ТОМИСЛАВ КЕЖАРОВСКИ
Државата треба да се справи со сите форми на корупција и да воспостави систем со европски стандарди, рамен на оној на Германија, Франција, Белгија и другите членки на Унијата. А, не треба којзнае што да се стори…
„Рекет“ е тест за системот на правната држава и треба да се реши до крај. Нулта толеранција мора да биде врвен приоритет за власта. Без оглед дали е во прашање Орце, Сашо, Петко или Станко… Па нека е и Али или тие до него, сеедно.
Тоа беше едно од нашите барања при рушењето на власта на Никола Груевски. Тоа треба да е приоритет на оваа власт. Правна држава и владеењето на правото не треба да бидат празни зборови и мртво слово на хартија.. граѓаните се помалку веруваат и од ден на ден го губат трпението…
Државата треба да се справи со сите форми на корупција и да воспостави систем со европски стандарди, рамен на оној на Германија, Франција, Белгија и другите членки на Унијата.
А, не треба којзнае што да се стори…
Направете го првиот чекор. Уапсете го Јордан Орце Камчев за давање поткуп.
Не се правете слепи и недоветни. После се ќе биде многу поинаку. После тоа работите ќе тргнат во поинаква насока. Ќе се редат една по друга, знам. Сигурен сум. Има тој што да ви каже. А, ќе почне за многу одамна. Ќе ви каже, уверен сум, и за „картичките“. Ако не ги спомене тој, не ви треба да измислувате „топла вода“.
Направете увиуд во „Вечер“ во 2005 година и работите ќе ви станат многу појасни. Ако, пак, и тоа ви е проблем, јас ќе го сторам тоа. Знам точно кога и што напишав…
Или чекате и тој да си замине па да почнете постапка за него? А, не е далеку кога ќе го стори тоа. Да не речете после не сум ви кажал?
Има институции кои треба да го спроведат ова. МВР, Финансиската полиција, Обвинителството и Судот имаат мисија да го направат тоа. Вака како што е, полицајците, обвинителите и судиите не сакаат да го направат она што народот го очекува од нив, она за што тие впрочем и постојат и за што земаат плата од државата.
Еднаш напишав, еве пак ќе го сторам тоа…
Или расчистете со криминалот и криминалците, или расчистете се!
Не правете, бре, херој од Орце.
Патем, што се случува со Ивица Коневски, со Жарко Караџовски и другите? Сторија ли тие каков било криминал или не? Илиу и тие ќе поминат како „Двојче“, Крсто, Бетка, па и онаа на Ѕинго, Авировиќ?
Бизнисмените – криминалци и политичарите не смеат да бидат посебна категорија на луѓе. И за нив мора да важат законите.
Едвај неколку пресуди за висока корупција и изречени казни за период од триесетина години, после се сто се случи во државава, е навистина срамно и бедно. Криминалот и корупцијата на највисоко ниво со години се прикривани и заташкувани.
Договорите јас тебе – ти мене за неказнивост треба да станат минато.