Нецелосни се податоците кои се направени кај државното градежно земјиште по отуѓувањето (продавањето). Државата има два големи „кабаети“ според Извештајот на ДЗР на оваа тема – не е формиран Комитетот на користење на градежното земјиште, сопственост на РМ, а се критикува и пасивноста на надзорот кој треба да се врши од страна на Министерстото за транспорт и врски
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Општинарите во овие ситуации на разбудена свест на граѓаните и во нивна одбрана на градежните стандарди, делуваат збунето. Се добива впечаток дека тие просто се навикнати додека постои тој ресурс кој го добија со фискалната децентрализација (но со обврска да преземат дел од фискалните обврски на државниот буџет), да се троши доста интензивно а сепак загубите на локалните заедници растат. Владата на РМ непосредно пред Нова година донесе одлука да префрли неискористени срества од буџетот, во висина од 50 милиони евра, во општинските каси за тие „да преживат“, односно да платат дел од долговите кои ги блокираат.
ДЗР објави во ноември посебна анализа за успешност на политиката на користење на државното земјиште во перидот 2011 – 2018 година . Во истата се поставува прашањето дали промените во политиката довеле до поефикасно користење на државното земјиште? Се констатира дека се надминати некои состојби (значи тие постоеле и биле доста неповолни како трендови, треба да се заклучи) од типот на зголемување на процентот на изграденост на површини за кои е издаена дозвола за градба, распределбата на приходите во однос на отуѓеното земјиште меѓу субјектите (општини, град Скопје, Република), се намалил процентот на казните кои општините треба да ги платат заради еднострано раскинување на договорите…
Но, се констатира и тоа дека и покрај напредокот постои потреба од унапредување на просторното и урбанистичко планирање, во насока на рационализација, учество на граѓаните во таа постапка, внимавање на тоа државното земјиште што повеќе да се користи за заеднички потреби, при што општините би биле вистински домаќини.
Ревизорите заклучиле дека има постојана промена на ДУП-овите по квартови, во корист на физички лица. Нарушени се принципите на рамномерен, хуман развој. Јавната анкета се занемарува или изведува многу доцна и во временски простор кој е недоволен да учествуваат сите заинтересирани.
Исто така нецелосни се податоците кои се направени кај државното градежно земјиште по отуѓувањето (продавањето) … Државата има два големи „кабаети“ според Извештајот – не е формиран Комитетот на користење на градежното земјиште, сопственост на РМ, а се критикува и пасивноста на надзорот кој треба да се врши од страна на Министерстото за транпорт и врски.
Впрочем, самото Министерство за транспорт и врски во приодот 2006/7 ја повредило обврската, произлезена од Законот за борба против корупцијата и во време на избори продала земјиште на користење во најстрогиот дел на Скопје за изградба на три хотелски комплекси. По барање на правобранителот договорите се раскинати, но Врховниот суд пресудува во корист на купувачите, со што се покажува дека оваа категорија на инвеститори ужива поддршка кај судовите, што потоа често се имало во предвид! Ова е секако приказна сама за себе, но е илустрација како функционира кај нас групацијата која цели на најубавите парцели во земјава.
Интересно е дека ревизијата која ја прави ДЗР не ги допира општините каде станбената изградба е интензивна и народски речено – паѓа во очи – како што е Охрид, Тетово и Карпош, туку се задржува на општини каде што интерес на големите инвеститори и нема, како Виница, Демир Капија, Пробиштип, Радовиш, Гевгелија … каде статистиката покажува дека постојат години со приход од 0 денари по основ на комунални давачки за новоградби .Можеби се барала некаква статистичка средина, но истата ја нема како продукт на ниво на Македонија, бидејќи, очевидно нема ни доволно расположиви податоци за такво нешто!
– Приходите на општините по основа на градба се во принцип строго наменски и тие не треба да се трошат надвор од намената, односно комуналното уредување – вели помошник на директорот на ДЗР Лилјана Стојанова, која најчесто и ги потпишува наодите на ревизијата на колегите по општини. – Општините имаат други основи за добивање на приходи и треба да се ориентираат на нив.
Во однос на барањето на општините да се види колкави се приходите кои по 2011 година ги имаат од ингеренциите со државното земјиште што треба да го управуваат, на една страна и расходите кои тие општини ги имаат по основ на финансирање на трошоците, кај покривањето на јавните установи (училишта, градинки и слично), Стојанова смета дека тука само се наоѓаат изговори од страна на општинарите. Тие трошоци, по неа, не можат да бидат оправдување за прекумерното користење за приходи на општините и дека таа ситуација се драматизира.
Се до 2015 година, кога е донесен посебен закон (Закон за градежно земјиште) не ни постоела одговорност во случај на кнстатирања на непрвилности придоделување на државно земјиште! Сега ситуацијата е таква што Министерството за транспорт и врски има појасни ингеренции. Колку и користи е секако предмет на друга анализа и истражување.
„…Четири големи парцели градежно земјиште околу скопскиот централен плоштад, сопственост на повеќе стари скопски семејства повторно ги одзела државата, не затоа што некој погрешил и неправилно им ги вратил, туку заради т.н. општествен интерес… Тие што ќе градат се приватни лица и фирми блиски до власта и ова им било ветено“, во 2004 во колумна за „Дневник“ пишува тогашниот прв опозиционер Никола Груевски! (https://prizma.mk/drzhavata-za-dhabe-prodala-sporna-partsela-na-hotel-solun/). „Значи на едни приватни лица им се одзема веќе вратеното земјиште, кое власта во педесеттите години им го одзела на нивните предци, за денешната власт и државата да им го продаде на нови сопственици, блиски до власта, за да си градат хотел на најатрактивната локација… Се разбира играта е во цената на земјиштето. Ако ‘фраерот’ што ќе го купи од државата го купи од наследниците, тоа би го чинело многу поскапо…“, сликовито објаснува сега веќе експремиерот Груевски, бегалец во Будимпешта, во истата колумна.
Случајот од Општина Центар го споменуваме заради коментарот на идниот премиер. Инаку, тоа земјишпте на крајот го добива претседатавачот на тогашниот Совет на општина Центар. Тој беше претставник на партијата на која и самиот Груевски!
Такви примери на многу чудни и нејасни распределнби има и во Општона Карпош. Носителот на советничката листа на СДСМ за општина Карпош, Душко Весковски, на 11 октомври 2017 година (https://www.slobodenpecat.mk/makedonija/veskovski-zemjishte-vo-karposh-kupeno-za-11-000-e-prodadeno-za-600-000-evra/) презентираше како во Карпош е оттуѓено градежно земјиште и продадено по неколкупати повисока цена.
„За три дена заминува криминалната власт на Стевчо Јакимовски и ВМРО-ДПМНЕ во општина Карпош. Денеска презентираме како е оттуѓено градежно земјиште, во сопственост на Република Македонија, а претставувано од градоначалникот Стевчо Јакимовски, со непосредна спогодба, склучена на 29.01.2016 година во Скопје.
Имено, градежното земјиште со вкупна површина од 1.533м2 е продадено за 671.454 денари (речиси 11 илјади евра) на друштвото за производство, трговија и услуги ГРОМ ПРОМЕТ ДОЕЛ… Само 2 месеци подоцна по оттуѓувањето, истото земјиште заедно со легализираните објекти застапувано од ГРОМ ПРОМЕТ ДООЕЛ е продадено на фирмата Друштво за градежништво, инженеринг производство и трговија на големо и мало ДАБАР ДООЕЛ по цена од 36.900.000 денари или 600 илјади евра.
Прашуваме како е можно земјиште во еден од најатрактивните делови во Карпош (непосредно до ресторанот Имес) да биде оттуѓено за скоро 11 илјади евра, а само 2 месеци подоцна истото земјиште заедно со неколку легализирани објекти да биде продадено за 600 илјади евра?
Ги повикуваме надлежните органи сериозно да пристапат кон овој случај и оваа сомнителна зделка! Одговорност мора да има!“ Истакна овој тогашен советник. Денес тој е директор на скопското Водовод и канализација.
(продолжува во следниот број)