Гледав дека некои од другарите за последен пат се грчеа по ударите на штиковите. А сите беа речиси деца. Неколкумина од нив имаа рачни часовници, што војниците, откако ги избодија, им ги зедоа – ги ограбија по смртта

Ваташанката Павлина Касапинова, една од четирите девојки што биле со колоната за стрелање, но сепак имале среќа да преживеат, во едно во сеќавање вели: „Неколкумина од другарите имаа часовници. Војниците, откако ги избодија, ги ограбија по смртта!“ Невена и Ката го гледале стрелањето на своите браќа, Васо Хаџи Јорданов и Блаже Ицев. Ката Ицева подоцна има изјавено: „Уште недоубиени, нас, младинките, нѐ тераа да седиме до нив, туркајќи нѐ со пиштолите в рака. Ние мислевме дека и нас ќе нѐ стрелаат и при туркањето бевме испрскани со крвта на нашите браќа и другари“.
И Невена Махајлова Хаџи Јорданова, една од младинките што била во групата, никогаш не го заборави тој 16 јуни 1943 година: „Тргнавме кон месноста Моклиште. Бев изненадена што нѐ водат кон Моклиште, а не кон Кавадарци, како што мислевме, на ново сослушување. Никој немаше низ селото, луѓето не смееја да погледнат ниту низ прозорците. Затоа и никој во Ваташа не знаеше дека нѐ водат кон Моклиште… Беше голема горештина. Полека одевме нагоре, претепани, а бевме и гладни и жедни. Веројатно беше околу 12 часот кога ни пријде поручникот Костов и нѐ праша дали е далеку Моклишкиот манастир. Кога разбра дека има уште еден час одење нареди да се запрат момчињата што беа пред нас. Кога ги стигнавме, видовме дека се бледи и изнемоштени. Не чекаа кај Дуловото Долче, под една сенка. Брат ми Васо му пријде на Орпеков и му рече дека не ја затворил кафеаната. ’Ќе ја затвори татко ти‘, одговори тој.
Потоа наместо во Моклиште нѐ одведоа на една лединка покрај реката Луда Мара, каде што имаше дрвја и грмушки. Момчињата беа клекнати под сенката на едно големо дрво, а ние девојчињата застанавме на 5-6 метри подалеку од нив. Костов, Опреков и агентите се тргнаа настрана и се договараа нешто. Се гледавме меѓу себе. Не ни помислувавме дека никогаш повеќе нема да се видиме. Војската беше во полукруг околу момчињата. На десетина метри зад нив се наоѓаше сувото корито на Луда Мара. Брат ми Васо го познаваше теренот, бидејќи тука имавме нива. Забележав дека сѐ повеќе се врти и погледнува зад себе. Наеднаш стана и, додека џелатите се договараа, почна да бега кон реката. Сѐ се случи за еден миг. Веднаш по него скокнаа и Диме Чекоров и Герасим Матаков, и тие потрчаа кон реката. Непријателот беше изненаден од смелоста на трите момчиња. Слушнав само кога викнаа: ’Стрелајте!‘ Почна страшна пукотница со митралези, пушки и револвери. Видов дека брат ми беше ранет во десното рамо – крв му бликаше нагоре и му поцрвени кошулата. Герасим падна и почна да офка, веројатно беше ранет. Диме за миг исчезна. Другите наши другари, како што беа клекнати попаѓаа од дождот куршуми. Ни глас не пуштија од себе. Од земјата се дигна прашина од куршумите што удираа во неа. Се замагли околу нас од правот и од чадот на митралезите и пушките. Видов како неколку војници и полицајци потрчаа по Герасим и со истрели го дотепаа. Ние четирите девојчиња гледавме како скаменети. Сѐ се случуваше како на сон.
Повторував во себе дека ова не е вистина. Ги затворив очите не сакајќи да верувам во она што се случува пред мене. Не се сеќавам на другите моменти, освен на оној кога првите куршуми почнаа да ги погодуваат другарите. Секој од нив се тргнуваше за миг како да го удира струја. Паѓаа еден покрај друг. Војниците што потрчаа по брат ми Васо, по Диме и Герасим, се вратија и рекоа дека ги убиле. Костов праша дали го убиле Васо, а тие рекоа дека го убиле некаде кон реката. За да се уверат дека се мртви бугарските војници со бајонетите ги бодеа мртвите момчиња право во срцата. Гледав дека некои од другарите за последен пат се грчеа по ударите на штиковите. А сите беа речиси деца. Неколкумина од нив имаа рачни часовници, што војниците, откако ги избодија, им ги зедоа – ги ограбија по смртта. Потоа нас ни наредија да се вратиме во селото. Нашите другари и браќа со кои до синоќа бевме заедно лежеа мртви пред нас. Сите беа погодени и во главите, и уште крвавеа. Пане Мешков, Илчо Димов и Перо Видев, кој имаше само 15 години, беа во првиот ред.
Подоцна со моите плачејќи се вратив на местото на злосторството. Целото село се собра таму. Крај секое мртво тело тажеа неговите најблиски. Плачот одекнуваше надалеку. Таа слика не може да се опише и да се заборави. Брат ми Васо и Диме не можевме да ги најдеме. Дури по подолго барање ги откривме во тревата искасапени. Тоа не беа тела, туку обезличена маса од месо и коски. Потоа малку погоре луѓето ископаа дупка во која ги закопавме мртвите другари еден до друг. Најпрво ставивме јаворови гранки, а потоа со нив и ги покривме речиси голите тела на убиените. Ова монструозно злосторство побуди невидена омраза кон бугарскиот окупатор…“

Генерал Тодор Атанасовски, кој во тој кобен ден бил во Ваташа, запишал: „Стрелањето на ваташките деца не е само бескрупулозно злосторство на бугарските фашистички окупатори врз македонскиот народ и неговата непокорена младост, туку и еден од низата настани што ја означуваат 1943 година како преломна година во подемот на НОВ во Македонија. Окупацијата не е прифатена, бугаризацијата никако, а на ’новиот поредок‘ македонскиот народ му објави војна….“ Во „Билтен“ на Генералниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија од септември 1943 година за масакрот во Ваташа меѓу другото пишува: „Тие се изрешетани со куршуми од митралези, па се после исечени и избодени, на некои им се вадени очите и сечени рацете. Младинките се стуткуваат една кон друга, а Костов со шмајзер и револвер, на кој сѐ уште му чади цевката, им се заканува. Гледајте и вас ќе ве снајде истото“.
Глигор Гечевски-Ивче, партиски активист и партизан, а по војната службеник на УДБА, кој со уште двајца други колеги го испитувал полковникот Апостолов, пред судењето во Монополот, потврдува: „Беше осуден на смрт на 21 јануари 1945 година. Пресудата беше извршена на 1 февруари 1945 година во присуство на илјадници луѓе. Беше неделен ден.“ Значи, две години по масакрот, Народниот суд во НР Македонија ги осудил на смрт главните раководители и учесници во оваа акција: полковникот Љубен Апостолов, капетанот Борис Жеглов, поручникот Костов и подофицерот Петко Опреков. Пред тоа сите тие се предадени од новата влада на Бугарија на југословенските власти за судење како фашисти. Војниците од стрелачкиот одред, кои биле директни учесници во крвавото злосторство, ја добиле заслужената казна во борбата кај селото Страмашево на 13 јули 1944 година. Два баталјона на Втората македонска ударна бригада во жестоката акција успеале да ликвидираат четириесетина бугарски војници од оваа злогласна единица, а само неколкумина успеале да се спасат со бегање.
Поручникот Костов и помошниот на полицискиот началник од Кавадарци, Опреков, биле ликвидирани наскоро по капитулацијата на фашистичка Бугарија. Полковникот Апостолов на 3 ноември 1944 година го откриле македонските емигранти во Софија и го привеле во штабот на македонската народноослободителна бригада „Гоце Делчев“. Бил донесен во Кавадарци. Тука му било судено како на воен злосторник. Кавадаречкиот народен суд го осудил на смрт, а му пресудил народот од овој крај. Обласниот полициски инспектор Димитар Раев и агентот Борис Жуглов биле стрелани, откако биле осудени на смрт во Скопје.
Бугарската администрација во Софија го одобрила крвавиот план за Ваташа!

Бугарскиот фашистички окупатор, имајќи сознанија за активностите на партиската организација од Ваташа, презел низа мерки за да го спречи народноослободителното движење на Македонците. Затоа од Скопје во Ваташа во јуни 1943 година бил испратен бугарскиот областен директор Димитар Раев. Имајќи предвид дека ја губи контролата врз безбедноста во овој крај, тој се одлучил да преземе безмилосна и крвава акција. За таа идеја, според историските документи, го известил и министерот за внатрешни работи во Софија со телеграма во која кажал дека ќе дејствува со јаки воени и полициски сили. Во акцијата биле вклучени велешкиот, битолскиот и прилепскиот полк, граничните подучастоци од Конско и Мрежичко, сите полициски сили од Тиквешијата и Гевгелиско, специјалниот полициски одред од Скопје, една група од пет-шест полициски агенти од Скопје на чело со Борис Жуглов, а сите тие биле под команда на злогласниот бугарски полковник Љубен Апостолов.
Според Петре Камчевски, историчар од Кавадарци, веднаш по доаѓањето на сите овие сили, започнал невиден терор врз цивилното население. Тоа започнало со претреси по куќите, психолошко заплашување со надлетување на авиони, исфрлање летоци со пропаганден материјал за масовно предавање на партизаните. Потоа биле запалени куќи и плевни во селата Ваташа, Ресава и Шивец. Теророт кулминирал со егзекуции. Бројот на стреланите се зголемил на речиси шеесет лица од кои пет во Кавадарци, четири во Неготино, четири во Шивец, по пет во Дреново и Мрамор… Полициските мерки во овој крај биле особено засилени на 14 јуни 1943 година, а врв на сето тоа бил крвавиот настан од 16 јуни 1943 година кога биле стрелани 12 младинци од Ваташа, меѓу кои имало и деца што немале наполнето ни 15 години.
(продолжува)