БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Јавниот обвинител при донесување на одлуката, се водеше од праксата на Европскиот суд на човекови права и обврската да се обезбеди заштита на слободата на говорот во демократско општество, особено имајќи го предвид тоа што пријавениот во овој предмет е новинар, а оштетените се политичари.
Што да кажам драги пријатели, тоа што Основното јавно обвинителство ги отфрли кривичните пријави против мојата маленкост, поднесени од претседателот на државата и лидерот на опозицијата, се голема победа на правдата и на надежта во правдата. На слободата на говорот и на мислата. На слободата на критиката. На слбодата на изразот и стилот. Во сите случаи, а особено кога станува збор за односот меѓу еден новинар или обичен граѓанин со државните моќници. Меѓу луѓето кои го имаат зборот и мислата и оние кои имаат моќ, а немаат мисла. Понекогаш дури и разум и по таа линија се елементарна опасност за општото добро со оглед на ресурсите со кои располагаат.
Не знам дали вреди по стоти пат да ги повторам инкриминираните делови од моите колумни и статуси на фејсбук и на твитер, за кои од страна на претседателот бев добил кривична пријава врз основа на член 309 од Кривичниот закон, односно за закани со убиство на претставници на највисоките државни органи и за предизвикување на омраза, раздор или нетрпеливост врз расна, верска или друга дискриминаторска основа од член 319 на Кривичниот закон и од Христијан Мицковски, лидер на вмро-дпмне, за загрозување на сигурноста од член 144 на Кривичниот закон.
Еве ги, сепак:
„Луѓето имаат природно право да се качат на Водно и да го обесат на првиот лустер. Да го наденат на некое александриско копје и да го фиксираат во мозаикот на Чемерски. Покрај глупавите здрвености на неговите гардисти. Да го мумифицираат во позата на Лудакот од Паљурци. Да го наредат покрај некоја тараба како мало, смешно Чаусешче и да го стрелаат. Без Маја, молам. Тој не е политички противник, тој е медицински феномен во служба на една злосторничка политика. Тој е лудак кој го забива својот нож во гумениот чамец на македонските бродоломници. Пред европската Лампедуза. Тој е смртта во изборот меѓу себе и животот. Тој не е политички избор. Тој е манијак кој ја злоупотребува нашата пристојност.
Тој е вмро-дпмне, вмро-дпмне е тој.
Дајте им ја Русија и ќе видите како во рок од две години големата мечка се претвора во флека од шопска салата. Во исцедок од просташтво врз картата на светот.”
Ова е икриминираниот дел од колумна во “Слободен печат”.
А Мицко ме тужел по повод статусот “Кил Миц” во кој по повод неговиот апел сопартијците да го убијат ако ги изневери, јас напишав:
“Можеби е најдобро Мицковски да се убие за секој случај: ако ги изневери вмороните, тоа ќе биде од корист за партијата, ако не ги изневери, тоа ќе биде од полза за Македонија!”
“По проучување на сите елементи, јавниот обвинител оцени дека пријавените дела не се дела за кои се гони по службена должност, односно дека во пријавените предметни настани не се содржани суштествените обележја на пријавените кривични дела“, наведува ОЈО Скопје.
Јавниот обвинител при донесување на одлуката, се водеше од праксата на Европскиот суд на човекови права и обврската да се обезбеди заштита на слободата на говорот во демократско општество, особено имајќи го предвид тоа што пријавениот во овој предмет е новинар, а оштетените се политичари. Пресудите на Европскиот суд, наведува Обвинителството, упатуваат на фактот дека иако политичарите имаат право на еднаква заштита како и сите други, границите за новинарите се пошироки за изнесување на критицизам и мора да се избалансирани со јавниот интерес за отворена дискусија во однос на политички прашања. Тричковски пред јавниот обвинител изјавил дека никогаш немал вистинска намера да изврши кривично дело, туку со изнесените ставови само сакал да апелира кон наведените политичари да го променат своето однесување.”
Стои во образложението на решението.
Јас го поздравувам и решението и образложението на решението. Тоа е многу важен преседан во новинарската и во правосудната пракса. Освен на правдата и правичноста и законитоста, ова е и победа на еден обичен човек против едни од најмоќните луѓе во државата и според официјланата хиерархија и според политичката моќ.
Тоа што јавниот обвинител констатира дека “слободата на изразување не е апсолутно право и дека пријавениот во изразувањето на своето мислење не ја негувал културата на говорот и етиката, па со тоа ги повредил честа и угледот на наведените политичари и дека тука има “клеветничка и навредлива содржина… кои се основа за граѓанска штета…” јас го толкувам како обид да им се остави некоја ронка од правосудната трпеза и на моќниците. Илузија. Зашто тука, ако нешто нема, тоа е навреда на честа и угледот, бидејки чест и углед нема. Според тоа, нема ниту навреда.
Во секој случај да повторам: голема победа на правдата во судирот на таканаречениот обичен човек и моќниот политички, финансиски и секаков фруг фактор. Минусиран за разумот, моралот и интегритетот.
И уште еднаш: го поздравувам Јавното обвинителство, конкретниот јавен обвинител, не знам колку е коректно да го именувам и затоа во оваа прилика го изоставувам. И нивното решение, се разбира.