Светските лидери и преостанатите ветерани се собраа во Франција за да ја одбележат 80-годишнината од слетувањето на сојузничките трупи на плажите на Нормандија, познат како Денот Д. Потоа повеќе од 150.000 сојузнички трупи пристигнаа во Франција по море и воздух за да го зададат последниот удар на нацистичка Германија
КРИСТОФ ХАЗЕЛБАТ
Тоа беше најголемото поморско истоварување во историјата. Операцијата „Оверлорд“, слетување на сојузничките трупи во Франција окупирана од Германија, беше планирана и вежбана во Англија со месеци. Почетокот на операцијата беше одложен поради лошите временски услови, но на 6 јуни 1944 година, кој беше наречен Ден Д, се беше подготвено, пишува Дојче веле.
Илјадници бродови, со воздушна поддршка, испловија од англискиот брег и превезоа околу 150.000 војници од САД, Велика Британија, Канада и други сојузнички земји до бреговите на Нормандија. Нивната цел беше да ја ослободат Франција и да навлезат во Германија со цел да се стави крај на нацистичкото владеење во цела Европа.
Адолф Хитлер, кога дознал за инвазијата, наводно рекол: „Се додека тие беа во Англија, не можевме да ги фатиме. Сега конечно се таму каде што можеме да ги победиме“.
Вермахтот се подготвуваше за таа битка. Нацистите го обезбедија целиот брег на окупирана Франција со бункери и топовски гнезда – тоа беше таканаречениот Атлантски ѕид. Сепак, нивните трупи беа главно концентрирани на погрешно место – во близина на Кале, каде Ла Манш е најтесен. И така паднаа на финтата на сојузниците.
ТЕШКИ ЗАГУБИ НА ДВЕТЕ СТРАНИ Тоа беше битка во која двете страни претрпеа големи загуби. Германците пукаа од своите позиции кон војниците кои се симнуваа. Жестоки борби се проширија во селата и градовите во внатрешноста на плажите.
Единствениот адут на Германците, кои бројно и материјално беа послаби, беа задните тенковски единици. Хитлер лично го командувал нивното движење – но тоа го направи предоцна. Воениот историчар Питер Либ тоа го објасни за ДВ со многу банална причина: Хитлер имал навика да остане буден долго време ноќе и да станува од кревет само околу пладне.
Така беше и на 6 јуни 1944. „Во текот на утрото, кога тенковите требаше брзо да се внесат во битка, Хитлер сè уште спиеше. Никој не се осмели да го разбуди, а високата команда на Вермахтот немаше храброст да нареди тенковите сами да се раздвижат“.
Наредбата на Хитлер дека не смее да има отстапување се покажа како фатална. „Нема повлекување, ќе застанеме и ќе се бориме – или ќе умреме. Но, ништо не помогна – германската армија беше збришана. „Сојузниците победија затоа што имаа супериорност на море и затоа што постигнаа ефект на изненадување и се подготвуваа за тој ден со месеци“, вели Либ.
Париз беше ослободен на 25 август. Набргу потоа заврши германската окупација на Франција. Сепак, бројот на жртви во текот на тие неколку недели по слетувањето на двете страни беше огромен – вклучително и меѓу француските цивили. Во борбите загинаа десетици илјади германски и сојузнички војници, а загинаа и илјадници цивили. А Втората светска војна продолжи девет месеци потоа и однесе милиони жртви.
ПРОСЛАВА СО ПОРАНЕШНИОТ НЕПРИЈАТЕЛ И сеќавањето на Денот Д има своја историја. За поранешните сојузници, 6 јуни наскоро стана редовен датум за церемонијата во Нормандија. На него секогаш присуствуваа ветерани, британската кралица, претседателите на Франција и САД, како и шефови на држави или влади на други земји.
Долго време немаше место за претставници на Германија. Тие самите така гледаа. Германскиот канцелар Хелмут Кол изјави во 1984 година: „За нас нема причина да слави на начинот на кој другите ја слават победата во битката во која загинаа десетици илјади Германци“.
Сепак, тој не беше ни поканет. „Кол дојде од генерација која беше многу обележана со војна“, вели воениот историчар Питер Либ. „Тој беше тесно поврзан со воената генерација. И за неа, дури и во 80-тите, беше незамисливо да се слави заедно со американски, британски, француски војници“.
Оттогаш полека се воспоставуваше наратив според кој „истоварувањето во Нормандија беше и почеток на крајот на германскиот Рајх – а со тоа и почеток на демократијата во Германија“.
Првиот канцелар кој отиде на церемонијата беше Герхард Шредер во 2004. Денеска учеството на шефот на германската влада на таа церемонија повеќе не е доведено во прашање. Така, таму ќе биде и канцеларот Олаф Шолц.
ОВОЈ ПАТ – БЕЗ РУСИЈА Едно од најконтроверзните прашања е со недели: дали на церемонијата треба да присуствува и претставник на Русија. Порано тоа се земаше здраво за готово. Денот Д го означи создавањето на „втор фронт“ во војната, кој советскиот шеф на државата Јосиф Сталин го бараше од 1941 година за да се намали притисокот врз Русија. Советскиот Сојуз претрпе најголеми загуби од сите учесници во војната со 20 милиони мртви.
За да го признаат советскиот придонес во победата над нацистичка Германија, француските домаќини го поканија рускиот претседател Владимир Путин за 60-тата, а потоа и 70-годишнината во 2014 година – само неколку недели по руската анексија на Крим. „По 1989/90 година се создаде голема еуфорија во очекувањето дека ќе завладее поголем мир во светот и дека Русија како демократска земја ќе се приклучи на западниот социјален модел“, вели Питер Либ. „Ама најдоцна до 2022 година основните предуслови беа целосно променети“.
Француските домаќини сакаа да го поканат барем рускиот амбасадор во Париз на церемонијата. Тоа не им се допадна на Вашингтон, Лондон, па дури и на Берлин. Французите потоа се предомислија, па Русија нема да има свој претставник на церемонијата. Образложението на Елисејската палата гласеше: „Со оглед на војната во која Русија ја нападна Украина, која дополнително се разгоре во последните недели, нема соодветни услови за тоа“.
Наместо тоа, украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе отпатува во Франција. Таму ќе им оддаде почит на војниците кои загинаа во операцијата „Оверлорд“ заедно со домаќинот, претседателот Емануел Макрон, американскиот претседател Џозеф Бајден, британскиот принц Вилијам, германскиот канцелар Олаф Шолц и други државници. И секако, со некои од последните преостанати ветерани.