Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО

July 1, 2025 Filed Under: Македонија

Зголемувањето на трошоците за одбрана е стара тема во НАТО, иако со Трамп на власт во САД таа стана ургентна точка на дневен ред на Алијансата. Поттикнати од агресијата на Русија врз Украина, во Европа е веќе започнат нов процес на вооружување и опремување на главните европски членки на НАТО

САШО ОРДАНОСКИ Искуствата од конфликтот во Украина треба да цвлијаат на прилагодувањата на НАТО

ДРАГАН МИШЕВ

ЦИВИЛ МЕДИА започна серијал  на тема „НАТО лидерски самит 2025: Предизвици и перспективи“ во кои релевантни соговорници, експери во областа на геополитиката, безбедноста, одбраната и членството во НАТО одговараат на прашањата за предизвиците и перспективите на Алијансата во периодот по Самитот на НАТО во Хаг, зголемување на трошоците за одбрана на земјите членки на 5% од ГДП до 2035 година и  единството на Алијансата во претстојниот период.

Своите ставови по овие прашања, ексклузивно за ЦИВИЛ МЕДИА ги сподели Сашо Орданоски, доктор по комуникации и политички науки кој има работено на големи регионални и меѓународни иницијативи во медиумските и антикорупциските напори. Предава на Универзитетот на Југоисточна Европа и на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, а зад себе има над 40 години искуство во новинарство, односи и комуникации со јавноста.

ЦИВИЛ МЕДИА: Кои се предизвиците и перспективите на Алијансата во периодот по Самитот на НАТО во Хаг?

САШО ОРДАНОСКИ: Со доаѓањето на американскиот претседател Доналд Трамп на власт, предизвиците за НАТО Алијансата е како во наредните години да го одржи неопходното ниво на единство и координација во самата Алијанса под притисок на непредвидливоста и хаотичноста во надворешната и одбрамбената политика на САД.

И годинава не е на повидок завршување на војната во Украина, а Русија во наредната деценија нема да претставува сериозен воен предизвик за НАТО и покрај огромните политички, економски, социјални и низа други последици врз европскиот континент заради руската агресија врз Украина.

Со оглед на четиригодишното војување во Украина, НАТО треба да ги прилагоди сите свои воено-политички стратегиски предизвици врз база на искуствата од овој конфликт.

Со кои предизвици се соочува иницијативата за зголемување на трошоците за одбрана на земјите членки на 5% од ГДП до 2035 година?

–  Зголемувањето на трошоците за одбрана е стара тема во НАТО, иако со Трамп на власт во САД таа стана ургентна точка на дневен ред на Алијансата. Поттикнати од агресијата на Русија врз Украина, во Европа е веќе започнат нов процес на вооружување и опремување на главните европски членки на НАТО, а од историјата знаеме дека менувањето на овој вид на одбрамбени политики можеби оди споро, но потоа тешко и сопира во децениите што следат. Воената машинерија на земјите членки на НАТО е моќна, а европскиот воено-индустриски комплекс ниту заборавил да произведува модерни воени средства, оружје и опрема, како што не заборавил да води војни.

Комплексна е анализата за тоа што претставуваат тие 5% од ГДП на секоја земја-членка, бидејќи во тој процент влегуваат и трошоци, како цивилни развојни и производствени програми кои имаат одбрамбени потенцијали, развојот на дигиталните технологии или вложувањата во транспортно-логистичките коридори кои не мора автоматски да се директни буџетски средства наменети стриктно за одбраната.

На пример, сегашните американски издвојувања за одбраната се движат на само околу 3,5% од ГДП на САД, но со оглед на огромната индустрија којашто со силни државни субвенции работи во најразлични сектори блиски до стриктно одбрамбените потреби, тешко е да се пресмета колку, всушност, изнесува процентот во ГДП на одвојувањето на САД за одбраната.

На сличен начин, иако со далеку помали буџетски средства, се анализите на воените издатоци и на поголемите европски сојузници и Канада во НАТО.

Но, насоката е недвосмислено јасна: многу повеќе пари за инвестиции во сите сектори на модерните воени предизвици како главен фактор за одвраќање на агресивните милитантни политики и практики на Русија кон Европа, што е основната причина и за самото основање на трансатлантската Алијанса во 1949 година.

Дали по овој самит може да се очекува поголемо единство на Алијансата во претстојниот период

– Да, несомнено.

(civilmedia.mk)

Filed Under: Македонија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet