Случајот со распределбата на парите во Министерството за култура, што го води кадар на БЕСА, само докажува дека СДСМ останува осамено со концептот на граѓанско општество. Кавгите со ДУИ по низа прашања во самата Влада се доказ дека Ахмети се уште живее во светот на воспоставени феуди по јавните институции и во крајна линија во негирање на правната држава, бидејќи таа значи – одговорност
ЉУБОМИР КОТОВСКИ
Уште невлезени во периодот на самоохрабрување и изрази на олеснување заради конечниот влез во Алијансата, одново домашната политичка сцена ни донесе облаци на загриженост за иднината. Овој пат тоа се меѓунационалните односи, легитимирани преку двата коалициони партнери во оваа Влада, партиите СДСМ и ДУИ. Односите најпрвин се заледија околу иднината на Специјалното јавно обвинителство, кое понудено и низ два различни закони (варијанти) не наоѓа простор за усвојување во Собранието на РМ.
Али Ахмети отприлика пред два месеци, додека не беа отстранети сите неизвесности на релација Скопје – Атина, истакна дека неговата партија е на удар на официјални државни органи, белким како опомена, во насока на потсетување дека тој е владин партнер и дека заслужува „помек статус“, да не речеме имаше вокабулар на пледирање на неказнивост на неговите кадри! Ова е прашање за кое во Мала Речица имаат високо подигнат гард а тоа го покажа и викенд интервјуто кое вицепремиерот Бујар Османи го даде за Гласот на Америка во Вашингтон. Тука е и најавата и во ЈО, како и на финансиската полиција дека се водат истраги кон поединци И тука имаше загриженост во редовите на најголемата албанска партија, дури и официјално неспомената, која на власт е во континуитет 12 години а практично во „стажот“ треба да и влезат и четирите години во владата на СДСМ од 2002 година.
И порталот на албански јазик „Лајм“ пишува дека најновите препукувања помеѓу СДСМ и ДУИ се сериозни. Оваа напната ситуација, не започна само од судирите во врска со Законот за албански јазик, што ДУИ максимално го искористи за саморекламирање, иако товарот во јавноста и во институциите главно падна на СДСМ, вклучувајќи тука и голем минус во рејтингот и на партијата и на лидеротво меѓу свото гласачко тело. И одлуката да се испрати законот во Венецијанската комисија, иако ДУИ инсистираше да се испратат на оценување само одделни одредби, додека пак СДСМ целиот закон го испрати за ревизија, не помина без очевидно муртење во ДУИ.
Ова заладување на односите во основа се случува од неможноста за реформа на правосудниот систем заради состојбите создадени од претходната влада на ВМРО-ДУИ. Нема сомнение дека неодамнешната одлука на Врховниот суд, предводен од Јово Вангеловски, кој е избран од страна на ВМРО и ДУИ, имаше свој одраз во бројот на гласовите (17:2) во ова тело и сега. Дали и своевидното реагирање на американскиот амбасадор (кој заминува наскоро во пензија) дека не треба со неговото име да ги плашат судиите, не е одраз на дејствување на албанското лоби во Вашингтон?! Зошто амбасадорот Бејлчи на крајот на кариерата, мораше да се брани со оној дефанзивен речник кој го искористи? Да потсетиме дека неодамна Врховен суд го суспендираше Специјалното јавно обвинителство за кривично гонење, по истекот на рокот утврден со закон, надвор од своите овластувања. Воедно како да има нов залет на чудно однесување кај некои судии во Кривичен, кои ги судат предметите со Латас,и други обвинети, нему слични, одново одлагајќи ги судењата во недоглед… до застарување. Дали сепак имало некаков претходен страв во судиските коридори кој сега исчезнува? Има ли тоа врка со честото патување на Османи во Вашингтон, да не речам на неделна база?
И идејата на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска за укинување на додатокот за трето дете внесе додатно несогласување меѓу владините партнери. СДСМ очекува предлогот да оди во Владата и за него да се дискутира, додека ДУИ за иницијативата дознале само еден ден претходно, пред дискусијата во Владата.
Извори во двете партии потврдуваат дека во коалицијата постои сериозно несогласување. Прашањето, како што тврди Алсат М, со свои извори во Мала Речица, ќе се решава на лидерско ниво. Истиот извор дополнува дека укинувањето на исплатата за трето дете била тема на дебата и меѓу функционери на ДУИ. Интегративците во своите реакции, иако задоцнето, најавуваат дека предлогот нема да помине на Влада и воопшто нема да стигне до законодавниот дом. Министерката во интервју на малиот екран тврди дека нема ниту еден доказ дека основната идеја на законот во стартот (зголемување на наталитетот) не дала резултати, ниту по региони, ниту во целина. Всушност, ако може да интерпретираме, масовното иселување на младите од земјата, поединечно и во парови, покажува дека како земја треба да се концентрираме на останување на младите тука!
Министерката Царовска најави дека помошта не се укинува туку се трансформира во друг модел. Ваквиот став на Царовска, албанските опозициски партии го нарекоа тенденциозен механизам на Владата чија цел е да се спречи зголемувањето на наталитетот кај Албанците (се заборава дека тој беше висок и без таа помош), обвинувајќи ги истовремено албанските партии на власт за неодговорност за социјална помош која ја користат најмалку 13 илјади албански семејства. На ова Царовска рече дека помошта не се прекинува за оние кои таа помош ја добиле, но нема да важи за нови апликанти.
Министерката Царевска беше предмет на напади во печатот претходно и во континуитет, кои може да се координирани, бидејќи напаѓачите секако имаат свои извори во сите сегменти на Владата. Ударот со откритието за 19-те милиони евра кои недостасуваат во Вториот пензискки столб, бидејќи тие пари се ненаменски потрошени е удар врз каддарот на ДУИ, бидејќи во последните 12 години таму „царува“ раководство на интегративците. Помалку е важно, во принципелна смисла дали тие пари сега ќе се враќаат од овој буџет на оштетените – важно е дека се прибегнало кон „позајмица“ (да искористиме најблага форма) што не е дозволена.
Од друга страна портпароот на македонската Влада, Миле Бошњаковски, на прес-конференција на новинарско прашање демантираше дека постои криза во односите на СДСМ и ДУИ.
– Не постојат некои конфликти или судири како што пишуваат медиумите. Вчера имавме владина седница на која што работите функционираат редовно и тековно. Како некои толкува одредени изјави тоа е во рамките на слободата на израз на новинарите. Работата на Владата како институција е тековна и немаме никакви проблеми, рече владиниот портпарол.
Но, пратеникот на ДУИ Ејуп Алими, неодамна на почетокот на собраниска седница побара пауза од еден час,бидејќи, пратеничкото мнозинство на СДСМ и ДУИ мора да ги усогласат текстовите и членовите на законите кои ги предлагаат заедно. Тој додаде дека ова се однесува на законот за управата за јавни приходи а како причина наведе дека законите мора прво да се усогласат со матичните закони.
Како што рече Алими, паузата ја бара бидејќи администрацијата на Владата не секогаш поднесува и испраќа професионални законски мислења.
Дека „не цвета цвеќе ни у наше предузеќе“, што би рекол Шојиќ,потврди и новинарот Џелал Незири во емисијата „360 степени“ на Алсат – М. Тој напомена дека во Владата има сериозни судири кои ги попречуваат проектите. Тој не верува дека најавената реконструкција на Владата може да ги надмине овие проблеми. „Мислам дека реконструкцијата на Владата или проширувањето на парламентарното мнозинство нема да донесе некој голем ефект во тоа што се вика работа на Владата. Внатре во ДУИ и СДСМ има разни фракции кои не се во хармонија едни со други, фактички се во војна меѓу себе, во повеќето од случаите дури си попречуваат меѓу себе. Ако на нив се додадат новите партии кои ќе влезат и кои имаат стари непријателства, не знам како ќе функционира Владата. Сепак, во случај за поголем интерес за државата, мислам дека во делот на реформските закони и прашањето со името, мислам дека тука може да врши работа ова проширено мнозинство. Сите се земјата да се зачлени во ЕУ и НАТО, сите се за спроведување на реформите во судството и сите области, така што во овој аспект ќе донесе резултат. Но, од аспект на конкретни резултати достапни за граѓанинот, не очекувам со проширување или реконструкција на Владата тоа да се случи“ – вели Незири.
Ставот на ДУИ да не се оди на парламентарни избори не е врзан само со „задачите пред ЕУ“ туку и врз својата пресметка дека нема да бидат добро примени во гласачкото тело после последните скандали кои ги има и веројатно ќе дојдат потоа. Навистина, Ахмети, прагматично прв побара коалиционо дејствување во изборот на кандидат за претседател, нудејќи го Денко Малески како заеднички фаворит, ама наиде на отпор во редовите на сдсм-овците, потпрени на поединечни амбиции во раководството. Предлогот се базира на проста математика околу неопходниот број на излезени избирачи (740илјади) и на фактот дека член на ДУИ го води Собанието и нема место за Албанец во оваа изборна трка, но и како знак на помирување со СДСМ, кој би можел да прави нова владина коалиција – деветмината од ВМРО кои се сега независни пратеници (тоа се 58 гласови), плус неколку гласови од другите, помали албански партии….
Всушност, јасно е дека ниту СДСМ нема толку чист терен во водење на економката политика и воведување на реформите во правосудсвото со кочничарот во своите редови – ДУИ. Проблемот сепак доаѓа и од фактот дека БЕСА, барем крилото кое стана партнер на Владата, преку последната епизода наречена поделба на парите во Министерството за култура покажа дека оваа партија како партнер може да биде подеднакво непријатна и да носи конфликти во Владата кои секако допрва ќе требаат да се пеглаат и тешко дека ќе се испеглаат.
Веројатно поради ова се јавија гласовите дека Заев и Гаши почнале консултации со меѓународната заедница, за да се најде најсоодветниот начин за отстранување на Ахмети од владата, заедно со неговата партија. Исто како Гаши и Заев, и меѓународните претставници се незадоволни од инсистирањето на ДУИ, по секоја цена да ги брани финкционерите од владата на Груевски, кои треба да одат во затвор.
По инсистирањето на меѓународниот фактор, Заев и Гаши одлучиле на ДУИ да му дадат последна шанса: рок од три недели за да се реформира, или ќе бидат исклучени од владата, пишува во текстот кој го облави Лајм.
И сега капак на ова е одлуката на министерот за култура да ги распредели средствата во овој ресор на кандидатите. Тоа дигна луња. Јасно, речиси слични реакции имаше и лани кога со Министерството раководеше друг министер. Тезата беше дека им дал на сите по малку. Сега принципот на делење е поинаков и многу мириса, некои тоа го нарекоа отворено – на некаква еднонационална „местенка“! Се јавуваат со критики дури и претставниците на партијата која потроши една милијарда евра на Скопје 2014?! Но, со последната распределба, министерот за култура Асеф Адеми само успеа да докаже дека и БЕСА сака да ја „наплати“ фотелјата која доби: овој начин на делење на државни средства всушност значи додворување на своите досегашни и пред се идни гласачи и не се базира на никаков видлив друг принцип или културна политика. Јасно, далеку од умот е дека сите оние кои до сега добивале средства од културниот бует треба да се со папочна врска со министерските фондови, но далеку е од јасно кој е другиот критериум?!
Како што вели на Фејсбук еден некогаш млад политичар „од оние времиња“ – Фарук Омерагиќ „политичкиот пазар со кој се распределуваат ресорите (министерствата со сите организациони единици и системи во нив, кои по правило функционираат во корист на граѓаните) се претвори во распределба на феуди во кои владее личната и партиската норматива; наместо одговорно планирање и функционирање на развојни општествени цели… таквата пракса при составување на Влада неминовно доведува до нејзини политики кои се базираат на исполнување на желби…“. Омерагиќ вели дека ваквиот приод место развој води кон општествена деструкција во 21 век.
Добро, дали со такви партнери СДСМ може да прави „општество за сите“? И на кого може да се потпре во овој миг?