АЛЕКСАНДРА МИТЕВСКА МИЦОВСКА
Во претходниот собраниски состав, кој беше избран на предвремените избори во 2014 година, тогашното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ одбиваше да им ги констатира оставките на триесетина пратеници од СДСМ и коалицијата. Тогашната опозиција околу една и пол година не учествуваше во парламентот (каде што се врати дури откако беше постигнат пржинскиот договор)
Во парламентот не е стигната пратеничката оставка што поранешниот премиер, а сега бегалец од правдата, Никола Груевски, ја најави среде викенд преку социјалните мрежи. Ако стигне во меѓувреме и ако овој собраниски состав ја потврди, тоа, всушност, ќе значи петто демисионирање на некогашниот премиер од законодавниот дом.
Во четирите претходни собраниски состави, од 2006 година досега, Груевски редовно се повлекуваше од Собранието, но поради неспоивост на пратеничкото место со функција во извршната власт. Сепак, највпечатлива беше неговата „тајна“ оставка по предвремените парламентарни избори во 2011 година, кога во парламентот уште не беше стигнат на дневниот ред предлог-министерскиот список на Груевски за формирање на неговата трета влада. За оставката од пратеничкото место на тогашниот мандатар се дозна откако во собраниската агенда се појавија две предлог-одлуки – Законот за употреба на јазиците и автентичното толкување со кое се овозможи амнестија за хашките случаи. Двете одлуки беа дел од новиот преткоалициски договор меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ – Али Ахмети. И иако новата влада не беше избрана сè уште, Груевски се повлече од пратеник за да не учествува во расправата и гласањето за законските решенија што во јавноста беа критикувани како мошне контроверзни.
Овој преседан со скриената пратеничка оставка на тогашниот мандатар и носител на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во првата изборна единица во собраниски кругови сега се толкува како можност оставката што Груевски сега ја најави преку Фејсбук да биде констатирана во парламентот. Но тоа би можело да се реализира само ако таа оставка навистина стигне во собраниската архива, односно ако не станува збор само за уште еден политички трик на поранешниот премиер, во обид да го релативизира евентуалното гласање „за“ на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за одземање на неговиот мандат.
Од друга страна, во претходниот собраниски состав, кој беше избран на предвремените избори во 2014 година, тогашното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ одбиваше да им ги констатира оставките на триесетина пратеници од СДСМ и коалицијата. Тогашната опозиција околу една и пол година не учествуваше во парламентот (каде што се врати дури откако беше постигнат пржинскиот договор) и речиси сите нејзини парламентарци, освен три пратенички, поднесоа оставки, не признавајќи ги изборните резултати. За тој случај беше отворена и постапка за одземање на мандатите поради шестмесечно неоправдано отсуство која беше ставена во „мирување“, а на пратениците им беа драстично намалени платите. Аргументите на тогашниот спикер Трајко Вељаноски беа дека пратениците мора да се појават на собраниска седница за секој од нив лично да поднесе оставка.
Меѓу пратениците на кои тогаш Вељаноски одбиваше да им ги констатира оставките беше и сегашниот потпретседател на парламентот Горан Мисовски. По најавата на Груевски дека ќе поднесе оставка, Мисовски го објави на Фејсбук членот 65 од Уставот, според кој пратеник може да поднесе оставка лично на седница на Собранието.
– Читам Груевски ќе си поднел оставка. Членот 65 од Уставот е многу јасен: Пратеникот оставката ја поднесува лично на седница на Собранието. Никола те чекаме во РСМ – напиша Мисовски.
Во својот проглас преку социјалните мрежи, Груевски оценува дека се води лажна пропаганда против него дека е неоправдано отсутен во парламентот во последните шест месеци. Тој посочува дека азилот е едно од основните човекови права и дека не е мoжнo некoј дa е неoпрaвдaнo oтсутен oд седници aкo, како што вели, е принуден дa кoристи пoлитички aзил.
– Иaкo прaвoтo, Устaвoт и меѓунaрoдните дoкументи се нa мoјa стрaнa, јaс немa дa дoзвoлaм нaшaтa пaртијa и прaтеници зaрaди мене и мoјoт мaндaт дa бидaт излoжени нa кaкви било притисoци, лaжнa прoпaгaндa, нa непристoјнoсти и нa медиумски линч oд стрaнa нa влaстa и нејзините aпoлoгети. Одлучив да се повлечам од пратеничката функција, а за тоа формално-правно ќе го известам парламентот во наредните денови – наведува Груевски.
Минатата седмица, собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетски прашања го усвои предлогот за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски, поради шестмесечно неоправдано отсуство. За предлогот гласаа петмина владејачки пратеници, додека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се воздржаа од какво било гласање. Спикерот Талат Џафери најави дека пленарната седница за овој предлог ќе се одржи меѓу 10 и 15 овој месеци, при што ќе треба да се обезбедат 80 гласа за да му се одземе мандатот на поранешниот премиер, доколку во меѓувреме не биде констатирана негова оставка.
Според последните информации, во ВМРО-ДПМНЕ има различни ставови околу тоа дали треба да се гласа или не за одземање на мандатот на претходниот партиски лидер, особено по оставката што ја најави од морални причини претседателот на деловничката комисија Павле Богоевски, поради аферата за наводна набавка на канабис. Богоевски соопшти дека ќе ја поднесе оставката откако ќе гласа за одземање на мандатот на Груевски, независно од тоа како ќе биде конечниот резултат од изјаснувањето. (Независен)