Со изложба на дела од колекцијата на Остен Музејот на цртеж на добитниците на главните награди, великаните Пјер Сулаж и Хенри Мур, започнаа активностите со кои Остен – уметност на хартија го одбележува големиот јубилеј – 50 години Светска галерија на карикатури и го најавува претстојното Остен биенале на цртеж – Скопје 2018
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Не е никаква новина ако наново биде забележано дека оваа година е посебна за ОСТЕН уметност на хартија и воопшто за ликовната уметност и македонската култура. Така во периодов што претстои ќе биде одбележан големиот јубилеј на една од главните активности на ова асоцијација – 50 години Светска галерија на карикатури и ќе биде одржано редовното издание на Остен биенале на цртеж – Скопје 2018.
Светската галерија на карикатури е основана од прогресивната меѓународна заедница на шестите по ред Средби на солидарност во Скопје во 1969 година. Со тоа градов стана важна референтна точка на оваа дејност на мапата на светот.
„Фактот што голем број најзначајни македонски карикатуристи, уметници, писатели и општествени дејци биле вклучени во развојот на Светската галерија на карикатури како великанот Блаже Конески, „кум“ на името на манифестацијата, потем големите Славко Јаневски, Ацо Шопов, Владо Малески, Василије Цицо Поповиќ, Панде Јаревски, Миле Попоски, Дарко Марковиќ, Владо Јоциќ, Дукан Јелен, Ефтим Проевски, Димитар Чудо, Ане Василевски, Мице Јанкуловски…и други, претставува голема обврска, но и мотив одбележувањето на годишнината да се организира најдостоинствено. Со цел 50 годишнината од Светската галерија на карикатури да биде трајно забележана во културниот и општествениот живот на нашата и меѓународната заедница,
ОСТЕН ќе организира документарна изложба, ќе издаде публикација и ќе продуцира документарен филм „50 години Светска галерија на карикатури (1969 – 2019)“, истакнува карикатуристот Драган Поповски, инаку автор на текстот во монографијата што допрва треба да биде публикувана.
За промоција и на обете активности, како што велат од Остен, планирана е богата програма што ја чинат изложби, церемонија на доделување на награди и признанија и промоција на публикации од издавачката дејност на Остен. Она што е, пак, посебно интересно за публиката и за проследувачите на уметноста е дека официјалната програма ќе се одвива цели три месеци – од 13 септември до 13 декември 2018 во галерија ОСТЕН, во Национална галерија на Македонија – Чифте амам и во ЕУ инфо центарот во Скопје.
„Се разбира ова се само завршните настани. Во текот на целата година, односно две години наназад се работеше на прибирање на пријавите од уметниците, селектирање на материјалите, жирирање и за на крајот да дојдеме до објавување на резултатите од Биеналето на цртеж. И, колку за потсетување во март годинава ние официјално ги објавивме и главните награди на Биеналето – Пјер Сулаж, францускиот уметник и добитник на наградата за животно остварување и Хенри Мур од Велика Британија кому му припадна признанието за светско културно наследство“, вели Корнелија Конеска, извршна директорка на Остен.
Таа и со информација дека Остен биеналето на цртеж од година во година бележи се поуспешни резултати, за што говорат и бројките. Така годинава пристигнале пријави од 868 автори од 61 земји од светот со дури 2317 испратени дела. За нив одлучувало меѓународно жири во кое биле Манос Стефанидис од Грција, професор на државниот универзитет во Атина и куратор на Националната галерија на Грција, нашата Соња Абаџиева – историчар на уметност, куратор и ликовен критичар и Мелани Зеферино од Италија, теоретичар и куратор со крос-дисциплинарна заднина, згора куратор на Биеналето на современа уметност во Фиренца.
Според нив доделени се и две посебни Гран при награди. Врвниот македонски уметник и професор Родољуб Анастасов е добитник на Посебно Гран при за извонредни уметнички достигнувања, а Гран при за придонес во светската уметност му е доделено на Пасквале Целона од Италија.
Од друга страна Себастијан Лубински од Полска е добитник на првата награда за цртеж, Олга Тобрелуц од Русија – прва награда за графика, Барбара Крол од Германија – прва награда за сликарство на хартија, нашиот „Британец“ Петре Николоски е овенчан со прва награда за оригинално дело од хартија, а Агњешка Јанкиевич од Полска е прогласена за најдобар млад уметник на Биеналето на цртеж.
Тука не е и крајот. Доделени се и три посебни награди и тоа на Дарко Талески од Македонија, Херман Нордермен од Холандија и Анахита Јунеси од Иран и едно посебно признание на Дорота Комар Змислони од Полска.
„Во соработка, пак, со Светската асоцијација на визуелни уметности традиционално се доделуваат и награди на Остен – биеналето на цртеж. Наградата Уметник на светот на Франко Векиет од Италија и рамноправни три награди „Млад балкански уметник“ на Тијана Којиќ од Србија, Трајана Панајотова од Бугарија и Кристина Ѕани од Грција. Награди „Златен остен“ добија Ева Францова од Чешка, Нина Ансари од Германија, Светла Радулова од Бугарија, Сузана Мартин Виларубиа од Шпанија и Ахмед Албајрак од Турција“, информира Конеска.
Конечно, овојпат награда „Остен“ добија Босук Ли од Јужна Кореја, нашиот Милан Андов, Харис Кондосфирис од Грција, Ангел Паневски од Германија и Јулио Гарај Теразас од Перу. Наградата за легат му припадна на Невзат Бејтули Кица од Македонија, наградата за индивидуално претставување на Хелен Шулкин на Германија, а уметниците од Бугарија го добија признанието за национално претставување.