Скопје го бранела една дивизија на германските елитни единици, и засега непознат број на балистички единици, посебно ангажирани да ја минираат браната на Матка, со што би се поплавите улиците на градот кој се ослободувал. Единиците на НОБ броеле 500 лица од кои 100 партизанки. Знамето на Офицерскиот дом гхо постави партизанката Пенка Кралевска
Ослободувањето на Скопје е планирано кон крајот на август 1944 г. Тогаш почнало и масовно префрлање на градската младина во единиците на македонската војска. А на 29 август од затворот Идризово бегаат 300 затвореници од кои најголем дел биле организатори на Народноослободителната борба од градот и околината. Нив ги прифаќа Третата македонска ударна бригада и веќе наредниот ден тиер влегуваат во борба со окупаторот.
Тоа беше време кога народноослободителна војска на Македонија прераснува во крупни воени единици како бригади, дивизии и корпуси. Во самиот град пак делуваат помали единици, диверзантски групи, што предизвукуваат метеж во редовите на окупаторот, вршејќи напади и разорожувајќи ги окупаторските војници.
Утрото на 12 ноември 1944 година, започнале борбите за конечно ослободување на градот Скопје, а веќе наредниот ден во вечерните часови на 13 ноември градот бил слободен.
Во ослободувањето на Скопје учествуваат Дванесеттата, Третата, Осмата и Шеснаесеттата македонска бригада, додека градот го бранеа единиците на 22-та гренадирска германска дивизија (47-иот и 65-тиот полк) и делови од 11-тата воздухопловна десантна дивизија и други групи од разни единици. Пред Качаничката клисура била распоредена германската тврдинска бригада „Ангермилер“. Се проценува дека јачината на германските единици во Скопје биле сили на повеќе од една дивизија. Тука не се сметаат балистичките единици кои ги имало доста на број и биле распоредени на подножјето на Скопска Црна Гора и во селата околу Матка.
Борбата за Скопје отпочнувале утрината на 12–ти во јужниот дел на градот. Додека единиците на македонската војска брзо напредуваат низ борби по улиците, окупаторот се повлекува до порано утврдените згради. Третата македонска бригада која настапувала од правецот од Кисела Вода, се пробила до центарот каде го совлада отпорот на Германците. По заземањето на зградите се отишло до кејот, каде што се воделе борби за мостовите. Делови од 12-тата и 3–тата бригада отпочнаа борба за железничката станица и Кранговата палата, а главните сили на 12-тата бригада водеа борба за зградата на Учителската школа и Поштата.
Во текот на 12 и 13 ноември одделни згради, како на пример Поштата, по неколкупати преминувале од раце в раце. Во овие борби голема улога имаат диверзанстките групи од градот. Веднаш по продорот на единиците на македонската војска, тие се појавиле и ненадејно ги нападнале Германците в грб. Потоа се поврзаа со единиците и вршеле улога на водачи, кои точно го познавале градот и организацијата на германската одбрана.
Всушност, 50-тата дивизија и 8-та бригада, ги започнале нападите со извесно задоцнување. Претпладнето на 12 ноември тие отпочнаа со нападите на германската одбрана на источниот дел од градот. 16-тата бригада која успеа да разбие неколку балистички групи, што ја напаѓаа при нејзиното спуштање од Скопска Црна Гора, на 12 ноември попладне, го отпочна нападот на касарните. Така обрачот се` повеќе се стеснувал околу германските сили.
Ноќта меѓу 12 и 13, и на 13 ноември борбите продолжиле низ цело Скопје. Меѓутоа, германските сили, што биле во северниот и во североисточниот дел на Скопје, како и во деловите на западниот дел на градот, успејаа да се извлечат под заштита на тенкови и да отстапат во правецот кон Качаник. Германците што останале, забарикадирани во разни згради, почнале постепено да капитулираат. Најдолго се држеле во Учителската школа и Поштата, кои капитулирале дури доцна во ноќта на 13 ноември, по што следува чистење на градот од одделни помали заостанати групи.
Брзите и силни напади на македонската војска, како и дејствувањето на 20-тина диверзантски групи (од по 3-4 лица), кои ги пресекуваа телефонските и телеграфските кабли, ги спречија Германците да ги разурнат минираните згради што ги бранеа, како и мостовите во Скопје. Со пресекување на каблите, тие го спречија минирањето и на Камениот мост. Исто така, по жестоки борби било спречено да ја минираат и хидроцентралата Матка. Со помош на ударните групи на месното население, македонската војска успеа да ги разбие балистите и Германците и со тоа да ја сочува хидроцентралата, како и Скопје од евентуална поплава.
Додека единиците на македонските бригади го гонеа непријателот од Скопје, Градскиот народноослободителн одбор, на 13 ноември 1944 година, издава објава за првите мерки кои ги превзема народната власт во ослободено Скопје.
Само неколку дена по влегувањето на единиците на македонската војска во Скопје, додека во околината продолжуваа операциите за разбивање на остатоците на непријателските сили, во градот пристигнаа членовите на Президиумот на највисокиот орган на македонската држава, Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македнија (АСНОМ), на ГШ на НОВ и ПОМ и раководствата на голем број општествено – политички организации.
Во текот на Втората Светска Војна, за ослободувањето на Скопје, животите ги положија 4.654 негови граѓани, од кои 956 загинати во битките и 3.698 граѓани како жртви на фашистичкиот терор.
Еве едно од тогашните сведочења:
Дванаесеттата македонска народна ослободителна ударна бригада беше подготвена да се соочи со непријателот. Долго се чекаше муграта за да почне операцијата „Ослободување на Скопје“ […] Операцијата почна преку Водно, со напад на Железничката станица, Офицерскиот дом, Народната банка, а борбата се разгоре по улиците на градот. Главниот товар во битката падна на 12. и на 16. македонска народна ослободителна ударна бригада. […] Последната битка се водеше за ослободување на Учителската школа, која тогаш се наоѓаше во дворот на сегашната Општина Центар. Сега е зачувана само влезната врата. Со ослободувањето на овој објект конечно беше ослободено цело Скопје.”
Ладно есенско утро, 13 Ноември, 1944-тата година. Партизаните се подготвуваат за борба. Срцата бијат како едно, мислата е насочена само во слободата и другарите, со кои можеби ова ќе биде последната средба“ – на ова се сеќава Пенка Кралевска, тогаш една од најмладите партизанки во 12-та Ударна бригада, која учествувала директно во ослободувањето на Скопје. Сеќавањата, вели, се сè уште свежи, како да беше вчера. Како заменик на политичкиот комесар на 12-та бригада, таа зад себе има многу спомени поврзани со војната, со предвоено и повоено Скопје, но повеќе од сигурно, најубавите се врзани токму со ослободувањето на градот.
Со бригадата бевме стационирани на Водно, се спуштивме кон Офицерскиот дом. Се сеќавам на најзначајниот момент во мојот живот, кога по долга борба низ скопските улици, татнежот на оружјето и стравот во душата, го поставив знамето на врвот од Офицерскиот дом. Драга, мојата другарка, го даде својот живот и до последната минута им помагаше на ранетите. Таа како болничарка се обидуваше да помогне на ранет војник пред училиштето „Гоце Делчев“, кај денешното Друштво на писатели, но тоа беше нејзината последна задача.
Токму тука загина Драгана. Со неа заминаа уште многу наши соборци, другари, роднини, сограѓани кои исто колку нас го сакаа градот и живот што пулсираше низ него, сè додека војната не го зави во мрак. Драга, мојата другарка беше погодена од непријателскиот куршум, во обид да го спаси својот соборец. Таа загина, а тој ранет успеа да се избори со смртта.
Тогаш ми се мешаа чувствата, емоциите и желбата да се успее во намерата да се ослободи градот од окупаторот. Кога стигнавме пред Офицерскиот дом, едвај ја разбивме вратата, но успеавме да стигнеме на врвот. Знамето се вееше гордо и праќаше порака: СКОПЈЕ Е ОСЛОБОДЕНО!
Јас тогаш, паметам, бев најгордата скопјанка, бидејќи ја имав честа да го развиорам знамето, во чест на слободата, во чест на моите другари кои ги дадоа своите животи за својот град. Од Офицерскиот дом, дел од бригадата се упати кон учителската школа. Иако слободно, низ улиците на Скопје сè уште се водеше борба“, вели Пенка Кралевска.
Во бригадата, се сеќава Пенка Кралевска, го запознала својот сопруг Боро Кралевски, сопартиец, другар, а потоа и животен сопатник. Вели, тоа беше голема партизанска љубов. Во бригадата влегов во 1943, а сопругот беше член од 1941, под водство на командант Бузо. Тоа беа времиња на разбирање, дружење и другарство, кога сите дишеа како едно. Уличните борби продолжија, иако Скопје беше ослободено. Но послободно се движевме, како победници, како свои на своето.
Во 1946 година својата љубов со Боро ја крунисавме со брак, среќата ја делевме со другарите од бригадата. Многумина од нив останаа наши семејни пријатели уште долго време. Во мене остана да тлее искрата на другарството од партизани, таа врска е најсилна, бидејќи како ретко кога, за другарот си спремен да го дадеш животот. Ќерка ми на шега и денес ме вика ‘партизанка’. По името на мојот сопруг-истакнат борец денес има и улица ‘Боро Кралевски’ во населбата Радишани. Јас од ‘Бирарија’ во скопската населба Црниче, тој чаирчанец. И двајцата имавме само една мисла-да го видиме нашиот град слободен, да дишеме и шетаме слободно“, додава Кралевска.
Еве едно друго сеќавање:
„Слабиот снег кој паѓаше токму на 13 ноември, само ни ја олеснуваше работата. Борците од дванаесеттата и третата бригада беа скоро сите скопјани, кои го знаеја својот град како својот џеб. Секое ќоше од теренот можеа мижејќи да го изодат. Патот кон Куманово, кое беше ослободено, им беше попречен на Германците, се извлекуваа само кон Качаничката клусура-накај Блаце, кадешто ги чекаше во заседа шестата бригада. Во бригадата бевме распоредени по целиот североисточен дел, ја покривавме цела Скопска Црна Гора. Кога пристигнавме во Скопје веќе се водеа жестоки битки. Дванаесеттата бригада се бореше за ослободување на десниот брег на Вардар, како и за сите поголеми објекти – хотелот „Македонија“, училиштето „Гоце Делчев“ (сегашно Друштво на писатели), Офицерскиот дом, Народна банка. Голема битка се водеше кај Старата железничка станица. Германците беа присилени да се предадат. За женската гимназија, која се наоѓаше кај Владата, се водеа борби за секој кат, за секоја училница. Голема помош добивавме од формираните диверзантски групи кои ги имаше околу 20. Ги сечеа телефонските и телеграфските кабли, фаќаа соработници на непријателот од кои ги вадеа клучните информации. Еден таков момент беше кога ги пресекоа каблите кај Камени мост, бидејќи беше планирано да се минира од страна на непријателот, како стратешки објект кој ги поврзува двете страни на Вардар. Непријателот беше стациониран во Офицерскиот дом, можеше сè да наблудува, бидејќи цело Скопје им беше како на дланка. Позначајни се и битките на Водно и на Матка, и онаа кај денешната кафеана Идадија. Мачна борба ги чекаше борците. Но истрааја до крај“, се сеќава борецот Стаматовски
Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, е врежан во спомените на борците, кои ја пренесуваат радоста и гордоста и денес. Да потсетат, да укажат и да пренесат како се сакал својот град. Победата над непријателот во далечната 1944 година била дочекана со солзи радосници и цвеќе за ослободителите. Партизаните победоносно, на коњи, парадирале низ центарот на градот. По Скопје, останале неослободени градовите Тетово и Гостивар. Но, најголемата и најтешката битка, се сеќаваат борците, била издвојувана со ослободувањето на главниот град. Околу 500 партизани од кои стотина жени, учествувале во битките за ослободување на градот.
Васко Поповски требало да им помогне на борците од 12. македонска бригада да стигнат до непријателските позиции, во близина на Учителската школа, без да бидат забележани.
„Средбата со моите соборци беше договорена во беговската куќа во Тафталиџе. За да не доцнам, позајмив и часовник од мојот сосед. Бевме однапред договорени за воспоставување на контактот кој беше успешно спроведен. Потоа, целата операција беше и успешно изведена. Иак, во првиот момент непријателот не сакаше да се предаде, испративме жена која знаеше германски. Таа требаше да ги убеди да се предадат, но безуспешно. Тие го одбија предлогот. Не ни преостануваше ништо друго, туку да разгориме битка, да расчистиме со оружје и да ги протераме од објектот“, раскажува Попоски.