ДЕНКО МАЛЕСКИ
Ослободувањето на Скопје беше голем ден и за нас основците кои, тие педесетти години, колективно излегувавме на плоштад со црвените пионерски марами околу вратот. Повторно ја прашувам мајка ми дали, сепак, не сум роден на тој ден , 13 ноември, а таа, на моја жалост, ми вели дека роденденот ми е на 14. Минатата година, на 13 ноември го добив моето прво „државно признание“ во независна Македонија, наградата на мојот роден град Скопје. За научни достигнувања.
Задоволството не ми го наруши ниту еден млад политичар од партијата на македонските националисти кој побара таа да ми се одземе, само затоа што мисли дека подобро го разбира минатото од мене. Но, тоа не се случи. Зошто? Ме „спаси“ нашата демократија, слободата за која и самиот сум се залагал од студентски денови, а која толерира и поттикнува разлики во мислењето. Всушност, ваквото мое поведение само го следеше советот на истакнатиот претставник на партизанската генерација дека слободата се освојува и не се добива на послужавник. Но, има цена која мора да се плати. До прогласувањето на демократијата во 1991 година, секое различно мислење, дури и во разблажената варијанта на нашиот „комунизам со човечки лик“, значеше замолкнување на нејзиниот носител. Сепак, и тоа замолчување беше чекор напред во однос на воените и првите повоени години кога владееше Лениновот начело „кој кого“, па луѓе завршуваа во затвор за искажана мисла.
Отворањето кон европските демократии и кон Америка го означи крајот на тие практики. Денес, државата не ги замолкнува луѓето, но забележувам еден нов феномен: тоа се’ уште го прават оние на разни позиции во невладините организации или во медиумите кои веруваат дека има мислења од кои треба да се брани татковината. Воведуваат еден вид лична цензура дури и кога ги финансираат други демократски држави со цел да ја промовираат слободата на израз во Македонија.
Овогодишниот добитник на истата награда „!3 Ноември“, која ја добив јас минатата година, е историчарот Митко Панов, со кој, во нашите колумни, на два три пати, разменивме взаемно несогласување околу интерпретацијата на нашето минато. Драго ми е што токму тој ја доби наградата и му честитам. Мојата е потпишана од поранешниот градоначелник Шилегов, кандидатот на СДСМ, а неговата од Арсовска, кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. „Наши“ и „ваши“? Па, добро, тоа ќе го има секогаш, го имаше и во еднопартискиот систем, ама слободната мисла победи а нејзините носители се тука, живи и здрави. Ете доказ дека не постоел „македонски синдром на самоуништување“ туку само отсуство на демократска свест кај Македонците. Но, и на тоа му се гледа крајот: зафатени од бранот на демократизација кој ја заплисна цела Источна Европа на крајот од осумдесеттите, полека ги оставаме тие времиња зад нас. Ние стануваме слободно општество кое со демократскиот систем ја брани слободата на изразување. И не само заради доброто на поединецот и неговите лични слободи туку и за доброто на државата. Имено, едно демократско отворено оштество кое дозволува секоја мисла да се изрази, знае дека она што денес е малцинско гледиште може во иднина да стане мнозинско и така да обезбеди мирна промена, тој закон на нашето живеење. Промена како еволуција а не како крвава револуција.