Бегајќи од класичното земјоделие две жени од околината на каменица се завртеа кон пчеларството
Мирјана и Снежана, првата од село Моштица, а втората од селото Дулица. Лоцирани во околината на Македонска Каменица, двете жени се од различни генерации, со различни животни приказни, но ги поврзува една работа – пчеларството.
„Имам желба да работам и сакам да работам. И да ме будиш навечер, јас одам. Таму има рој или пчела, и јас станувам и одам. Мерак имам за да ги чувам и сакам да работа. Земјоделие, не сакам да работам“, ни раскажува Мирјана.
„Како дете имавме по три-четири пчелни семејства, во селото кога живеев тука. Но, тогаш не сум имала никаков контакт. Моето самостојно пчеларство почна од пред четири години“, истакнува Снежана.
Двете се дел од здружението „Меден исток“, каде разменуваат искуства. Сопствените пчеларници ги одржуваат стриктно по правилата за одгледување пчели на одржлив начин – без хемиски препарати.
Мирјана веќе 17 години е со пчелите и вели дека во минатото се ваделе и повеќе од 700 килограми мед. Сè зависи од природата.
„Природното одгледување е подобро и за пчелата и за луѓето. Органски ги третираме, други хемикалии не ставаме. Штетно е друго да ставаш. Ние најмногу од крлеж ги третираме. Крлежот најмногу ги уништува пчелите“, вели Мирјана.
Снежана објаснува дека е значајна и локацијата на пчеларникот. Тој првенствено треба да биде изолиран од места со хемикалии.
„Добро е да биде за погоден за пролетен развој, како и за презимување. Пожелно е локацијата да биде на сончева страна. Не е добро преку зима ако не ги грее сонцето“, советува Снежана.
Од местоположбата зависи и каков ќе биде медот.
„Шумскиот мед, претежно темен мед, доаѓа од дабот. Кога се појавуваат желадите, има листна вошка. Тој е потемен мед. Многу е здрав, многу побогат со минерали за нас луѓето“, објаснува Снежана.
Мирјана, пак, наједноставно ни покажа и дека сè што е поврзано со медот е добро за здравјето.
После години поминати меѓу роевите, двете пчеларки создале и посебен однос кон пчелите.
„Нежно кон нив. Пчелите чувствуваат дека ги сакаш и не касаат“, укажува Мирјана додека ги гали пчелите.
„Пчелата е добро битие, добро суштество. Едноставно е благородна. Сите знаат за опрашувањето. Медот е здрава варијанта. Многу е подобро да се земе од самото место, од органски производител“, додава Снежана додека пчели летаат покрај неа.
Првите приноси мед ги очекуваат кон средината на август. Се надеваат на навремени субвенции од државата, но и природата да им биде во прилог.
(Глас на Америка)