Амазонија гори. Болсонаро е крив!- се ужаснува светот. Но, тоа не е доволно. Сите ќе мора да платиме, за да опстане прашумата
ВАНЕСА ФИШЕР
Прашумите на Амазонија се белите дробови на светот, која произведува една петина од глобалниот кислород. Дробовите се зафатени од пожар каков што не сме виделе со години. Претседателот на Бразил е во центарот на меѓународната критика затоа што со неговата агресивна реторика ги мобилизира луѓето да посегнат по оружје или да подметнуваат пожари и во духот на Дивиот запад да си ја земат правдата во свои раце.
Од позиција на претседател шири теории на заговор, деградира реномирани научници ако не му одговараат нивните публикации и забранува секакво мешање во внатрешните работи.
Критиката е оправдана. Но, дали реториката на Болсонаро е навистина толку изненадувачка? Што друго би очекувал човек од деснопопулист како него? Колку е расположението пожестоко и потресувањето поголемо, толку помалку расположена за дијалог ќе биде неговата влада. Тоа не е во интерес на светот.
Што ќе прави меѓународната заедница освен да се потресува и да твита со хаштагот PrayForTheAmazon?
Актуелно на многу места гори во пламени, но реално уништувањето на Амазонија непрестајно се одвива, некогаш побавно, некогаш побрзо, но континуирано. Притоа не е проблемот само во стекнувањето земја за одгледување соја и стока. Со години се зголемува бројот на нелегални рудници за злато. Огромни брани се направени во последните десет години само во бразилскиот дел од Амазонија. До 2023-та треба да се повеќе од 20 на број, а тоа се проекти кои беа одобрени уште во времето на левичарскиот претседател Луиз Игнасио Лула да Силва. Тоа се брани чија последица се масивна интервенција во природните екосистеми, а притоа енергетската ефикасност е сомнителна. За нивната изградба големи површини земја завршија под вода, а коритата во кои се собира водата во тропската клима стануваат вистински метан бомби од разградувањето на биомасата. Метанот е како што знаеме многу поштетен за климата отколку самиот јаглероден диоксид.
Во 2012 во Порто Вељо, главниот град на сојузната држава Рондонија и центар на бразилското аграрно лоби можев одблизу да ги видам последиците од браната на реката Мадеира која тукушто беше пуштена во погон. Мадеира е една од најбогатите реки во Амазонија бидејќи во себе има многу седименти од Андите. Кога беше поставена брана реката најпрво го поплави целиот град. Тоа беше помалото зло. Деновиве во истото тоа Порто Вељо не можеа да слетуваат авиони заради попреченоста на видикот од чадот.
Уништувањето на Амазонија се одвива во подолг временски период. Санкции нема да помогнат, напротив дури: да се замрзнат или укинат парите од проекти за заштита на климата или шумата како што неодамна предложија Германија и Норвешка, само ќе биде џокер во рацете на Болсонаро и интересите на големото мнозинство на аграрната индустрија на Бразил.
Тоа исто така би ја заслабнало позицијата на многуте ангажирани луѓе во проекти кои помагаат за заштитата на прашумата. Од нивната влада нема што да очекуваат. Јавните издатоци за климата и заштита на околината уште во 2018 беа значително намалени.
Меѓународната заедница мора да извади уште повеќе пари ако сака да ја спаси Амазонија на долг рок. Глобален фонд, компензациски исплати и глобалното обврзување економските интереси во Амазонија да бидат занемарени. Конференцијата на ООН во Њујорк во септември на која главна точка е заштитата на климата би била идеалното место за тоа. Тука светот може да покаже дали знае да делува, или само да се потресува.
Огромните пожари во амазонската област предизвикуваат меѓународни тензии. Бразилскиот ултрадесничарски претседател Жаир Болсонаро го обвини францускиот претседател за „колонијалистички менталитет“, зашто Емануел Макрон планира пожарите да ги тематизира на самитот на Г7 во Бијариц. Болсонаро на Твитер остро го нападна Макрон што сака темата да се дискутира во отсуство на земјите од регионот на Амазон. Освен тоа, тој во потегот на Макрон гледа обид „внатрешните работи на Бразил и и другите земји од регионот да ги инструментализира и од тоа да извлече личен профит.“ „Сензационалистичко алчниот тон“ на Макрон не продонесува за решение на проблемот, напиша Болсонаро.
Францускиот претседател вчера шумските пожари во амазонската прашума ги нарече „меѓународна криза“. „Во пламен се „белите дробови на нашата планета“, напиша Макрон на Твитер, најавувајќи со останатите членови на Г7 на викенд во Бијариц да разговара за овој ургентен случај. Меѓутоа, Макрон притоа објави фотографија на шума во пламен која не е од сегашните пожари. Таа е направена од фотограф кој почина уште во 2003 година, а на социјалните мрежи курсираат бројни фотографии од поранешни пожари.
Катастрофалните пожари во прашумата во Амазонија предизвикаа загриженост во цел свет. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш вчера изрази длабока грижа. „Во екот на глобална климатска криза не можеме да си дозволиме да претрпат штета едни од важните извори на кислород и да наштетат на тамошниот биодиверзитет“, изјави тој.
Точните размери на пожарите е тешко да се утврдат. Според бразилскиот Институт за вселенски истражувања, ИНПЕ, во цел Бразил во рок од 48 часа избувнале речиси 2.500 нови пожари. Со тоа, од почетокот на годината се веќе преку 75.000 пожари, што е зголемување од 84 проценти во споредба со претходната година. Главна причина е уништување на шумите заради создавање обработлива површина. Болсонаро, кој не верува во климатските промени, за пожарите напротив ги обвини организациите за заштита на природата.
Движењето „Петоци за иднината“, иницирано од шведската климатска активистка Грета Тунберг, смета дека одговорност за пожарите носи и Болсонаро поради својата климатска политика. Неговата влада во амазонските прашуми гледа единствено „крава за молзење“. Под мотото „Спасете го Амазон“ движењето повика за денеска на демонстрации пред дипломатските преставништва на Бразил во цел свет.
Претседателот на Еквадор Ленин Морено во меѓувреме му понуди на Болсонаро да испрати пожарникари за сузбивање на огнената стихија.
Жаир Болсонаро ја отфрли заканата од Германија дека министерството за животна средина ќе го замрзне финансирањето на проектите за заштита на регионот на Амазонија. Новиот бразилски претседател по преземањето на функцијата експресно дозволи дефорестација на регионот, што пак, доведе до големи критики во светот.
„Сакам да и порачам на драгата Ангела Меркел. Земи си ги парите и пошумувај си ја Германија, во ред? Многу повеќе се потребни таму одошто овде“.
Германската министерка за животна средина Свења Шулце викендов најави дека Германија ќе блокира 35 милиони евра од фондовите за поддршка на проекти во Амазонија откако владата на Болсонаро повторно дозволи масовна сеча на дрвја. Болсонаро, кој се залага за ставање крај на заштитениот статус на регионот на Амазон, претходно ја обвини Германија дека се обидува да го „измами“ Бразил со блокадата на фондовите.
Вербална војна
Ова не е првпат Амазонија да се најде во центарот на судирот меѓу Германија и Бразил. Меркел и претходно изразуваше загриженост за заштитата на природата и човековите права во регионот. Болсонаро тогаш и возврати дека Германија има огромен финансиски профит од фактот што е еден од најголемите загадувачи во светот- и, додека тоа не се реши, нема право да го критикува Бразил.
Според истражувања на бразилските институции, од доаѓањето на Болсонаро на власт, сечењето на шумите во Амазон е зголемено за 278 проценти. Болсонаро експресно му даде отказ на шефот на институцијата која го спроведе истражувањето.
Амазонската шума уште се нарекува и „бели дробови на Земјата“, поради нејзината клучна улога во апсорбирањето на емисиите на јаглерод и производството на кислород.