Фашистите што ги убија ваташките младинци беа осудени и стрелани пред илјадници луѓе во Кавадарци! Тоа е точно, како и фактот дека учеството на домашните предавници е очевидно и познато! Исто така, факт е дека ВМРО нема никакво учество во антифашистичката борба и за тоа сведочат сеќавањата на бројните активни учесници во борбата на македонско тло!
Бугарските фашисти на 16 јуни 1943 година ги стрелале Перо Илов, кој бил најмал со 15 години, Ванчо Гурев, Данко Давков, Илија Димов, Ристо Гондев, Блаже Ицев, Пане Мешков, Герасим Матаков, Диме Чекоров, Пане Џунов, Ферчо Попѓорѓиев и Васо Хаџи-Јорданов, кој со дваесет и осум години бил најстар во групата.
По капитулацијата во 1944 година, тогаш добрососедската држава го признала масакрот, испорачувајќи ѝ ги на Македонија директните извршители на стрелањето во Моклиште. По некои изјави тоа гов сториле и наши иселеници во Софија а има и тврдења дека еден од нив, потписникт на наредбата бил киднапиран и донесен во Кавадарци.
НАСТАН ОПИШАН ОД АЦО ШОПОВ И ГОГОВ Големиот македонски поет Ацо Шопов за овој настан меѓу другото ќе напише: „Јуни. Тиквешко. 1943. Окупаторот беснее од немоќ. Ништо не го запира победоносниот разгор на сенародната борба. Ни јавните закани, ни затворите, ни претепувањата, ни убиствата одненадеж, во постела – дома, на нива, – во полето. Секоја закана е стократен гнев, секое убиство – повик за слобода. Тежи воздухот од одмазда, одмаздата му тежи на врагот. Над Ваташа се вгнездува ноќта, во ноќта се вгнездува врагот. Селото заспива опкружено од дива глутница. А во раниот изгрев – дванаесет удари со кундаци на дванаесет ваташки порти и стравотен кучешки лај. Викотници, писоци, пцости. Дванаесет врзани младинци во селската кафеана…“ Потоа пишува за сите дванаесет одделно, и на крајот, по потресната сцена на стрелањето, го завршува својот текст со „непрегледната сончева колона“: „Ако не ве препознаат мајките, ќе ве препознае земјата, ќе ве препознае колоната во која мртви чекорите, непрегледна сончева колона на младоста.“
Според Раде Гогов, сведок на настаните од 1943 година, на 16 јуни 1943 година, по неуспешниот обид за деноноќна осумдневна офанзива од 7 до 15 јуни за да ги уништи партизанските одреди „Добри Даскалов“ и „Сава Михајлов“, кои оперираат во Тиквешијата, бугарските окупатори со големи воени и полициски сили извршиле блокада на Ваташа, Кавадарци ина Неготино:
„Бугарскиот окупатор во таа акција уби неколку партизани во заседа, две мајки на партизани и уште неколку лица, што беше малку за нивниот план да го уништат движењето. Бугарскиот окупатор и неговите разбеснети војници и полицајци во Тиквешко го запомнаа оружјето на Македонците.
За осум дена колку што траеше нивната офанзива до стрелањето на ваташките деца, триесет окупаторски војници и полицајци ги оставија коските во земјата што им беше туѓа, не нивна, а педесет ќе носат белези по телата, главите и нозете сѐ додека се живи.
СРЕДБА НА СОФИСКИТЕ УЛИЦИ Полковникот Апостолов, оној што ја даде наредбата за стрелање на младинците, по капитулацијата на Бугарија на 9 септември 1944 година, успеа да избега во Софија. Неколку дена потоа некој Тиквешанец, кој бил интерниран во Бугарија, го сретнал на улица и со помош на неколкумина другари го фатил и го однел во македонската народноослободителна бригада ’Гоце Делчев‘. Крвникот сѐ уште носел полковничка униформа, како што стои во едно сеќавање објавено во „Нова Македонија“. . По налог на новата бугарска отечественофронтовска влада го спровеле во Скопје, а потоа во Кавадарци. Кога за тоа разбрале мајките на стреланите деца веднаш пристигнале во Кавадарци, влегле во затворот и за малку ќе го отепале. Тој е изведен пред народниот суд, во салата на монополот, и е осуден на смрт со стрелање. Го воделе пеш кон Возарци на околу еден километар од градот, а војниците од народната одбрана одвај успеале да го спасат од народот. Кога му ги врзале очите и го наместиле пред ископаниот гроб, стотици камења летнале кон него, врз човекот што не беше тоа. И другите виновници поминаа исто или слично. Поручникот Костов и Петко Оприков беа ликвидирани, додека Димитар Раев, Асен Богданов и Борис Жуглов беа осудени на смрт во Скопје и стрелани“, пишува првоборецот Раде Гогов.
Лидерот на политичката партија ГДУ, Петар Колев во интервју за Канал 77 изнесе едно ново светло во врска со збиднувањатa за масакрот во с.Ваташа, Кавадаречко:
„Масакрот во Ваташа е сторен на идеолошки основи, не на етнички, фашисти стрелале комунисти, тој што стрелал е Македонец од Крива Паланка, потоа во 1948-ма е осуден за воен злосторник и е убиен со стрелање во Кавадарци. Ова македонската јавност или не го знае или го заборава. Значи фашизмот не е етничка појава туку е идеолошка, фашисти биле дел од Бугарите, дел од Македонците и делови од Србите, Хрватите, Албанците па се до Германците, Италијаните итн итн…
КОИ СЕ КОМАНДАНТИТЕ? Масакр во Ваташа – крвав настан кој се случил на 16 јуни 1943 година кога биле стрелани 12 младинци од селото Ваташа во близина на Моклиште кај месноста „Чаир“, на 2 км оддалеченост од Ваташа. Колежот го извршила бугарската воjска и полициски одреди на чело со капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов и подофицер Петко Опреков под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. По потекло Апостолов бил од Крива Паланка.
Кој е Апостолов? Тој бил роден на 27 април 1895 година во Крива Паланка, тогава во Отоманската империjа. Тој бил примен во Воено училиште во Софија. Учествувал како кадет во Балканската војна. Во Првата светска воjна служел во Први македонски пешадиски полк на Единаесетта пешадиска македонска дивизија. На 9 март 1916 година, завршил на Военото училиште. По воjната служел во Први софиски пешадиски полк. Во 1928 година бил назначен за раководител на 22-ри граничен полк. Од 1930 година служел во Триесетти полк пешадиски полк, а потоа од 1933 година бил началник на оддел во Армискиот штаб. Во 1939 година бил назначен за шеф на Домот за инвалиди, каде служел на почетокот на Втората светска војна, може да се најде во Википедија.
Од септември 1942 до 1944 година, Апостолов командувал со Педесет и шести велешки пешадиски полк. Во борба против герилските операции, тој наредил стрелањето на 12 млади комунисти од Ваташа, извршено на 16 јуни 1943 година. Тие били локални младинци, помагачи и симпатизери на илегалците и биле приведени во нивните домови истиот ден.
По комунистичкиот пуч на 9 септември 1944 година, Апостолов бил отпуштен од Бугарската армија. Во ноември 1944 година, Апостолов бил уапсен во Бугарија и предаден на комунистичките власти во Југославија. Пред судот рекол дека не учествувал лично во акцијата во Ваташа, но ја издал наредбата за стрелањето, затоа што бил пријавен дека жртвите биле комунисти, заробени за време на битка. Според наредбите што важеле во тоа време во Бугарската армија, Женевската конвенција за воени заробеници не важела за нив и тие требало да бидат стрелани на лице место.
(продолжува)