Прашајте ја Габриел како тоа нивното барање на Самитот на ЕУ на 15 декември во Брисел да стојат протоколите во заклучокот на Европската Унија за Северна Македонија некако преку ноќ исчезнаа и ги немаше во финалната верзија
Вака, говорејќи на темата во гостување во емисијата „Стадион“ на Радио „Канал 77“ емитувано денеска, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи ја негира изјавата на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел дека уставните измени не се единствениот услов за продолжување на патот на С Македонија кон ЕУ.
Протоколите, вели Османи, ги имало во верзијата до почетокот на состанокот, но, не и во конечните заклучоци по него.
„Значи ги имаше до почетокот на состанокот и јас ја имам таа верзија можам да ви ја покажам во која пишува – Преспански договор, Договор со Бугарија како и протоколите. И после состанокот ја нема реченицата „и протоколите“. Знаете зошто? Затоа што Преговарачката рамка е веќе ѕидот и мене апсолутно не ми важно дали ќе има нови барања од било која бугарска влада утре којашто може да биде и најнационалистичка, веќе имаме изградено ѕид во којшто имаме точно утврдени пори што може да помине, а што не“,рече Османи во емисијата.
Промената на Уставот не е единствениот услов за С Македонија на патот кон ЕУ, вели бугарската вицепремиерка и шефица на дипломатијата.
Шефот на дипломатијата претходно посочи дека земјава успешно го завршила скрининг процесот, кој го спореди со проект за изградба на куќа.
„Значи ова е проектот, тука се дефинира како изгледаат преговорите, Само тоа што ќе се издвои тука како барање, само тие можат да бидат барањата. Толку е важен скринингот и ние тоа го завршивме многу успешно“рче Османи.
Во врска со коментарите дека бугарската вицепремиерка ја кажала вистината во однос на условите за членство на земјата во ЕУ, министерот за надворешни работи рече:
„Ја слушам пропагандата и колумните секој ден и сакам да им кажам луѓе дајде погледнете го тоа видео кога излегувам на зелена табла и цртам, ај изгледајте го за да не се повторувам секој ден дека протоколите не се дел од проектот што го завршивме во Брисел со скринингот. Значи кога правите проект имате арматура, цигли, бетон за да изградите куќа. Тоа се тие бенчмаркови за отворање и затворање на поглавја, скалилата низ кои мора да се помине. Нема протокол во тие скалила. Има само малциснки права, затоа што ние бевме ставени во дилема, односно во дискурсот со Бугарија имавме два пата – едниот беше историја и идентитет, другиот беше малцински права“рече Османи.
Ние можевме, рече Османи, да одиме по идентитетско-историската патека и да не се форсира прашањето со малцинските права, поврзано со уставните измени, но проценката била дека ова е ризична траса.
„Историјата е субјективна работа, ние сме во асиметрична позиција, Бугарите се внатре во ЕУ ние сме надвор, нема да излеземе добро ако основниот дискурс со Бугарија ни е историјата и идентитетот, дајте да се фокусираме на малцинските права, бидејќи тука сме ние најдобри, тука сме се покажале. И затоа решивме уставни измени и акциски план за малцински права.
Протоколот, историските прашања се дел од билатералните односи со Бугарија, но тие не се услови за отворање и затворање на на поглавја и не знам што повеќе, како да објаснам на луѓето за да не бидат предмет на пропагандата што се шири од страна на опозицијата само заради партиски цели“ кажа Османи, додавајќи дека не е коректно и дипломатски тоа што го кажува, бидејќи Габриел е „навистина коректна министерка за надворешни работи и новата бугарска влада не може да се спореди со претходните.
Инаку, изјавата на Габриел беше дел од нејзиниот одговор на седницата на собраниската комисија на бугарскиот парламент за прашања на Европската Унија, шенген-зоната и еврозоната, на прашањето што се случува со преговарачкиот процес на Република Северна Македонија за приклучување кон Европската Унија, дали земјата го почитува тоа што се бара од неа и каков е ставот на Бугарија.
Таа, како што пренесоа медиумите, уште на почетокот од одговорот потсетила на заклучоците од самит ЕУ – Западен Балкан. По Самитот од челниците на Унијата, во консултација со лидерите на шесте земји од регионот, беше усвоена Декларација во која, меѓу другото, се нагласува потребата од спроведувањето на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Во овој дел се посочува дека земјите од Западниот Балкан е потребно да се посветат на регионалната соработка и јакнењето на добрососедските односи, вклучително и со земјите членки на Унијата.
„Спроведувањето на билатералните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, останува значајно да се спроведат со добра волја и видливи резултати. Сѐ уште се неопходни одлучни дополнителни напори за да се поттикнат помирувањето и регионалната стабилност, а исто така и да се пронајдат и да се спроведат конечни, инклузивни и обврзувачки решенија во однос на регионалните и билатералните спорови и прашања меѓу партнерите, вкоренети во наследството од минатото – во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи…“ се вели во овој дел од Декларацијата.