во работен однос а едне побарал да замине од службата, се разбра подоцна..
М.Д., раководител на секторот за јавни набавки во Општина Карпош добил кривична пријава оти во двете јавни набавки за изградбата на објектот на местото на старата општинска зграда и за плоштадот во населбата Жданец не предложил наплата на банкарската гаранција за понуда, туку ги пуштил во понатамошна постапка.
Н.Н., претседател на Комисијата за јавна набавка на Општина Карпош, како и С.М., член на таа комисија, и А.С., заменик-член на Комисијата, се сомничат дека за плоштадот во населбата Жданец, ја прифатиле понудата на фирмата „ДГПТУ СМ Компани ДОО“, Свети Николе, иако таа не доставила сертификат за вградените материјали, а со тоа овозможиле фирмата да стекне корист на штета на Општина Карпош во износ од 2,8 милиони денари.
Обвинителството нема побарано притвор за осомничените, туку мерки за претпазливост, одземање на патна исправа.
По случајот со иградбата на Плоштадот Жданец, во очите на надлежните доаѓа случајот со дивоградбата наречена општинска зграда!
Поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, според Финансовата полиција наместо да спречува дивоградби, дозволил објектот на Општина Карпош, каде што е сместена општинската администрација, да се изгради без одобрение за градба и без соодветно архитектноско-урбанистичка документација, утврдила истрагата. Управата за финансиска полиција против Јакимовски поднесе кривична пријава за бесправно градење.
Од Управата не информираа дека кривична пријава за бесправно градење е поднесена и против Ј.К., надзорен инженер во „Карапанчевски компани“ ДОЕЛ Скопје и против А.М., одговорно лице во правното лице „Алконпроект“ ДООЕЛ Тетово, во својство на изведувач, како и против двете правни лица.
Истрагата утврдила дека Јакимовски во својство на градоначалник на Карпош, како инвеститор на изведување работи за „демонтажа, дислокација и изградба на четврта и петта барака на булеварот Партизански одреди 68 и изведба на демонтирани и четврта и петта барака“, во рамки на урбанистичката парцела на ОУ „Лазо Трповски“, во тек на 2012 и 2013 година, спротивно на членовите 56, 59 и 67 од Законот за градење, без одобрение за градење и соодветна архитектонско-урбанистичка документација во име и за сметка на Општина Карпош, изградил две бараки наменети за општинската администрација. Потоа, според Управата за финансиска полиција, поднел барање за легализација на двете бараки кое лично го потпишал, „иако согласно член 2 став 3 в.в. стр. 1 и 2 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти бараките не можеле да бидат предмет на легализација затоа што се изградени по стапување во сила на Законот за легализација“, се вели во соопштението на Управата.
Според пријавата, надзорниот инжинер Ј.К., кој бил ангажиран од општина Карпош за вршење стручен надзор, во 2012 и 2013 година согласно член 36 од Законот за градење бил должен да врши проверка над изградбата дали е во согласност со основниот проект и одобрението за градење и да го запознае инвеститорот и надлежниот градежен инспектор за утврдените недостатоци или неправилности констатирани во тек на градбата и да ги забележи во градежниот дневник. Спротивно на Законот за градење надзорниот инженер вршел надзор над демонтажата и изградбата на општинските бараки без одобрение за градење, потпишал градежен дневник, градежна книга и времена ситуација, соопшти Управата за финансиска полиција.
Третопријавениот А.М. одговорен во изведувачот на работите „Алконпроект“ во рамки на урбанистичката парцела на ОУ „Лазо Трповски“, ангажиран од Општина Карпош, согласно член 29 од Законот за градење бил должен да изведува градежни работи согласно со одобрението за градење, ревидираниот основен и изведбениот проект. Спротивно на Загонот за градење, почнал со градежни активности на објектот без одобрение за градење и целосно ги изградил општинските бараки.
„Според член 50 од Законот за локална самоуправа според кој градоначалникот е претставник и застапник на општината, раководи со општинската администрација и обезбедува правилно и законско користење, одржување и заштита на сопственоста на општината во согласност со Закон и статут. Според член 56 од Законот за градење, изведувањето градби може да почне со издавање одобрение за градење правосилно во управна постапка, а градбите и деловите од градби издадени без одобрение за градење се бесправни градби. Согласно член 59 од Законот за градење, како што појаснува Управата, инвеститорот имал обврска писмено да го пријави почнувањето на градбата до надлежниот орган, градежната инспекција и инспекцијата на трудот пред почетокот на изградбата“, се вели во соопштението од Управата.
Значи, да сумираме, според пријавата, Јакимовски во 2012 и 2013 година во две јавни набавки незаконски ја ангажирал фирмата Алконпроект ДООЕЛ од Тетово иако оваа компанија не доставила банкарска гранција дека квалитетно и навремено ќе ја заврши работата, што и било законска должност според тендерската документација и членот 48 од Законот за јавни набавки. Јакимовски наместо да го раскине договорот и да ја наплати банкарската гаранција на понуда, тој му дозволил на изведувачот да започне да работи согласно договорите, а потоа поради ненавремено и неквалитетно извршување на работите го раскинал договорот, со што и овозможил на фримата да се стекне со противправна имотна корист на име на неплатени и необезбедени банкарски гаранции во висина од 15.000 евра, а на штета на буџетот на општина Карпош.
Јакимовски се товари и дека му дозволил на Алконпроект да започне со градежни активности без одобрение за градење, без идеен проект и без основен и изведбен проект. Исто така, според пријавата Јакимовски давал усни инструкции на изведувачот да реализира позиции во поголеми количини од предвидените во техничката спецификација, како и да реализира позиции кои воопшто не биле предвидени во техничката спецификација, со што овозможил на фирмата да се стекне со противправна имотна корист во висина од околу 540.000 евра од сметката на општина Карпош
Уште по изречените мерки од судот, Јакимовски изјави дека дека се работи за монтиран случај со цел да се дефокусира јавноста. Александар Трајановски од ГРОМ, чиј лидер е Јакимовски, обвини дека се работи за инструирана акција на власта и далеку од регуларна пропишана истражна постапка, финансиската полиција извршила претрес во негови станбени објекти.
„Ова не е ништо друго освен монтиран процес и хајка од страна на СДСМ за да се наруши неговиот углед, угледот на партијата и да се разводенат цврстите политички ставови кои ГРОМ и Стевчо Јакимовски ги застапуваат“, ни рече Јакимовски.
Претседателот на партијата ГРОМ Стевче Јакимовски одбива да контактира со поголем дел од новинарите, освен со порталот Инфомакс обелодени дека решението за негов притвор било напишано пред да го проведат и дека тој добил телефонски најава за тоа. Јакимовски потоа во својата изјава, која ја даде пред својот дом, истакна дека постојано добива закани од високи претставници на СДСМ, а дел од нив повеќе пати се обиделе и физички да се пресметаат со него. Претседателот на ГРОМ обелодени дека притисоци се вршат и врз вработените во општина Карпош, да сведочат против него за наводен криминал извршен кога тој беше градоначалник на општината. Според Јакимовски сите овие притисоци се поради неговите политички ставови за бојкот на престојниот референдум за промена на името на Македонија, и неговиот цврст став по однос на ова прашање.
Секако останува да се види дали ќе има нови кривични пријави против горенаведените или други лица, до сега неприведувани, за случаи од Општина Карпош. Надлежните признаваат дека најтешко е да се најдат во тие врски кои се прават во триаголникот нарачувач – изведувач – градоначалник, како потпишувач и дека посебно е тешко да се дојде до евентуалната награда во вакви случаи на оној кој треба да се „омасти“ во ваквите ситуации а тоа е најчесто оној кој го дава земјиштето и ја покрива од правна точка законитоста на постапката.
Финансиската полиција во овие случаи се задржува на пропустите кои Стевчо Јакимовски,како градоначалник и дел од неговите најдоверливи соработници ја вршат во -засега – четири случаи, кои полесно е да се докажат. Јавното обвинителство засега не се има изјаснето, што покажува дека неговата ефикасност не е следена во доволна мерка од другите органи, што веќе потнцирани од јавноста, односно од лица и организации кои се бават со борба против корупцијата.
(продолжува во следниот број)