Бербок вели – без уставните измени не може да се продолжи кон ЕУ, Мицковски не се откажува од предлогот за одложено дејство. Албанија ни вели – жалиме, ама се простуваме.. Што пишуваат германските весници?
Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок вели дека таа се залага за укинување на едногласност во ЕУ, но додека тоа не се случи, Северна Македонија мора да ги почитува компромисите
Вметнувањето на бугарското малцинство во вашиот Устав е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ“, порача германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок по средбата со македонскиот колега Тимчо Муцунски во Берлин. Средбата доаѓа еден ден по самитот на Берлинскиот процес кој се одржа во главниот град на Германија, на кој лидерите на земјите од Западниот Балкан се согласија на неколку договори кои треба да ја подобрат соработката во делот на економијата и образованието.
На прес-конференцијата по средбата со Муцунски, Бербок зборуваше за уставните измени како клучен чекор кон почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, иако и самата потенцираше дека се залага за укинување на принципот на едногласност во ЕУ, особено во делот на проширувањето.
Таа се надева дека може да се случи пробив на тој план по парламентарните избори во Бугарија на крајот на месецов.
„Знаеме колку е тешко да се направат уставни измени во демократиите и тоа го барав и при мојата последна посета на Северна Македонија. Но, тогаш беше во тек изборна кампања и разбрав дека тогаш овој чекор не беше можен. Сега има избори во Бугарија, и потоа постои шанса која треба заеднички да се искористи“, рече Бербок.
Компромисот не е неправда
Во тој контекст, германската министерка рече дека е најважно лидерството.
„Честопати во политиката се потценува колку е важно лидерството. Важните чекори, меѓу нив и интегративните процеси, секогаш успевале кога политички одговорните имале храброст и покрај негативната општествена атмосфера да го сторат најдоброто за нивната земја. Ние, како Германија, сакаме да помогнеме тоа да се случи и во прашањето на Северна Македонија и Бугарија”.
Според Бербок, во случајот на Северна Македонија не станува збор за неправда, туку за почитување на правилата на ЕУ.
„Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“, рече Бербок, дополнувајќи уште еднаш дека без да се направи последниот чекор, патот кон ЕУ нема да може да продолжи.
Одлуката на Брисел за одвојување на Тирана и Скопје на патот кон ЕУ, за премиерот Христијан Мицкоски е лоша порака за македонскиот народ. По две ипол децениски напори да се изоди патот кон Унијата, тој смета дека се неправедни условите коишто и се наметнуваат на земјата. Оцени дека станува збор за диктат и порача дека „никој не треба да не условува за национални отстапки“.
„Го делам впечатокот со огромното мнозинство македонски граѓани дека не треба повеќе врз основа на национални отстапки, без гаранции, да прифаќаме услови. За мене ова е диктат. Ако ова е условот за Македонија, тогаш не благодарам. Тоа не се европски вредности“, рече Мицкоски при посетата на Фондот за здравствено осигурување.
Од Европската комисија, пак порачаа дека со нетрпение очекуваат што е можно поскоро почеток на преговорите по поглавја со Албанија и Северна Македонија, откако Скопје ќе ги исполни релевантните критериуми што се договорени со Советот. Тие „релевантни критериуми“ ги вклучуваат уставните амандмани за вклучување на Бугарите во Уставот, порача портпаролката на ЕК за проширување, соседска политика и меѓународни партнерства Ана Писонеро во однос на одлуката на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР), Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја.
Но, Мицкоски вели дека земјата, за разлика од другите кандидатите за ЕУ, досега има направено многу работи, коишто немаат немаат никаква врска со Копенхашките критериуми.
„Ние сме единствен случај во кој билатерални договори се услови во Преговарачка рамка. Жалам што претходната влада егзибиционистички прифаќаше се и мавташе со европско знаме, а го ограбуваше народот. Гледаме дека состојбата е таква каква што е“, рече Мицкоски.
Затоа, додаде тој, предложил европски пристап за решавање на овој проблем. „Ајде луѓе да разговараме, немојте да не условувате со диктати. Ако зборуваме за тоа договорите да се почитуваат и тој принцип важи за Преспански договор, кој и покрај критиките на јавноста го прифативме како влада, тогаш треба и ЕУ да го прифати Договорот за добрососедство, каде никаде не постои услов да го смениме Уставот. Дури пишува дека Бугарија треба да не поддржува и помага“, порача
Не се откажува од предлогот за одложено дејство
Неговиот предлог за одложено дејство на уставните измени, според Мицкоски, не е ништо поразличен од Преспанскиот договор. „Сите амандмани кои што тогаш беа усвоени влегуваат во сила кога Грција ќе го ратификува пристапниот протокол на Македонија во НАТО. Зошто тогаш не додале и ЕУ?. Ние тоа го бараме. Ќе ја завршиме процедурата, нема проблем, но тие амандамни да бидат ефективни кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот протокол за Македонија во Брисел. Спремен сум да разговарам, нудам предлози“, дециден е премиерот.
Тој порача дека се „доста веќе двојни стандарди врз грбот на оваа мала држава“. „Само се изживуваат со нас. Сакаме да преговараме. Што е толку тешко да се прифати нашиот предлог и овие уставни измени да бидат ефективни кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за нас во ЕУ. Очигледно дека некој нема чесни намери“, додаде премиерот.
Мицкоски смета дека може да има обиди за дестабилизација на земјата ако се раздвоиме од Албанија на патот кон ЕУ, но порача дека ќе одговорат на сите такви обиди за дестабилизација на земјатата којашто е членка на НАТО. На Албанија и посака што поскора и успешна интеграција во ЕУ.
„Им порачувам на соседите брзо да го завршат преговарачкиот процес и може некогаш нашите патишта пак ќе се состават. Им посакувам на сите што почнале преговори, брзо да станат членки – тоа е добро за самиот Балкан, исто како што посакувам мојата земја Македонија да ги започне тие преговори. Посакувам да нема внатрешни граници во ЕУ, тоа посакувам“, рече Мицкоски.
Средбите наликуваат на ритуал, напредокот е спорадичен и не е суштински, а влезот на Србија и нејзините соседи во ЕУ не е на повидок, пишува германскиот печат по состанокот на Берлинскиот процес во главниот град на Германија.
Во извештајот од самитот во Берлинскиот процес во понеделник, угледниот Frankfurter Allgemeine Zeitung ги истакнува изјавите на германскиот канцелар Олаф Шолц и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека патот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ треба да биде забрзано.
„Европската унија е комплетна само со земјите од Западен Балкан“, рече Шолц, додека Фон дер Лајен тврди дека проширувањето на ЕУ е „на самиот врв на агендата“ во Брисел, пишува ДВ.
„Додуша“, пишува франкфуртскиот весник, „нетрпеливоста е забележлива на настапите на Шолц и Фон дер Лајен по средбата на Берлинскиот процес“. Шолц рече дека се надева дека „нема да бидат потребни уште десет години“ додека шесте земји од Западен Балкан не станат членки на ЕУ.
Германската канцеларка нагласи дека дијалогот меѓу Србија и Косово „не напредува задоволително“.
Во Берлин, пишува весникот, беше потпишан акционен план за заедничкиот пазар, како и за размена на студенти. Договорен е и заеднички настап во борбата против илегалната миграција и третманот на пластичниот отпад.
Весникот пишува и дека во „владините кругови во Берлин“ се верува дека во текот на Берлинскиот процес биле постигнати некои работи, како канцеларијата за младинска соработка на RYCO и зелените линии за побрза царинска обработка на стоката.
Друг водечки дневен весник „Зидојче цајтунг“ пишува под наслов „Шолц сака да стапне на гасот“ дека германскиот канцелар се залага за побрзо проширување на ЕУ. Во текстот се додава:
„Идејата на Берлинскиот процес е да се постигне напредок на техничко ниво како што е членството во ЕУ, иако сè уште има нерешени прашања за статусот, на пример меѓу Србија и Косово.
„Рајнише пост“, весник од Дизелдорф, наведува дека „фрустрацијата во балканските држави е висока – особено затоа што Украина и Молдавија, во екот на руската агресија, во рекордно време станаа кандидати за пристап во ЕУ“.
Улф Брунбауер, кој ја проучува историјата на Балканот на Универзитетот во Регенсбург, даде свое мислење во берлинскиот весник „Тагескејтунг“.
Брунбауер вели дека за повеќето земји ваквите конференции се само „задолжителна практика“ за да се привлече некое меѓународно внимание. Тој критикува дека ЕУ применува двојни стандарди – од балканските кандидати се очекуваат реформи во насока на поголема демократија, додека среде ЕУ, во Унгарија, таква демократија нема.
„Зошто има толку висок степен на очекување кон Западен Балкан, кога дури и членките на ЕУ ја уништуваат демократијата?“, прашува професорот.
Тагескејтунг наведува дека канцеларот Шолц се залага за заеднички прием на шесте балкански држави во ЕУ, со цел да се избегнат меѓусебните блокади подоцна. Други, пак, се залагаат за постепен прием, да речеме дека земјите од регионот прво се примени на заедничкиот пазар, а не веднаш во полноправно членство.
Во текстот се додава дека Шолц е особено заинтересиран за српскиот литиум, кој професорот Брунбауер го критикува: „Олаф Шолц ги извезува негативните последици од климатските промени во полуавтократски земји“. Тоа потсетува на германските нафтени договори со земји како Саудиска Арабија“.
Мора да се признае, додава берлинскиот весник, Шолц во понеделникот не ставил акцент на литиумот, туку на проекти кои би можеле да бидат поблиску до граѓаните – укинување на таксите за роаминг во регионот или признавање на дипломите.
„Инаку, ниту ЕУ не е подготвена“
Келнскиот весник „Stadt Anzeiger“ оценува дека во Берлин имало „светлини“, но дека остануваат поголеми проблеми, како што се „етничките конфликти, националните конфликти, корупцијата, сиромаштијата и бегалската рута од Сирија и Африка преку Западен Балкан“.
Тоа што Шолц и Фон дер Лајен шират оптимизам е „ритуал во овој болен процес“, коментира весникот, потсетувајќи дека земјите од регионот чекаат две децении за прием во ЕУ. А Берлинскиот процес постои десет години.
„Но, напредокот е бавен како желка. Повторно и повторно, земјите од Западен Балкан се отфрлаат затоа што нивниот животен стандард е низок, состојбата на демократијата е сомнителна, а националните конфликти меѓу нив се премногу незгодни. Инаку, ниту ЕУ не е подготвена“, пишува Келнскиот весник.
Се проценува дека, додека во Брисел владее принципот на едногласно одлучување, никој нема да го прошири кругот на членови од 27 на 33, прифаќајќи нови комплицирани партнери.
„Во Косово има уште 3.500 војници на НАТО – за заштита од Србија. И не сите членки на ЕУ го признаа Косово. Значи не може да функционира под заеднички покрив на ЕУ“.
Коментарот се заокружува со фактот дека се уште е добро што перспективата за влез во ЕУ е сè уште отворена. „Затоа што алтернативата е овие земји да го следат повикот на Русија. Тоа би било катастрофа за ЕУ“.
Берлин Моргенпост пишува, коментирајќи ја „загрижувачката ситуација“ пред се во Србија, дека приказните дека перспективата за полноправно членство ќе ги повика државите од регионот кон функционална демократија без корупција се застарени и неуспешни.
„Време е двете страни да играат со отворени карти. Наместо да се работи на полноправно членство, како да градат павилјон ни на небо ни на земја, треба да се развиваат реални алтернативи. На балканските држави треба да им се понуди привилегирано партнерство со учество на заедничкиот пазар, но без право на глас и целосно политичко учество во ЕУ“.
Според берлинскиот весник, двете страни би добиле нешто од тоа. „Држењето на процесот на проширување, кој по децении не донесе успех, само ќе создаде разочарување и ќе му наштети на кредибилитетот на ЕУ“, се додава во текстот.